Достапни линкови

Груевски со навредилив спин за студентите


Никола Груевски
Никола Груевски

Премиерот сака да внесе раздор во студентските протести со повторувањето на ставот дека државниот испит не се однесува на овие студенти. Груевски,велат експертите, прави неуспешен обид да се портретира како визионер

Илјадници студенти досега два пати излегоа на улица за да го кажат својот став против државниот испит, упатија писма, а и јавно заедно со професори аргументираа зошто се против најавените реформи во образованието.

Нормално е дури и да не се однесува на нив, бидејќи се однесува на студентите општо, значи на идните генерации и од таа меѓустудентска солидарност е да протестираат за своите идни колеги и тука нема ништо спорно.
Ненад Новковски, поранешен министер за образование.

Но, премиерот Груевски вчера рече дека не може да го разбере протестирањето, на како што додаде студенти кои што студирале во моментот и знаеле дека нема да полагаат државен испит, бидејќи тој нив не ги опфаќал. Никој не треба да ги доведува под знак прашање причините за протестите, оти студентите имаат право да протестираат за што сакаат вели, поранешниот министер за образование Ненад Новковски.

„Нормално е дури и да не се однесува на нив, бидејќи се однесува на студентите општо, значи на идните генерации и од таа меѓустудентска солидарност е да протестираат за своите идни колеги и тука нема ништо спорно зошто некој би се прашувал зошто еден студент се бори за правата на тие што ќе дојдат после него, од тоа нешто поблагородно не може да има“, смета Новковски.

Тоа дефинитивно нема врска со визионерство, бидејќи да беше визионер како што милува да се портретира Груевски немаше да го доведе образованието до ситуацијата го која го доведе.
Едмонд Адеми, политички аналитичар.

Според аналитичарот Едмонд Адеми целта на ваквите неколку пати повторувани, изјави на премиерот е да се спинува ситуацијата.

„Груевски во вчерашното интервју на некој начин сакаше да воведе, а тоа овие од власта најдобро го знаат да го прават цело време, да внесе раздор во овие протести, во смисол зошто овие се бунат кога нема да полагаат, кога тоа важи за идните студенти. Се обидуваше тој долго време, и минатиот пат и сега, меѓутоа тоа не му пали и не му успева, а да не заборавиме дека токму Груевски и неговата влада отворија факултет во секоја држава и сега велат не го бива овразованието“, вели Адеми.

Груевски пак покрај тоа што рече дека не го разбира протестирањето препиша и други мотиви за студентскиот револт споменувајќи политичко-партиски, младешка бунтовност, наивност или недоволна информираност.

„Тоа е буквално навредливо, зошто секој си излегол со своја мотивација и секој си има право“, вели Новковски.

Во вчерашното интервју Груевски се обиде да направи и компарација со претходните негови искуства како министер за финансии па рече дека сегашната ситуација многу го потсетувала на воведувањето на ДДВ-то и фискалните каси. Според Адеми ова е обид на премиерот да се портретира како визионер со како што додава неспоредливи работи.

„Тоа дефинитивно нема врска со визионерство, бидејќи да беше визионер како што милува да се портретира Груевски немаше да го доведе образованието до ситуацијата го која го доведе, па сега одеднаш му текнало дека нешто друго треба да прави, за да се среди тоа“, вели Адеми.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG