Достапни линкови

Прво полугодие без греење и со лоша исхрана во козјачките села


Учениците се жалат дека полугодието го поминале речиси без греење. Четири деца од нив се заболени од жолтица, а се жалат и на лошата исхрана. За директорката на училиштето и за градоначалникот на Општината Старо Нагоричане, пак, нема проблеми.

Стотина основци од планинските козјачки села кои настава посетуваат во Основото училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во селото Драгоманце, од кои дваесеттина, пет дена во седмицата живеат во интернатот, првото полугодие го поминале речиси без греење. Четири деца од нив се заболени од жолтица. Родителите и децата реагираат на лошите услови, а за директорката Стојка Спасовска и за градоначалникот на Општината Старо Нагоричане Милован Стојковски нема проблеми.

Слабо. Во школото помалку имаше огин до пладне, ладно е. Во интернатот , подолго време немаше греење, а сега почнаа помалку. Во занимална сега само по неколку часови има затоплување. Навечер е многу студено за спиење, дење и така и така.
Анкетиран ученик.

Директорката Спасовска појаснува дека во училиштето и во ученичкиот дом до пред две недели греењето било на дрва, а потоа била обезбедена и нафта за парното. Таа јавно не сакаше да зборува бидејќи за тоа требало да има писмено барање, при што негира дека имало реакција од родителите на кои им била објаснета состојбата. И градоначалникот Стојковски додава дека немало обраќања до него, но кога жолтицата се појавила биле преземени мерки за хигиената во училиштето и Домот. Според Стојковски, Општината инвестирала во кујната на домот, набавен е аспиратор, а за огревот пак појаснува дека средствата се распоредуваат секоја година и дека нема проблем.

Родителите на децата кои сакаа да останат анонимни, велат дека проблемот со огревот зимава не е мал, зашто дури сега е набавена нафта за парното греење, а во училиштето вработените се снаоѓаат со прибирање на остатоци од дрва. Тие раскажуваат дека и минатата година состојбата била слична, кога во февруари, наместо во август како порано, биле набавени мокри дрва кои не биле погодни за греење.

Не се добри. Има деца кои мократ ноќе и смрди во женската спална. Баравме да не преместат во друга спална, ама ништо од тоа.
Анкетиран ученик.

Во ученичкиот дом со капацитет од 90-ина легла, годинава се сместени дваесеттина деца. Во ходникот пишува „Чисто дете, долг живот“, „Чистотата е половина здравје“ и „Здравјето влегува на уста,“ но поголемите деца сметаат дека тоа не е доволно. Во три соби, две за машките и една за женските деца сместени се основци од прво до деветто одделение. Основките Ангела и Фросина раскажуваат дека децата се тие кои реагираале за лошите услови.

РСЕ. Имате ли греење во училиштето?

„Слабо. Во школото помалку имаше огин до пладне, ладно е. Во интернатот , подолго време немаше греење, а сега почнаа помалку. Во занимална сега само по неколку часови има затоплување. Навечер е многу студено за спиење, дење и така и така.“

РСЕ: Каква е храната?

„Беше лоша, ние децата се побуинивме. Педагогот не праша што не сакаме и ние кажавме дека не сакаме да јадеме, манџа, вариво имаше, сега ни тоа нема.“

„Има деца заболени од жолтица. Четири –пет деца има заболени. Некои уште се во болница.“

РСЕ: Какви се хигиенските услови?

„Не се добри. Има деца кои мократ ноќе и смрди во женската спална. Баравме да не преместат во друга спална, ама ништо од тоа.“

Раскажуваат двете основки кои во нивните села Враготурце и Буковљане одат за викендите, и со душа чекаат да започне распустот. Сериозни се додека објаснуваат за условите во домот и училиштето, но и сосема свесни дека немаат друг избор.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG