Достапни линкови

Младинска (не)вработеност


Рубинчо Аризанкоски, претседател на Здружението за помош на социјално исклучени лица и ризични групи „Скорпион“.
Рубинчо Аризанкоски, претседател на Здружението за помош на социјално исклучени лица и ризични групи „Скорпион“.

Високата невработеност, повеќе отколку нискиот доход е клучниот фактор на сиромаштијата, пишува активистот Рубинчо Аризанкоски во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Младите кои бараат работа по завршувањето на високото образование, по веќе неколку конкурирања за работни места, можат да се сретнат со многу препреки и со лажни ветувања од страна на работодавачите и поради ова некои од нив почнуваат негативно да гледаат на работите и немаат мотивација за понатамошната потрага по идно работно место.

Високата невработеност, повеќе отколку нискиот доход е клучниот фактор на сиромаштијата.

Но, невработеноста заедно со високата инфлација во земјата претставува еден од најтешките и најсериозни социјални, економски и политички проблеми, со кои се соочуваат и креаторите на макроекономската политика на која било земја. Високата невработеност, повеќе отколку нискиот доход е клучниот фактор на сиромаштијата. Невработеноста може едноставно да се дефинира како број на лица што се без работа. Ваквата дефиниција би ги вклучила во групата на невработени и младите во предработна возраст, пензионерите, болните, како и лицата што едноставно не сакаат да работат, по според тоа и не бараат вработување.

Како последица на невработеноста е појавата на проблемите кај социјалната патологија, како што се: проституцијата, кражбите, убиствата со финансиски мотив, деликвентноста кај младите, кои се голем товар за државата во целина.

Македонија спаѓа во земјите со највисока стапка на невработеност во Европа. Последните резултати од Заводот за статистика истакнуваат дека невработеноста во земјата е искачена на рекордни 35 проценти. Младите кои бараат работа во земјата се борат да пронајдат работно место со целосно работно време, каде се губи надеж дека такво нешто всушност може и да се случи. Сето тоа е заради недостапноста на системот и на бизнис заедницата.

Многу од младите се толку очајни што дури и воопшто не сакаат да го продолжат своето образование на универзитет или ако тоа се случи тие избираат да одат во странство и таму да го продолжат своето образование. Тука „лежи зајакот“ зошто најдобрите студенти кои можат да дадат голем придонес во земјата заминуваат во странство каде нивниот труд и образование се цени и добиваат работни места според нивните способности и капацитети.

Со самото отворање дебата за младинско вработување или само спомнување на овој проблем меѓу младите полека се оди чекор напред за негово решавање.

Во последно време актуелни се мерките на Владата за намалување на невработеноста на младите кои главно се спроведуваат преку проектот за самовработување. Ова е апсурдна мерка каде младите се задолжуваат кај државата со кредити, за да остварат „право на вработување“, а со основање на свои бизниси корист има исклучиво државата што од друга страна, освен што ќе извлече кредитно задолжување, има можност и да си ги наплати даноците.

Во приватниот сектор се соочуваме со висок степен на дискриминација по етничка основа во процесот на вработување. Најголем пример за дискриминација е ромската заедница, која и важи за заедница која е соочена со исклученост. Различностите кои се застапени во Македонија (етничките, јазичните, верските), во ниеден случај не смеат да бидат пречка за еден млад човек биде вработен. Исполнувањето на квалификациите на поединецот треба да биде клучен фактор за негово вработување или да не се вработи.

Со самото отворање дебата за младинско вработување или само спомнување на овој проблем меѓу младите полека се оди чекор напред за негово решавање. Постојат граѓански организации и синдикати кои сакаат да помогнат, но и да се потполни празнината меѓу младите лица и работодавачите со цел да се изнајде решение за вработување на младите. На овој начин се отвораат можности младите да остварат контакти кои се важни во процесот на барање работа, па дури и да конкурираат во некои од Агенциите за привремени вработувања.

Потенцирам дека невработувањето на младите директно влијае и врз нивниот приватен живот, како и одложувањето на формирањето на семејство кое по природа претставува основен облик за развој на една нација.

XS
SM
MD
LG