Достапни линкови

Попсимонова - Креирање непријатели за криење на економските проблеми


Попсимонова - Креирање непријатели за криење на економските проблеми
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:33 0:00

Попсимонова - Креирање непријатели за криење на економските проблеми

За да се оттргне вниманието од реалните, економските проблеми коишто ги имаме, владата наметнува надворешни проблеми, односно проблеми вон економијата. Креира непријатели во, порано беа етничките заедници, па странски служби, надворешни непријатели и сега сме фокусирани на партиските, вели универзитетскиот професор Гордана Попсимонова во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професорке, напишавте - ставена е конечната дебела црта на поделбата на луѓето на која груевизмот педантно и малициозно работи цели девет години. Имаше антивладин протест, па провладин собир, имаме камп пред Владата, имаме камп пред Собранието. Можно ли е помирување на луѓето, бришење на таа дебела црта за којашто пишувавте?

Дебелата црта на којашто алудирам е многу лесно да се постави во услови кога има девастирана економија, кога луѓето размислуваат исклучително на егзистенцијата и за да се оттргне вниманието од реалните, економските проблеми коишто ги имаме, владата наметнува надворешни проблеми, односно проблеми вон економијата. Креира непријатели во, порано беа етничките заедници, па странски служби, надворешни непријатели и сега сме фокусирани на партиските размирици што би се рекло. Мислам дека во овој момент, за жал, тешко ќе се надминат тие разлики сè додека не се реши коренитиот проблем, како што реков, сè додека народот, граѓанинот не почне да размислува за нешто повеќе од тоа како да се вработи и како да преживее под услов да се вработи со тие 150 - 200 евра колку што е просечната плата во Македонија.

Претпоставувам дека за ова што го зборувате потребно е помине повеќе време?

Генерации.

Масовноста на улиците почна со студентите кон крајот на минатата година, потоа и разни други незадоволни групи почнаа да излегуваат помасовно на улиците. Сметате ли дека конечно се разбуди таа граѓанска свест во Македонија? Се создаде ли критична граѓанска маса што ќе притиска за некакви промени во општеството?

Студентите се многу благодарна категорија, растоварени се од партиски, од социјален багаж, не се вработени, немаат семејства, немаат едноставно што да стават на коцка, освен светлата идеја што ја имаат и што ја бранат по секоја цена. Јас најискрено им се восхитувам, меѓутоа и на некој начин се плашам дали таа инфраструктура ќе се одржи и понатаму со следните генерации, малку надеж ми дава и Средношколскиот пленум. Што се однесува до останатите интересни групи што протестираа, малку ми пречи тесниот интерес. На пример хонорарците протестираат конкретно за законот за исплата на дополнителни приходи, а не ги интересира законот за високо образование, да кажеме. Немаме некоја повисока идеја, идеја која би била од општ интерес за сите, која би ги обединила сите.

Ги спомнавте студентите како некоја светлина во целата оваа ситуација. Може ли тие да бидат базата која во иднина ќе генерира создавање на таква граѓанска свест и воедно ќе работи против тие поделби за коишто зборувавме на почетокот?

Да, дефинитивно, со нивното излегување е започнат процесот на граѓанско освестување. Искрено се надевам дека тие млади луѓе понатаму нема да се занимаваат со префикси од типот етнички, партиски и не знам какви групирања, туку едноставно ќе работат и ќе се борат за своја подобра и полагодна иднина и дека едноставно ќе бидат лакмус на која било следна владејачка гарнитура.

Како граѓанин кој отворено се спротивставува на политиките кои ги води оваа влада, каква разрешница очекувате од политичката криза? Што е она што вас би ве задоволило како граѓанин?

Разрешницата треба да има и ќе има најверојатно две фази. Едната е таканаречена преодна влада, која ќе има мандат од 12 до 18 месеци, а втората фаза е после изборите коишто ќе треба да ги организира таа преодна фаза. По мене од клучно значење е каква ќе биде преодната влада, затоа што ако останеме на тоа дека таа влада треба да биде составена од постоечките партии, независно дали се работи за тие од власта или од опозицијата, или дури и влада на национален спас како што Фуере предложи пред некој ден, повторно ќе го исклучиме граѓанскиот сектор, се плашам дека ќе се изземе една многу битна работа во врска со изборниот модел којшто дефинитивно треба да се промени за да им се скрати моќта, да се развластат големите две партии коишто наизменично владеат во Македонија, па тие понатаму, не заради нивните платформи, туку заради самиот систем преминуваат во автократија и ги чувствуваме последиците од таквиот систем. Јас би била задоволна со една експертска влада од независни експерти, Македонија ги има, би им оставила време во тој временски простор партиите да се прочистат, да се реструктуираат, можеби да се создадат нови политички субјекти и да се направат услови за едни фер избори во една изборна единица со отворени избирачки листи без долен праг од 5 отсто.

Мислите дека најголемите четири партии би биле расположени за варијантата една изборна единица со отворени листи?

Тоа совршено не ме интересира, бидејќи е време да почнат да размислуваат за да не им случуваат вакви немили краеви. Бидете сигурни дека на Груевски и на неговиот режим не му е сеедно што вака го привршува своето владеење. Ова е голем извичник за секоја следна гарнитура.

Гледате ли во актуелното опозициско раководство капацитет да го смени, да го надмине овој практично двопартиски систем во кој успева само оној којшто има членска книшка од некоја од поголемите партии?

Би сакала многу да го имаат тој капацитет да се развластат. Дури и господинот Заев најави во некои од обраќањата дека би понудил оставка во случај Груевски да понуди оставка. Би сакала, еве имаше пред некој ден пред Владата, во рамките на кампот имаше граѓанска трибина, би сакала мислењата од граѓанскиот сектор да ги стави на преговарачката маса, значи не да бидат преговорите меѓу Заев и Груевски, односно СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку да бидат граѓанството и СДСМ на една страна и тоа што треба да си оди од другата страна.

Гледате дека тоа се случува во моментов? Сметате дека актуелната опозиција доволно ги застапува граѓанските ставови во преговорите или сепак граѓанските организации и луѓето што беа ставени на страна на опозицијата се тргнати настрана во овие политички и партиски преговори?

Од она што досега го гледаме, многу се нетранспарентни преговорите. Всушност не ни знаеме дали се почнати, бидејќи сè уште разговараат за некоја рамка за преговори. Според форматот на преговарачите, би рекла дека не се рамноправно застапени сите страни, пред сè граѓанската, меѓутоа морам да потенцирам дека на митингот во организација на СДСМ прилично голем дел од настапите му беа отстапени на граѓанскиот сектор и се надевам дека така ќе продолжи, дека Заев ќе ги земе предвид, не мора да биде седнат на маса лично претставник од граѓанскиот сектор, меѓутоа дека сите овие трибини и заклучоци ќе бидат земени предвид во преговорите.

Студентскиот пленум се повлече од разговорите за новиот Закон за високо образование. Какво е вашето лично мислење, треба ли тоа да го сторат и професорите?

Ајде да се осврнеме на генезата на несреќниот Закон за високо образование. Почна од државен испит и можеше многу лесно да заврши таму. Ако владата покажеше барем малку политички слух ќе го укинеше тој еден член за државен испит, до душа голем член од 4-5 страници и тука можеби ќе завршеше целото граѓанско движење понатаму, за коешто зборувавме. Драго ми е што студентите го проширија својот фокус на интерес, не само на Законот за високо образование, туку и на начинот на којшто е носен Законот за високо образование и сите други закони и потполно се согласувам со нивната одлука да се повлечат од какви било преговори со постоечката влада, посебно земајќи предвид дека и она што го преговараат досега баш и не беше имплементирано.

Сметате дека не е можен дијалог со оваа влада околу прашањето за високото образование?

Клучните, најпроблематичните работи во Законот за високо образование, под притисок на Студентскиот и Професорскиот пленум веќе се стопирани, така што новиот закон, кој е во изработка, работните групи на Студентскиот и Професорскиот пленум си работат, меѓутоа неговото поднесување мислам дека треба да се почека, не за преодната, туку за некоја следна гарнитура.

За крај прашање од вашата област, земјоделието. Како ја оценувате владината политика во оваа сфера?

Оваа влада многу добро почна во својот пристап кон земјоделството, знаејќи дека голем дел од гласачите се фактички земјоделски производители. Ќе ве потсетам дека првата мерка беше намалување на ДДВ-то за репроматеријали во земјоделството од 18 на 5 отсто, успешно се поднесе првата мерка од првите три столба од ИПАРД програмата. За жал не се реализира како што треба докрај и сега веќе имаме проблем околу вториот ИПАРД. Јас отсекогаш, во консултации со колегите од Министерството за земјоделство, сум инсистирала, и при изработката на стратешките документи, да не се двојат толку многу средства за субвенции, за мерки за директна поддршка, како што тие ги нарекуваат, туку многу повеќе да се обрнува внимание на развојни програми, на наука, на советодавни услуги, да им дадеме простор на земјоделците да произведуваат повеќе, а не да чекаат социјална помош, како што јас ја нарекувам мерката за субвенционирање. Реално што е постигнато? Приносите се тие што се, земјоделските површини се намалени, сè уште во клучните периоди зависиме од увоз, тоа посебно се однесува на конзервната индустрија, иако имаме доволно производство на градинарски култури, во септември-октомври повторно увезуваме. Причината за сите тие аномалии што ги имаме во земјоделството лежи во една девастирана наука и исто така девастирани советодавни служби, коишто за жал ја играат улогата на пополнувачи на пријави за субвенционирање и фактички служат како подрачни единици на Министерството за земјоделство.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG