Достапни линкови

Нуланд повика на решавање на кризата веднаш


Американската дипломатка Викторија Нуланд, која денеска се сретна со политичките лидери во земјава, рече дека верува оти постои политичка волја за излез од кризата.

Постои политичка волја за надминување на кризата и остануваат отворени уште неколку прашања, изјави помошник државниот секретар на САД, Викторија Нуланд по средбата со премиерот Никола Груевски во македонската влада. Нуланд, која денеска имаше средба и со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, порача и дека што поскоро се реши политичката криза, толку побрзо земјата ќе може да се врати на евроатланскиот пат.

Јас верувам, врз основа на консултациите кои ги имав денеска тука со сите политички лидери, меѓу кои и премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, дека постои политичка волја за решавање на проблемите. Што побрзо го направите тоа, толку побрзо може да се вратиме на стариот пат за решавање на проблемите на луѓето.
Викторија Нуланд, помошник државен секретар на САД.

„Ние силно го поддржуваме она што беше договорено на 2 јуни, останаа само неколку прашања да се завршат. Еврокомесарот Јоханес Хан утре ќе биде во земјата и ние силно ги поддржуваме тие разговори. Јас мојот ден го поминував разговарајќи со сите клучни политички лидери, меѓу кои и премиерот, за намалување на разликите со цел да биде постигнат договор за земјата да може да продолжи напред и да работи на медиумите, судството и изборниот процес и останатите прашања кои загрижуваат, до наредната пролет“, изјави Нуланд.

Таа порача и дека сега е моментот за изнаоѓање на решение за политичка криза и на САД им е драго што се вклучени во преговорите заедно со ЕУ.

Евроатланските вредности ни се водилка и во разрешување на тековните политички премрежја чие решение е единствено можно како правен, институционален и политички процес во согласност со уставниот поредок и воспоставените начела на демократија и владеење на правото.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

„Јас верувам, врз основа на консултациите кои ги имав денеска тука со сите политички лидери, меѓу кои и премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, дека постои политичка волја за решавање на проблемите. Што побрзо го направите тоа, толку побрзо може да се вратиме на стариот пат за решавање на проблемите на луѓето, односно да се вратите на растот на земјата, инвестициите и сè останато што Македонија и луѓето ќе ги направи силни и обединети. Тоа е она што САД го посакуваат за земјата“, изјави Нуланд.

Груевски вели дека заеднички констатирале оти односите меѓу двете земји се одлични и засновани врз континуиран дијалог и разговарале за што побрзо зачленување на Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ.

„Со госпоѓа Нуланд разговаравме и за актуелните внатрешно политички состојби и предизвици во Македонија. Евроатланските вредности ни се водилка и во разрешување на тековните политички премрежја чие решение е единствено можно како правен, институционален и политички процес во согласност со уставниот поредок и воспоставените начела на демократија и владеење на правото“, рече Груевски.

Според него, грчко-македонските разговори за надминување на разликите за името треба да продолжат преку конструктивен пристап во согласност со демократските принципи и меѓународното право, при што мерките за јакнење на довербата се добар чекор.

Нуланд: Има политичка волја за решавање на кризата
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:26 0:00

Додека пристигнуваше и си одеше Нуланд од Владата, луѓето од кампот на СДСМ извикуваа „Оставка“ и „Нема правда нема мир“ и го вееја македонското, американското и знамето на ЕУ.

Од СДСМ, по средбата на Заев со Нуланд, соопштија дека важно за граѓаните на Македонија е враќање на слободата и демократијата и обезбедување и заштита на човековите права. Во таа насока, како што наведуваат, дејствува СДСМ и инсистира на механизми што тоа ќе го овозможат.

Од ДУИ соопштија дека Ахмети на средбата со Нуланд го оценил како неприфатливо продолжувањето на политичка криза, бидејќи целото општество е во очекување на решение и продолжување на нашиот евроатлантски пат.

На средбата со Нуланд, претседателот на ДПА, Тачи повторил дека во пакетот на реформи бара да бидат вклучуени и целосната употреба на албанскиот јазик во Парламентот, двојно гласање за одобрување на буџетот, како и другите точки од политичката платформа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG