Достапни линкови

Законски удар врз вработувањето жени


Илустрација.
Илустрација.

Породилното отсуство отсега ќе го исплаќаат фирмите, кои потоа ќе треба да се раздолжат со Фондот за здравство. Тоа ги зголемува стравувањата дека работодавачите ќе избегнуваат да вработуваат млади жени.

Платите за родилките и надоместоците за боледувања од следната година ќе паднат на товар на работодавачите, а државата ќе им префрла пари на фирмите.

Можам да претпоставам, речиси со сигурност, дека по усвојувањето на оваа мерка голем дел од работодавците едноставно ќе се одлучат за најлесното решение, а тоа е да не вработуваат жени, односно да избираат попрво мажи отколку жени во однос на вработувањето
Ирена Цветковиќ, активистка.

Доколку се има предвид досегашната задолженост на државата кон стопанството и честото доцнење на институциите во исплатата на компаниите, реален е стравот дека со оваа мерка фирмите, за да го заштитат својот капитал, нема да вработуваат млади жени, велат аналитичарите.

Според владината програма, од јуни следната година Фондот за здравство ќе го спроведува проектот „Побрза исплата на породилните надоместоци и боледување“. Проектот подразбира фирмата да им исплати на вработените, а Фондот на фирмата.

Не ни можам да помислам нешто друго, дека државата нема да го спроведува законот, едноставно таа го креира и државата треба да го исполни и да се консолидира, така што искрено не се сомневам и не треба да се сомневам дека ќе се спроведува правилно законот.
Миле Бошков, Конфедерација на работодавачи.

Во изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека со овој проект ќе се обезбеди континуитет во исплатата, а доцнењето на пари за боледување или породилно ќе биде минато. Активистите за заштита на човекови права стравуваат дека со оваа мерка ќе се зголеми дискриминацијата при вработувањето на жените поради стравот на работодавачите дека парите за породилното отсуство кое трае 9 месеци нема да им биде исплатено или, пак, тоа ќе се случи со големо задоцнување.

Ако се оствари овој проект, тоа ќе биде силен удар врз сите жени во Македонија, вели активистката Ирена Цветковиќ.

„Можеме да претпоставиме кој од приватниците ќе има доверба дека откако ќе го исплати породилното боледување, за скоро време ќе ги добие парите од Фондот, напротив можам да претпоставам, речиси со сигурност, дека по усвојувањето на оваа мерка голем дел од работодавците едноставно ќе се одлучат за најлесното решение, а тоа е да не вработуваат жени, односно да избираат попрво мажи отколку жени во однос на вработувањето“, вели Цветковиќ.

Претседателот на конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков, вели дека секој нов трошок не е добредојден за компаниите, но нормално е дека секоја компанија треба во целост да се грижи за своите вработени и да постапи според законот. Тој се надева дека реализирањето на овој проект ќе се поклопи со спроведувањето законот за финансиска дисциплина, па државата нема да доцни во исплатата за породилното отсуство.

„Не ни можам да помислам нешто друго, дека државата нема да го спроведува законот, едноставно таа го креира и државата треба да го исполни и да се консолидира, така што искрено не се сомневам и не треба да се сомневам дека ќе се спроведува правилно законот“, вели Миле Бошков.

Тој објаснува дека како конфедерација можат само да ги советуваат компаниите да ги почитуваат законите за работни односи и конвенциите за заштита на човекови права.

„Дека едноставно не можат да ги дискриминираат луѓето при вработувањето и да претендираат да вработуваат мажи кои биолошки не можат да затруднат, иако можат да користат трудничко боледување, тоа е дискриминација која не може да се случува и не треба да се случува во македонското општество“, вели Бошков.

Цветковиќ вели дека кога жена оди на интервју за работа, честопати одговара на прашања кои не им се поставуваат на мажите.

„Едно прашање се повторува кај сите, дали планираш да забремениш и кога“, вели Цветковиќ.

Според податоците на Фондот за здравство, минатата година биле исплатени речиси 28 милиони евра за породилно отсуство. Речиси 8 илјади жени минатата година биле на породилно отсуство, што е за 1.500 повеќе од 2009-тата година.

Од Фондот не ни одговорија на прашањето дали стравуваат дека оваа мерка ќе влијае на дискриминација на жените при вработување поради стравот на компаниите дека овој трошок нема да им биде исплатен или дека ќе биде исплатен со големо задоцнување.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG