Достапни линкови

За странските инвеститори мајка, за домашните маќеа


Со законските измени се овозможува странските компании од слободните зони да продаваат на домашниот пазар, иако еден од условите за да ги добијат сите царински и даночни ослободувања е токму забраната за продажба на производите во земјава.

Продлабочување на нелојалната конкуренција или поттикнување на трговската соработка меѓу македонските компании и корисниците на слободните зони? Со предложените измени на Законот за ДДВ, кои се во собраниска процедура, меѓу другото се предвидува внесувањето на стоки од слободните зони во земјата, да не се третира како увоз.

Нелојалната конкуренција којашто им се сервира на нашите компании на надворешниот пазар, бидејќи светот е глобален тоа не може да се изолира, сега нелојалната конкуренција се проширува и на домашниот пазар, затоа што сите овие компании од слободните зони се формирани со огромни бенефиции од страна на државата, платени од даноците на граѓаните на Република Македонија.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

Според предложените измени, „за увоз на добра не се смета прометот на добра со статус на домашна стока согласно Царинскиот закон, кој се врши со надомест, а кои се превезуваат или испраќаат од слободните зони во земјата, и истиот се смета за промет остварен во земјата“.

Експертите објаснуваат дека со оваа измена се овозможува странските компании од слободните зони да продаваат на домашниот пазар, иако еден од условите за да ги добијат сите царински и даночни ослободувања е токму забраната за продажба на производите во земјава.

Во образложението за измените се наведува дека со нив „се поттикнува и административно олеснува трговската соработка при промет со добра од компании од земјата со корисници на слободна зона и обратно“.

При секој поранешен увоз на репроматеријали, машини и сè друго, кои биле наменети за процес на производство во зоните биле безусловно ослободени, но само под услов да оперираат во зона.
Абдулменаф Беџети, академик.

Економистите со кои разговаравме велат дека владата се труди да ја прошири даночната основа со оглед на тоа што има проблем со полнењето на буџетот и буџетскиот дефицит. Впрочем, податоците на Министерството за финансии покажуваат дека во првите пет месеци приходите од ДДВ во државната каса се намалени за 5,9 отсто во споредба со истиот период лани и изнесуваат 269,5 милиони евра.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев вели дека со овие измени се озаконува и продлабочува нелојалната конкуренција, односно им се дава дополнителна предност на компаниите во слободните зони, наспроти домашните компании.

„Нелојалната конкуренција којашто им се сервира на нашите компании на надворешниот пазар, бидејќи светот е глобален тоа не може да се изолира, сега нелојалната конкуренција се проширува и на домашниот пазар, затоа што сите овие компании од слободните зони се формирани со огромни бенефиции од страна на државата, платени од даноците на граѓаните на Република Македонија“, вели Гошев.

Академик Абдулменаф Беџети се согласува дека целта на владата е да собере што повеќе пари од ДДВ. Ако веќе им се дозволува на компаниите од зоните да продаваат на македонскиот пазар, тогаш е нормално да платат и ДДВ, вели тој.

„При секој поранешен увоз на репроматеријали, машини и сè друго, кои биле наменети за процес на производство во зоните биле безусловно ослободени, но само под услов да оперираат во зона. Во моментот кога излегуваат од зоната, било во извоз, било на внатрешниот пазар, извозот е ослободен од давачки, а на внатрешниот пазар подлежи на давачки како и секој друг увозник кој не оперира во зоната, бидејќи тогаш влегува во правниот промет во земјата“, вели тој.

Освен тоа, измените предвидуваат и компаниите што им продаваат на странците во зоните стоки во вредност до 60 илјади денари, на остварениот промет да плаќаат ДДВ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG