Достапни линкови

„Илинденски денови 2015“ – Воспевање на традицијата и „Шербет Љубојна“


Над илјада учесници од 30 ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија и пет атрактивни фолклорни дружини од Полска, Италија, Романија, Србија и од Хрватска, ќе настапат на годинешното јубилејно 45-то издание на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, што од 28 јули до 1 август ќе се одржи на неколку локации во Битола. Во рамките на случувањето планирано е да се одржат и придружните манифестации „Оро на Широк сокак“ и „Ехо од дамарите“, а свеченото затворање ќе им припадне на членовите на групата ЉУБОЈНА и кларинетистот Исмаил Лумановски и нивниот нов заеднички чалгиски проект.

Во Битола наново ќе се слави и воздига фолклорната традиција. Во градот под Пелистер, од 28 јули до 1 август, ќе се одржи јубилејното 45-то издание на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, еден од најстарите во нашата земја. И на него овојпат, како што информираат од НУ Центар за култура – Битола, организатор на манифестацијата, на неколку сцени ќе настапат повеќе од 1000 учесници од 30 ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија и пет атрактивни фолклорни дружини од Полска, Италија, Романија, Србија и од Хрватска.

„Фестивалот „Илинденски денови“ и за јубилејот го задржува својот основен концепт да биде стожер на духовното поврзување на Македонците од целиот свет, огледало на мултикултурата на Република Македонија, да воспоставува духовен мост со светската културна традиција и секако да ја презентира сценски богатата македонска традиција. Затоа е ословуван и како „Чувар на традицијата“, но и преку настапите на интернационалните групи кои што се дел од програмата оваа манифестација се грижи и за презентацијата и на фолклорното наследство на земјите од каде што ни доаѓаат тие учесници“, истакнува Борче Димитровски, директор на Центар за култура – Битола.

Фестивалот „Илинденски денови“ и за јубилејот го задржува својот основен концепт да биде стожер на духовното поврзување на Македонците од целиот свет, огледало на мултикултурата на Република Македонија, да воспоставува духовен мост со светската културна традиција и секако да ја презентира сценски богатата македонска традиција.
Борче Димитровски, директор на Центар за култура – Битола.

Тој дополнува дека белег на овој фестивал во изминатите пет изданија се и придружните манифестации како инструменталната вечер „Ехо од дамарите“ и „Оро на Широк сокак“ со кој ја исполнуваат заложбата повторно да ја разиграат Старата битолска чаршија. Вели дека отворениот концепт на Фестивалот, од свеченото дефиле по Широк сокак, преку настаните на Ракометното игралиште, во Офицерскиот дом, на плоштадот Магнолија и се до користењето на просторот на Старата битолска магаза, овозможува случувањата да се одвиваат на повеќе сцени кои имаат за цел да го анимираат вниманието на граѓаните и многубројните гости.

Сепак, како посебност во случајов, Димитровски го издвојува свеченото затворање на „Илинденски денови“ кое е планирано да се одржи на 1 август со вистински спектакл на групата ЉУБОЈНА, кларинетистот Исмаил Лумановски и нивната тајфа свирачи. Тие во магичниот амбиент во античкиот театар на археолошкиот локалитет Хераклеа ќе го реализираат својот нов проект „Шербет ЉУБОЈНА“ кој што ја слави богатата чалгиска традиција во времево во кое битисаме.

„Ако пред неколку години на затворањето на „Илинденски денови“ ја имавме „ЉУБОЈНА брас фантази“, во оваа пригода ќе ги имаме врвниот инструменталист со завидна интернеационална кариера Исмаил Лумановски, ЉУБОЈНА и тајфата чалгии, кои што ќе направат еден специјален амбиент и вистинско уживање за многубројната публика како што впрочем и доликува на фестивал со толку богата традиција.“

Кон ова само уште информацијата дека републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура и општина Битола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG