Достапни линкови

Путин: Русија нема да се распадне како Југославија


Рускиот претседател Владимир Путин денеска одржа редовно годишно обраќање во рускиот парламент.

Рускиот претседател Владимир Путин во денешното редовно годишно обраќање во парламентот изјави дека Русија во изминатава година се соочи со како што рече, „тестови кои само една зрела, обединета нација може да ги издржи“.

Рускиот претседател оцени дека Крим има „свето“ значење за Русија, и украинскиот полуостров го спореди со Ерусалим.

Путин додаде дека Русија ќе ја почитува Украина како братска земја, но оти трагедијата во источна Украина покажала дека руската политика била исправна.

Некои земји би сакале Русија да се распадне како што беше со Југославија, но Москва нема да дозволи тоа да се случи.

Тој изјави дека е време да и се помогне на Украина и оти Русија нема намера да почне нова трка во вооружување во светот. Некои земји се обидуваат да создадат ѕид околу Русија и оти Западот се обидува да ја скрши Русија.

„Некои земји би сакале Русија да се распадне како што беше со Југославија, но Москва нема да дозволи тоа да се случи “, изјави тој додавајќи дека тоа нема да успее, исто како што не успеал и Хитлер.

Во говорот до нацијата Путин ги критикуваше американските планови за изградба на против ракетен штит во Европа и рече дека нема смисла да се обидува да разговара со Русија од позиција на сила.

Рускиот претседател предложи целосна амнестија за оние што ќе го вратат капиталот од странство во Русија.

Западните санкции, според Путин, го стимулирале руското домашно производство.

Сепак тој призна дека санкциите и ниските цени на нафтата предизвикуваат штети. За да се надминат тој предложи мораториум на покачувањето на даноците за четири години.

Тој побара од Централната банка да преземе акција за заштита на вредноста на рубљата која бележи рекорден пад на светските берзи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG