Достапни линкови

Неделен печат - Макептрол и мигрантска криза


Фокус прашува „дали Фамилијата влегува во бизнисот со нафта“, анализирајќи ги кривичките пријави против директорот на Макпетрол, а Република се осврнува на мигрантската криза.

Фокус - Робустен влез во нафтениот бизнис

Станува прилично јасно дека дпмневскиот „оркестар за свадби и погреби“ спрема јасна и прецизна акција за „Робустен влез во нафтениот бизнис“.
Фокус.

Дали Фамилијата влегува во бизнисот со нафта? Ова е прашањето на насловната на најновиот Фокус, заедно со фотомонтажа на ликот на премиерот Груевски во униформа на работник на бензиска пумпа. Во уводната колумна „За нештата да станат појасни“, авторот пишува дека станува прилично јасно дека дпмневскиот „оркестар за свадби и погреби“ спрема јасна и прецизна акција за „Робустен влез во нафтениот бизнис“. Но, за уводничарот е нејасно зошто токму сега, во неповолен политички моментум на преродбата, е избран тајмингот за директорска сеча во „Макпетрол“ и зошто, како што пишува, „надобудните чувари на криминалот од ВМРО-ДПМНЕ оставија една фирма, „Оилко“, речиси 8 години да работи во некаква сива зона! Особено компанија која е изнедрена од олигархиската шема на Црвенковски!“ Фокус потоа ги наведува и страничните ефекти, многу важни, како што вели, за преродбата: прво, промена на политичката сцена и повторно влегување во офанзива толку типична за 9-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. На една страна чук-чук по новите прозорци по училиштата и „алал вера“ од пропагандата по владините телевизии за недобројните инвестиции во најава, а на друга, бескомпромисна битка со криминалот и корупцијата. Втората позначајна порака што се испраќа со „случајот Макпетрол“ е да се покаже и цврстината на вмровската рака, дури и во едно вакво, за нив, политичко невреме. „Нарушениот мит за непобедливоста бараше и бара силна симболика за враќање на политичката моќ, не само меѓу членството, ами многу повеќе кај окуражените и сè позборлести бизнисмени, кај кои, видливо, по бомбите на Заев се почувствува едно олеснување. Како почеток за излез од 9-годишниот јарем во кој бизнисмените, под маса го пцуеја, ама јавно најчесто му аплаудираа на Груевски“, пишува покрај другото Фокус.

Но, и покрај таа опасност, порачува авторот, македонските власти не смеат да ја променат својата засега умерена политика на однесување кон бегалците затоа што најголем дел од нив навистина бегаат од смрт и разорување, нешто што во неколку наврати го доживеале и Македонците.
Република.

Република - Повеќе од 4.000 припадници на ИСИС веќе стационирани во Европа

Република не го третира „случајот Макпетрол“ туку другата топ-тема во милјето на случувања во земјава: мигрантската криза. И, во согласност со својата уредувачка ориентација, користи можност да ги нападне опозициските медиуми, „платениците на Сорос“, како што редовно ги нарекува, дека не ни помислувале да напишат збор критика за непрофесионалниот однос на западноевропските, особенона германските медиуми, кои ја напаѓаат државава и македонската полиција дека нехумано се однесува спрема мигрантите. Во друг текст во Република, авторот се повикува на поранешен оперативец на сириската тајна служба, кој сега работел за потребите на ИСИС, кој на западноевропски колеги им пренел шокантни информации дека повеќе од 4.000 припадници на организацијата Исламска држава се веќе стационирани во Европа. Но, и покрај таа опасност, порачува авторот, македонските власти не смеат да ја променат својата засега умерена политика на однесување кон бегалците затоа што најголем дел од нив навистина бегаат од смрт и разорување, нешто што во неколку наврати го доживеале и Македонците.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG