Достапни линкови

„Зборови и звуци“ на Серафимов и Ивановски во клубот „МКЦ“


Со идеја да биде сторен органскиот спој на поезијата на Јовица Ивановски и музиката на моментот на Васко Серафимов, овој четврток, во 21 часот, во клубот „МКЦ“ во Скопје, ќе биде претставен проектот насловен како „Зборови и звуци“. Неговата реализација се темели и на одбирот на стиховите и изведбата на актерките Соња Стамболџиска и Софија Насевска – Трифуновска, а за татнежот на ударните инструменти ќе се погрижи Борис Георгиев – Бут.

Васко Серафимов, онаков каков што е создаден – од звуци и емоции, во очекување на својата нова албумска објава, се реши својот творечки немир да го вообличи во проект кој разбирливо ќе почива на музиката и на поезијата. Во таквата своја настојба, во случајов, за собеседник го побара поетот Јовица Ивановски и обајцата го стокмија проектот „Зборови и звуци“, чија првична изведба треба да се одржи овој четврток, во 21 часот, во скопскиот клуб „МКЦ“.

Знаеме дека поезијата и музиката се нераскинливо врзани од памтивека и тоа за среќа се уште трае и ќе трае. На крајот на краиштата поезијата е музика.
Јовица Ивановски, поет.

Во пресрет на настанот, Ивановски вели дека во овој случај не станува збор за чин каде поезијата во позадина би ја имала музиката, туку за перформанс, за импровизација која што ќе извира од неговите стихови.

„Знаеме дека поезијата и музиката се нераскинливо врзани од памтивека и тоа за среќа се уште трае и ќе трае. На крајот на краиштата поезијата е музика. Јас кога пишувам, без разлика дали пишувам за музика или чисто само поезија секогаш имам некој ритам во главата, некоја мелодија. Поезијата е музика, а и музиката знае и тоа како да биде поезија“, вели поетот Јовица Ивановски.

Јовица Ивановски, поет.
Јовица Ивановски, поет.

Васко Серафимов, пак, знае да каже дека всушност на овој настан ќе се случува „музика на моментот“. Дека тој како автор и музичар на синтисајзер и неговиот колега Борис Георгиев – Бут, инаку тапанар во неколку култни македонски групи како „Мизар“ и „Бадмингтонс“, ќе ги вклучат инструментите и ќе започнат да креираат звучни пејсажи во моментот на изведбата.

Идејата е да се разбие стереотипот во однос на претставување и израз на еден музичар и поет во една синергична поопуштена, порелаксирана форма и музика изведена во самиот момент.
Васко Серафимов, музичар.

„Идејата е да се разбие стереотипот во однос на претставување и израз на еден музичар и поет во една синергична поопуштена, порелаксирана форма и музика изведена во самиот момент. Јас подолго време ја користам таа форма наспроти мојот готов материјал кој оставен настрана и што е најважно многу ми е пријатно што на некој начин ќе влезам во комбинација со поезијата на Јовица и со ударните инструменти на Бут“, вели Серафимов.

Васко Серафимов, музичар.
Васко Серафимов, музичар.

Конечно, реализацијата на „Зборови и звуци“ се темели и на одбирот на стиховите и нивнатата интерпретација што ќе ја сторат актерките Соња Стамболџиска и Софија Насевска – Трифуновска.

„Јовица ни даде потполна слобода на Софија и на мене да го направиме изборот што би читале на перформансот. Ова на почетокот ни се виде како добра идеја но како наближува настанот јас се повеќе се премислувам бидејќи сме ограничеи со време. Ќе треба двете да прочитаме по шест, по седум песни, а јас би читала многу повеќе, ако може и се* од него како автор. Затоа најверојатно конечната одлука ќе ми падне во четврток, па ќе одберам по две песни од неговите збирки како „Градот е полн со тебе“, „Со сламка во уста“, „Три напред – три назад“ и од „Двојниот албум“ бидејќи сепак е подобро да имам повеќе и можеби ќе стигнам се* да прочитам“, истакнува Соња Стамболџиска.

Таа дополнува дека нивната изведба ќе биде инспирирана од музиката и дека „ќе зависи најмногу од тоа како тие ќе ги почувствуваат создадената атмосфера и реакциите на луѓето од публиката“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG