Достапни линкови

Јас тебе војводо, ти мене сердаре на комисиската расправа за буџетот


Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески го образложи предлог-буџетот за 2015 година, а во отсуство на опозицијата која ја бојкотира работата на Собранието, членовите од владејачкото мнозинство го поддржаа предлогот и ја пофалија владата за успешно водење на економијата.

Според народната „Јас тебе војводо, ти мене сердаре“ протече комисиската расправа за предлог-буџетот за наредната 2015 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески го образложи предлогот, а во отсуство на опозицијата која ја бојкотира работата на Собранието, членовите од владејачкото мнозинство го поддржаа предлогот и ја пофалија владата за успешно водење на економијата.

Расходната страна на буџетот, како што кажав, има две функции. Едната е поддршка на стопанството преку одржување на високо ниво на капитални инвестиции и втората е поддршка на граѓаните, на животниот стандард на населението преку покачување на платите, пензиите и социјалната помош.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Ставрески рече дека за наредната година се предвидува економски раст од 4 отсто, но, како што рече, тој може да биде и поголем ако работите во европската економија се одвиваат според планираното. Се предвидува дека инфлацијата ќе биде два отсто. Капиталните инвестиции се проектираат на 345 милиони евра. Приходите се проектирани на 2,65 милијарди евра, а расходите на 2,95 милијарди евра, односно се предвидува буџетски дефицит од 300 милиони евра или 3,5 отсто од БДП.

„Расходната страна на буџетот, како што кажав, има две функции. Едната е поддршка на стопанството преку одржување на високо ниво на капитални инвестиции и втората е поддршка на граѓаните, на животниот стандард на населението преку покачување на платите, пензиите и социјалната помош“, рече Ставрески.

И овој буџет за 2015 година е резултат на односите во нашето општество, ова е резултат на договорите меѓу коалиционите партнери и произлегува од политичкиот договор од оваа година за усогласување на економските и политичките програми на на двата коалициони партнери во владата, значи на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Реџаил Исмаили, пратеник од ДУИ.

Пратеникот Крсте Мукоски од ВМРО-ДМНЕ рече дека буџетскиот дефицит догодина од 3,5 отсто од БДП-то ќе биде понизок од тој од 3,9 отсто за годинава, иако и за оваа година тој беше проектиран на 3,5 отсто, но се зголеми со неодамнешниот ребаланс. Србија, Хрватска и во Словенија се соочуваат со огромен јавен долг и намалуваат плати, пензии, отпушаат вработени и зголемуваат даноци, вели Мукоски.

„За разлика од овие неколку земји коишто се во нашето соседство и некогаш живеевме заедно, во Република Македонија имаме сосема спротивни показатели“, вели Мукоски.

На крајот на своето излагање, Мукоски упати порака до пратениците до СДСМ дека додека не почнат да се однесуваат рационално и да ги прифатат „убавите работи“, народот никогаш нема да почне да ги сфаќа сериозно.

Пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, пак, се согласи дека државниот долг од околу 40 отсто од БДП-то е низок и отиде уште подалеку од Мукоски. Речиси сите земји во Европа имаат четири до пет пати поголем долг од Македонија, рече таа.

„Државниот долг, по истите параметри, со истата методологија во Грција е 174 проценти, во Италија 135 проценти, во Португалија 133 проценти, во Германија 77,3 проценти“, рече Авировиќ.

Пратеникот Реџаил Исмаили рече дека неговата партија, ДУИ, го поддржува буџетот и оти има правична распределеност на расходите за населените места каде што живеат Албанци, односно во општините раководени од Албанци.

„И овој буџет за 2015 година е резултат на односите во нашето општество, ова е резултат на договорите меѓу коалиционите партнери и произлегува од политичкиот договор од оваа година за усогласување на економските и политичките програми на на двата коалициони партнери во владата, значи на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Исмаили.

Опозицискиот СДСМ, пак, со соопштение до јавноста реагира дека овој буџет не е развоен, туку е за преживување. Според нив, буџетот нема да го стимулира приватниот сектор и со тоа нема да има некакво придвижување на економијата. СДСМ потсетува дека во изминатите година Македонија има просечна стапка на раст од само 1,4 отсто, и проценуваат дека догодина економскиот раст ќе биде двојно понизок од она што го најавува владата, односно околу 2 проценти.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG