Достапни линкови

Со мигрантите не може само локално


Потребни се глобални мерки и регионална соработка за проблемот со мигрантите, велат од МВР. Експертите во оваа област велат дека има безбедносни ризици кои можат да ги предизвикаат мигрантите.

Проблемот со мигрантите е исклучително сериозен и не смее да биде третиран како локален или регионален, велат од македонското Mинистерство за внатрешни работи. Портпаролот МВР Иво Котевски уверува дека полицијата вложува максимални напори за сузбивање на овој проблем, но во исто време признава дека тој не би можел да се реши без добра координација и соработка со соседните земји.

Доколу сакаме да се најде некое конечно решение, тоа мора да се бара на глобално ниво. Или во зголемување на безбедноста во матичните земји и сопирање на бранот на азиланти или во соодветно регулирање на земјите коишто се крајна дестинација, односно олеснување на процедурите за прием на азиланти.
Иво Котевски, МВР.

„Доколу сакаме да се најде некое конечно решение, тоа мора да се бара на глобално ниво. Или во зголемување на безбедноста во матичните земји и сопирање на бранот на азиланти или во соодветно регулирање на земјите коишто се крајна дестинација, односно олеснување на процедурите за прием на азиланти“, вели Котевски.

Од МВР велат дека соработката на полициите со соседните земји е добра, упатувајќи на потпишаните договори со скоро сите земји, а со кои се регулира и заедничко патролирање на државната граница.

„Единствено таков договор немаме потпишано со соседна Грција и, за жал, во овој момент не би можеле да кажеме дека соработката е на највисоко ниво. Ние цениме дека има простор уште многу да се унапредува. Од наша страна во повеќе наврати се покренувани различни иницијативи за потпишување и промовирање на заеднички договори и активности со грчката полиција, но барем досега немаме одговор од грчка страна“, вели Котевски.

Со оглед на тоа што овој проблем има регионално значење, апсолутно е потребна соработка на органите за внатрешен ред во земјите од соседството, но и со органите кои се занимаваат со проблематиката на згрижување на овие лица.
Благоја Марковски, Балкански форум за безбедност.

Експертите велат дека е потребно зајакнување на контролата на границите, а тоа да се прави во соработка со земјите членки на Европската уУнија, со цел да се спречат илегалните преминувања на мигрантите.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност, вели дека е позитивен владиниот предлог закон за мигранти кој би им овозможил влез на мигрантите во земјава, но со кој истите тие потоа би биле пренесени до крајната дестинација.

„Со оглед на тоа што овој проблем има регионално значење, апсолутно е потребна соработка на органите за внатрешен ред во земјите од соседството, но и со органите кои се занимаваат со проблематиката на згрижување на овие лица како што се социјалните установи, Црвен крст итн. Од тој аспект апсолутно е потребна соработка на меѓународно ниво, односно на ниво на соседните земји“, вели Марковски.

Марковски не ја исклучува можноста од безбедносни ризици кои можат да ги предизвикаат мигрантите. Не е непознато дека со овие луѓе кои од економски или политички причини бегаат од своите земји, доаѓаат и други кои не се наивни или имаат други мотиви.

„Меѓу тие мигранти може да има и лица кои не се само од економски причини избегани, туку од политички причини пребегнуваат или остануваат во одредена земја, пренесувајќи ја својата идеологија. Меѓу нив може да се најдат и лица кои имаат терористички амбиции“, предупредува Марковски.

Дека проблемот со мигрантите не треба да се занемари зборува и неодамнешната репортажа на британскиот Канал 4 за наводно киднапирање на сириски мигранти во земја, кои се држеле во заложништво во куќа во Ваксинце, од страна на албанска мафија во Македонија.

Инаку викендов во Велес беа повредени четиринаесет мигранти откако комбето во кое се превезувале излетало од патот. Синоќа пак, од возот кој сообраќал на релација Гевгелија-Скопје, велешката полиција симнала околу 200 мигранти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG