Достапни линкови

Најмногу коментари за студентите и Тамара


Студентската „окупација“ на факултетите и смртта на Тамара предизвикуваат најмногу коментари на нашата интернет страница.

Како диригирани, сите коментари, освен еден, по минатонеделното интервју на новиот претседател на ЛДП, Горан Милевски, во кое тој, покрај другото предлага формирање преодна влада за излез од актуелната политичка криза, се негативни. Сашо од Скопје напишал: „Гладна кокошка просо сонува“, а Ташко смета дека по секоја цена се сака да се дојде на власт, а не е важно што ќе се изгуби. „Само вие самобендисаните сте „правите“. Абе, имаше избори и не ви се опули, ајде сега ништете ја македонската нација - како ви свират, така играте, ама кога ќе дојде рачунот има глава да ве боли“, предвидува Ташко.

Абе, имаше избори и не ви се опули, ајде сега ништете ја македонската нација - како ви свират, така играте, ама кога ќе дојде рачунот има глава да ве боли.
Коментар на читател.

Раде обвинува дека без концепт и политичка програма се сака да се урне, како што напишал, легитимно избраната власт. И Камелија од Куманово смета дека секаков предлог од ваков вид граѓаните ќе го сметале за „несериозен, тенденциозен и грубо одземање на демократската слобода“.

Само Пиле коментира дека на Македонија и треба „влада на национално единство со премиер надпартиска личност за надминување на постојната сложена политичка, а веќе и безбедносна состојба и нарушениот меѓународен углед на земјата“.

Ако сакаат да имаат мир во душата нека си поднесат оставка и со наведната глава нека си заминат засекогаш.
Коментар на читател.

Студентската „окупација на факултетите, од друга страна, предизвикува симпатии и поддршка во јавноста, но барем според скудните коментари како да има и граѓани што не ги сфаќаат работите. Јосиф Давидов престојот во аулите на факултетите го потсетувало на хипи движењето, а Алек прашува како им одат студиите на оние што „прогласуваат автономни зони“.

Реакциите по смртта на Тамара која не го дочека позитивниот одговор за операција во Турција од Фондот за здравство, не стивнуваат. Граѓаните се убедени дека вината лежи кај надлежните и бараат одговорност. За Незабеган тоа е невидена срамота и е резултат на тешката бирократија во Фондот и во министерството за здравство. Александар повикува надлежните и министерот барем еднаш да покажат морални квалитети и бара оставка на министерот Тодоров, а Анонимен, исто така, повикува на оставки, и, како што напишал, „ако сакаат да имаат мир во душата нека си поднесат оставка и со наведната глава нека си заминат засекогаш“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG