Достапни линкови

Марковски - Безбедноста не е загрозена, но треба внимателност


Според проценките на повеќе европски институции, повеќе од 20 македонски државјани како доброволци заминале во џихад во Исламската држава. Аналитичарот Благоја Марковски во разговор за Радио Слободна Европа вели дека безбедносната состојба во Македонија генерално не е значајно загрозена од терористички активности, но посочува дека поради ранливоста на меѓуетничките односи, сите субјекти во земјава треба да се однесуваат одговорно.

Господине Марковски, според проценките на Меѓународниот центар за студии, радикализација и политичко насилство, на боиштата во Сирија и во Ирак заминале околу 20 македонски државјани. Какви се вашите сознанија за овие бројки?

На овие боишта војуваат не само граѓаните од локалното население, туку и околу 60 илјади граѓани кои не припаѓаат ниту на Ирак, ниту на Сирија. Некаде околу 5.500 граѓани се од Западен Балкан. Некои проценки зборуваат дека поголем е бројот од 20 граѓани од Република Македонија кои учествуваат во овие воени дејствија, а точно 12 граѓани на Република Македонија досега таму го изгубија животот.

Гледаме повеќе акции во Косово и во Босна и Херцеговина во изминатиов период против осомничени исламистички радикалисти, додека во Македонија не забележуваме такви случаи. Дали според вас МВР презема доволно мерки за сузбивање на ваквите појави?

Според оние информации со коишто располагам, кај нас нема организирани групни центри за обука и присвојување на идеологијата кај граѓаните од муслиманска вероисповест. Тие претежно се обучуваат во соседните земји и од тој аспект мислам дека доволни се проценките што ги има МВР и претпоставувам дека тие, согласно со соработката што ја имаат со соседите, засега добро ги следат овие настани и не мислам дека има потреба од некоја поширока акција за дејствување конкретно на МВР.

Каква е вашата проценка општо за безбедносната состојба во Македонија во овој момент?

Безбедносната состојба во Македонија не е битно загрозена, нема ниту најави, ниту можности за една поширока терористичка активност, но имајќи предвид дека ние сме во една специфична социјална состојба, имајќи ја предвид ранливоста на меѓуетничките односи во Република Македонија, не можеме да се пофалиме дека сме во потполно загарантирана безбедносна состојба која ќе ни даде за право да се однесуваме ноншалантно или сосема нормално. Значи, пред сè државните структури, а потоа и сите други субјекти во земјата треба да водиме сметка во смисла на поддржување на активностите против какви било терористички дејствија во Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG