Достапни линкови

Зврлевски: Се постапува и по кривичните за „Прислушување“


Не е точно дека различно се постапува во случаите Пуч и Прислушување. Се работи со ист интензитет, вели јавниот обвинител Марко Зврлевски, по критиките од лидерот на СДСМ Зоран Заев дека никој од власта не е повикан да даде исказ во обвинителството.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски не ја коментира изјавата на претседателот на СДСМ Зоран Заев дека никој, ниту Груевски, ниту Мијалков, ниту кој било друг од лицата за кои опозицијата поднесе кривични пријави за случајот Прислушување не бил повикан во Јавното обвинителство да даде исказ. Во изјава за Радио Слободна Европа, Зврлевски објаснува дека во Јавното обвинителство прво се повикани подносителите на пријавата, а во меѓувреме се преземале и други дејствија за случајот Прислушување, за кои, како што вели, во интерес на постапката не можеле да коментираат.

Не е точно дека различно се постапува во случаите Пуч и Прислушување. Се работи со ист интензитет и согласно правилата за постапување во Јавното обвинителство и согласно Законот за кривична постапка и Законот за јавно обвинителство.
Марко Зврлевски, Јавен обвинител.

„Не е точно дека различно се постапува во случаите Пуч и Прислушување. Се работи со ист интензитет и согласно правилата за постапување во Јавното обвинителство и согласно Законот за кривична постапка и Законот за јавно обвинителство“, тврди Зврлевски.

Инаку, во случајот Пуч се осомничени шест лица, а досега во јавноста имаше информации дека пред обвинителството дале исказ поранешниот прв човек на ДБК Зоран Верушевски и Заев. Покрај тие двајца, во овој случај осомничени се и сопругата на Верушевски и три други лица.

Можеби тоа е и оправдано, затоа што Верушевски се наоѓа во притвор, а приоритетни се кривичните пријави против лица коишто се наоѓаат во притвор. Меѓутоа, мислам дека како да спласна интересот, како да не е постапувањето по двете пријави со ист интерес и со ист интензитет.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

За случајот Прислушување, пак, опозицијата поднесе кривична пријава која што потоа ја прошири уште три пати. Првичната пријава беше поднесена против директорот на ДБК, Сашо Мијалков, првиот човек на Петтата управа, Горан Груевски, како и против непознат сторител.

Според поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски, постои впечаток дека е забавено постапувањето за кривичната пријава поднесена од опозицијата, а приоритет има за пријавата поднесена против Заев.

„Можеби тоа е и оправдано, затоа што Верушевски се наоѓа во притвор, а приоритетни се кривичните пријави против лица коишто се наоѓаат во притвор. Меѓутоа, мислам дека како да спласна интересот, како да не е постапувањето по двете пријави со ист интерес и со ист интензитет“, вели Трпеновски.

Тој додава и дека селективност имало и во информирањето на јавноста до каде се двата случаи.

„Практично се создава лош впечаток за постапувањето на Јавното обвинителство. Мора да се постапи со исти критериуми и при едната кривична пријава, едната постапка и другата постапка. Јавноста е заинтересирана како ќе постапи Јавното обвинителство, тргнувајќи од тоа дека досега се потврдува мислењето дека имаме селективно постапување, не само од обвинителството, туку и од сите државни институции доколку станува збор за некој интерес за којшто извршната власт пројавува некаква заинтересираност“, вели Трпеновски.

Во меѓувреме се засилија барањата за оставка на Зврлевски. Тоа го побара и Заев минатата недела, а пратеничката Лилјана Поповска, чија партија ДОМ е дел од владејачката коалиција, дури и предложи имиња за наследници на актуелниот обвинител, набројувајќи ги поранешната претседателката на Антикорупциската комисија Слаѓана Тасева, поранешната претседателка на ДИК Мирјана Трајковска и поранешната пратеничка Цветанка Иванова.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG