Достапни линкови

Јана Манева-Чупоска со интимен омаж на „Портретирани сеќавања“


„Портретирани сеќавања“ е насловена самостојната изложба на Јана Манева-Чупоска што од 12 јануари се одржува во галеријата на НЛБ Тутунска банка во Скопје. Претставени се 35 цртежи во комбинирана техника, цртеж и дигитална фотографија, и едно видео, во кои уметницата „се врти кон асоцијативните форми кои ги побудуваат во нас, заспаните, навидум подзаборавени, но дефинирани архетипови, предавани од колено на колено, како дел од една колективна меморија поврзана со прашањето на културните и етно-идентитети“.

По нецели три месеци од премиерното октомвриско претставување во Струмица, Јана Манева Чупоска со дела од актуелниот циклус „Портретирани сеќавања“ еве ја и пред скопската ликовна публика. Овојпат уметницата, на самостојната изложба што од 12 јануари се одржува во галеријата на НЛБ Тутунска банка, нуди 35 цртежи во комбинирана техника, цртеж и дигитална фотографија, и едно видео.

Идејата за оваа изложба е цртежите да добијат по малку концептуален израз. Сите тие предмети, сите тие условно земени додатоци, сите тие асоцијации на рачни ткаеници кои се асоцијација, пак, за нашево поднебје и кои што во тој период на моите сеќавања и на тој мој интимен омаж се нешто што е многу реално.
Јана Манева Чупоска, уметник.

М-р Наде Пешева, ликовен критичар и историчар на уметност, во каталогот ќе забележи дека „Манева – Чупоска во добата на дигитални технологии и постојано редефинирање на предметот на уметноста и опфатот на нејзините граници, вртејќи се кон асоцијативните форми кои ги побудуваат во нас, заспаните, навидум подзаборавени, но дефинирани архетипови, предавани од колено на колено, ни ги нуди како дел од една колективна меморија поврзана со прашањето на културните и етно -идентитетите.

А, авторката, пак, ќе рече дека всушност станува збор за еден нејзин перлонален, интимен омаж на некои лични т.н „портретирани сеќавања“ кои што практично се резултат на нејзините спомени, нејзини размисли, на контактите со луѓе кои што и биле многу драги... нешто што едноставно ја испровоцирало да ги извади на виделина во една ваква креативна ликовна форма.

„Идејата за оваа изложба е цртежите да добијат по малку концептуален израз. Сите тие предмети, сите тие условно земени додатоци, сите тие асоцијации на рачни ткаеници кои се асоцијација, пак, за нашево поднебје и кои што во тој период на моите сеќавања и на тој мој интимен омаж се нешто што е многу реално. Тоа беше една т.н „ентериерна мода“. Во секој дом ги имаше тие рачни ткаеници кои, за жал, од разбирливи причини денеска ја немаат таа вредност која што ја имаа тогаш. Но од друга страна, тоа е одговор на една креативна шема на сите тие соништа кои што јас сум ги имала и апсолутно во тие додатоци како предмети влегуваа само тие ткаеници.“

Јана Манева Чупоска појаснува дека „Портретирани сеќавања“ е изложба која што еквилибрира помеѓу една ликовна приказна и нешто што се нарекува дизајн.

„Јас практично функционирам на две творечки полиња. Од една страна имам потреба да се изразам преку сите оние класични ликовни техники и алатки, од друга страна, пак, дизајнот сериозно влиае на моето дело. Прво како професор бидејќи тоа им го предавам на студентите. Второ бидејќи и се занимавам со моден дизајн, а не треба да се заборави дека докторатот ми беше на тема македонски фолклор...така да, сè некако фино си се вклопува и јас го грабам како некаков мој мултимедијален потпис за кој мислам дека ќе го продолжам во еден подолг временски период.“

Таа дополнува дека ова практично е само вовед во подолгорочниот циклус во чии рамки би сакала и натаму да истражува.

„Започнав со класичниот цртеж, па се префрлив малку на дигиталната фотографија, таа повторно се искомбинира со цртежот и за на крај да излезе еден слика-објект кој што е репрезент на сите оние претходни ликовни истражувања. Потрагата продолжува натаму соедно видео кое што е резултат на сите претходни експерименти со сите овие области, но стои и потребата и натаму да продолжам да чекорам по зададената патека каде што се присутни видео формата и перформансите.“

Не е исклучено, во периодов што следува, „Портретирани сеќавања“ да бидат претставени во уште неколку градови во земјава, а уметницата планира дел од постановката да презентира на заедничката изложба со македонската сликарка Ирена Паскали што во октомври годинава треба да се одржи во една престижна галерија во Бон, во Германија.

Родена 1970 година, Јана Манева-Чупоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство. Специјализирала во Париз, а постдипломски студии по сликарство и рачна обработка на стакло завршила на Високата школа за применета уметност во Прага и на ФЛУ во Скопје.

Учествувала на повеќе групни изложби, а самостојно сем во Македонија изложувала и во Прага, Париз, Софија....

Член е на ДЛУМ од 1998 година и зад себе има и повеќе перформанси и арт-видео проекти. Се занимава со фотографија и со моден дизајн, а работи како професор по техники на цртање и фотографија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG