Достапни линкови

Наградуваниот „Ернест и Селестин“ на првиот Кидс фест


Под мотото „Ајде да гледаме филмови!“, од 10 до 14 декември, во кината „Милениум“ и „Синеплекс“, во организација на дистрибутерската куќа МЦФ, ќе се одржи првиот детски филмски фестивал „Кидс фест“. На манифестацијата чија цел е едукација и создавање кај најмладите навика за да одат во кино, премиерно ќе бидат прикажани анимирани, играни и документарни филмови од САД, Франција, Белгија, Норвешка, Данска, Шведска и од Хрватска.

Американската играна авантура „Пингвините од Мадагаскар во 3-Д“, данскиот „Мравко“ со порака дека храброста не зависи од тоа дали си мал или голем, новиот документарец на францускиот режисер Лук Жан - „Си беше еднаш една шума“, „Бела и Себастијан“ - трогателната сторија за шестгодишното момче и неговото пријателство со диво куче, белгиско-француската драма „Ернест и Селестин“ - делото кое мината година беше номинирано за Оскар во категоријата за најдобар анимиран филм се само некои од остварувањата кои што е планирано да бидат прикажани на Првиот детски филмски фестивал „Кидс фест“ што ќе се одржи од 10 до 14 декември во Скопје под мотото „Ајде да гледаме филмови!“.

Токму поради тоа ние решивме да направиме еден фестивал којшто ќе ги доближи децата до филмската уметност и ќе влијае на тоа да стекнат навика редовно да ги посетуваат кино претставите.
Јулијана Ивановска, организатор на Кидс фест.

Јулијана Ивановска од дистрибутерската куќа МЦФ, потписникот на оваа манифестација, вели дека во Македонија во годиниве наназад забележале дека постои празнина во грижата за правилна филмска едукација на децата. Тие да ги посетуваат кино салите, да гледаат добри филмови и така одблиску да се запознаат со филмската уметност.

„Токму поради тоа ние решивме да направиме еден фестивал којшто ќе ги доближи децата до филмската уметност и ќе влијае на тоа да стекнат навика редовно да ги посетуваат кино претставите“, истакнува Ивановска.

Бидејќи целната група ни се не само децата од школска туку и оние од предшколска возраст, и тие за да можат полесно и поубаво да ги разберат филмовите, се решивме половина од овие филмови да бидат синхронизирани на македонски.
Јулијана Ивановска, организатор на Кидс фест.

Таа дополнува дека поголемиот дел од овие остварувања е прикажан на познатите светски фестивали на кинематографија за деца, а на „Кидс фест 2014“ ќе се најдат синхронизирани на македонски јазик.

„Бидејќи целната група ни се не само децата од школска туку и оние од предшколска возраст, и тие за да можат полесно и поубаво да ги разберат филмовите, се решивме половина од овие филмови да бидат синхронизирани на македонски. Притоа, како што е редот, во процесот на синхронизација се работи со професионални домашни актери кои што им ги позајмуваат своите гласови на ликовите“, вели Ивановска.

Проекциите на филмовите селектирани за „Кидс фест 2014“ ќе се одвиваат во периодот од 12 до 18 часот во кината „Милениум“ и „Синеплекс“, а за најмладите посетители ќе бидат организирани и работилници и разни детски игри на кои ќе се доделуваат подароци.

„Се надевам дека понатаму во годините кои што следуваат ќе имаме една добра традиција со многу повеќе филмови, со многу повеќе активности, работилници и игри и дека Фестивалот ќе прерасне во настан на кој нема само да се гледаат филмовите што во основа е идејата туку и децата ќе бидат креативни, ќе творат. Ќе ја развиваат својата љубов кон филмската култура и најважно од сè така ќе стекнуваат навика уште од мали да одат во кино“, потенцира Јулијана Ивановска.

Инаку, филмовите од програмата на оваа манифестација, кон крајот на декември ќе бидат прикажани и во Центарот за култура во Битола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG