Достапни линкови

Незадоволителни резултати од младите олимпијци


Владимир Богоевски, спортски директор на Македонскиот олимписки комитет.
Владимир Богоевски, спортски директор на Македонскиот олимписки комитет.

Иако наоѓаме многу средства за припреми на млади спортисти, македонските млади олимпијци постигнуваат незадоволителни резултати на големите натпреварувања, вели Владимир Богоевски, спортски директор на Македонскиот олимписки комитет. Тој потенцира дека во неговата шестгодишна работа како директор на комитетот, ниту еден спортист не го оправдал своето учество на Олимијадите.

Господине Богоевски, пред еден месец се одржа младинската Олимпијада во Нанџинг, Кина каде македонската партиципација беше со мал број спортисти и со маргинални резултати?

На вората младинска Олимпијада во Нанџинг, Македонија учествуваше со пет спортисти и како што кажавте резултатите беа променливи. Во пливање нашиот спортист го подобри својот резултат за четири секунди. Најдобро пласирани беа велосипедистите кои со резултатот направија изненадување, бидејќи од нив не очекувавме многу и ги приклучивме во последен момент. Тие направија добар резултат!

Какви финансиски вложувања се потребни за настап на најголемиот младински спортски собир во светот?

За да учествуваат нашите спортисти на оваа Олимпијада, Македонскиот олимписки комитет обезбеди околу 50.000 долари кои беа употребени за нивните припреми. Ако зборуваме од аспект дали е тоа оправдано, ако направиме некоја релација помеѓу тоа што е вложено и тоа што е постигнато од нивна страна како резултат, мислам дека резултатите се незадоволителни.

Во кои насоки работи Македонскиот олимписки комитет за да ги подобри резултатите на младите олимпијци?

Пред се, ако има добра селекција Македонскиот олимписки комитет може да обезбеди стипендии за спортисти. Тие стипендии се наменски и се употребуваат исклучиво за спроведување и исполнување на планот и програмата што ќе ја направи нивниот тренер. Ние правиме напори тоа што го направивме за летната Олимпијада, да го направиме и за зимската. За скоро време се надеваме дека ќе обезбедиме стипендии за младите спортисти кои ќе учествуваат на зимската Олимпијада, меѓутоа се плашиме дека сме во ситуација дека немаме добар избор и дека нема да имаме добри спортисти кои можат да ја претставуваат нашата држава. Затоа можам да кажам дека иако ние се трудиме и наоѓаме не само доволно, туку и многу пари што се потребни за овие припреми, резултатите повторно ќе бидат негативни. Јас веќе шест години сум директор на Македонскиот олимписки комитет и ниту еден спортист кој сум го водел на Олимпијада практично не го оправдал своето учество.

Како гледате на улогата на тренерската работа?

Ние на младите спортисти им нудиме помош на повеќе начини. Прво, обезбедуваме средства за нивниот план и програма. Второ, ги усовршуваме нивните тренери, ги праќаме на семинари, а потоа тие имаат обврска да го пренесат стекнатото искуство. Веќе шест години праќаме тренери на обуки во повеќе дисциплини, меѓутоа и тука сеуште нема задоволителни резултати.

Долго време работевте како тренер во спортски развиени земји во Европа. Какви се вашите искуства за третманот на младите спортисти во овие земји?

Академијата за спорт што ја отвора државата и Агенцијата за млади и спорт е веќе видена работа во многу европски земји. Јас сум работел во такви академии кои давале позитивни резултати. Во Шпанија од спортската академија излезе екипа која стана европски првак, меѓутоа мислам дека тука треба да се посвети внимание на селекцијата на спортисти и да се стави акцент на тренерите, бидејќи тренерите се најважни во времето кога се создава спортистот, не само како спортист туку и како личност.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG