Достапни линкови

„100 илјади поети за промена“ по четврти пат во Струмица


Со две поетски читања, едно за основците и средношколците и вечерното на кое учество ќе земат над шеесетина македонски творци, изложба на плакати и промоција на алманахот од пристигнатите песни на конкурсот, в сабота, на 27 септември, во Струмица, ќе се одржи четвртата по ред манифестација „100 Илјади поети за промена“. Настанот е дел од глобалното движење во кое се вклучени бројни уметници и интелектуалци од над 100 држави во светот.

Ги претрчавме сите ледини.

И ливадите со лаванда и лалиња,

но и минските полиња. По пат некои

налетаа на мина. И летаа со ѕвездите.

А други пак направија букети

цвеќе за своите сакани.

Дефиницијата за поет е човек кој пишува за слободата. Барем така било во минатото. Е сега, со оглед на сите локални и глобални проблеми со кои се соочуваме, и тоа како поетите се дрзнуваат се почесто да пишуваат за она што за нив претставува проблем.
Митко Гогов, поет и организатор на манифестацијата 100 илјади поети за промена.

Ова се само грст стихови од „Маратонска песна“ на Владимир Мартиновски, еден од шеесетината македонски творци кои ќе учествуваат на четвртото издание на „100 Илјади поети за промена“, настанот што оваа сабота, на 27 септември, ќе се одржи во Струмица.

Покрај него, на вечерното читање овој пат ќе се претстават и Ѓоко Здравески, Мерсиха Исмајлоска, Давор Стојановски, Ивана Рендевска, Гаврило Миловановиќ, Мира Смаќоска, Даниела Илијоска, Калиа Димитрова и други, а станува збор за меѓународна манифестација која се одржува во над 100 земји од светот и која има за цел да ги вклучи сите оние сакаат и имаат волја да бидат промената која љубат да ја видат околу себе и на глобално ниво.

Во овие четири години се појавија триесетина млади надежни автори кои веќе почнуваат да гледаат низ призмата на промените и низ призмата на стиховите. И тие млади се мојата надеж, односно семето кое се обидувам да го посеам во нашето општество и кое искрено, прецизно и кристално ќе зборува за се она што ги опкружува а не е толку убаво.
Митко Гогов, поет и организатор на манифестацијата 100 илјади поети за промена.

„Дефиницијата за поет е човек кој пишува за слободата. Барем така било во минатото. Е сега, со оглед на сите локални и глобални проблеми со кои се соочуваме, и тоа како поетите се дрзнуваат се почесто да пишуваат за она што за нив претставува проблем. Сè почесто можеме да видиме меѓу нивните стихови поезија напишана за она што нас не тангира како активни граѓани вклучени во општеството“, вели поетот Митко Гогов, еден од иницијаторите и организаторите на ова случување.

Тој дополнува дека домашните творци, оние кои во изминативе неколку години се вклучени во акцијата „100 илјади поети за промена“ во Македонија досега споделиле многу социјално ангажирани стихови во кои гласно проговараат за нашите проблеми како на локално, така и на глобално ниво. Вели дека кога го онлајн го пријавувал одржувањето на настанот како дел од акцијата започната како реакција на полициската бруталност што резултирала со убиство на еден млад човек во Санта Барбара, во САД, на ум ги имал паралелите што можат да се извлечат во однос на случувањата кај нас, но нималку не мислел дека одѕивот ќе биде толку голем. Особено кај основците и средношколците во својот град на кои сега им припаѓа претпладневното читање.

„Во овие четири години се појавија триесетина млади надежни автори кои веќе почнуваат да гледаат низ призмата на промените и низ призмата на стиховите. И тие млади се мојата надеж, односно семето кое се обидувам да го посеам во нашето општество и кое искрено, прецизно и кристално ќе зборува за се она што ги опкружува, а не е толку убаво, односно ќе говорат гласно за сите оние проблеми кои нам како држава ни се случуваат“, вели Гогов.

Инаку, годинава по втор пат ќе биде објавен и промовиран алманахот „100 илјади поети за промена“ во кој ќе се најдат песните на дел од авторите кои учествувале на распишаниот конкурс. Од таму, не чуди кога Гогов, како човек којшто ја има акредитацијата за случувањето во нашата држава, знае да каже дека нему не му е целта да го држи фестивалот да се случува само во последната сабота од септември туку дека е расположен и натаму да одговори на сите повици за читање поезија каков што досега бил случајот во Кавадарци, Штип, Гевгелија и Скопје.

„Еднаш кога веќе имаш готов продукт каков што е алманахот, секаде каде што одиме ние имаме можност бесплатно да им ја делиме книгата на посетителите. Со тоа поезијата која што е застапена во неа допира до сè повеќе и повеќе луѓе“, истакнува Гогов.

Од друга, паралелно со конкурсот за песна, од самиот почеток на случувањето се одвива и оној за плакат, па така во рамките на годинашново издание на „100 илјади поети за промена“ ќе биде одржана и изложбата на која ќе бидат претставени пристигнатите решенија.

„Живееме во дигитална ера во која луѓето сè повеќе време поминуваат на социјалните мрежи и знаеме дека фотографиите се нешто што најмногу и најбрзо се шири. Така врз основа на таа идеја покренав еден конкурс за дизајнирање на плакат кој ќе ги опфаќа темите со кои се занимава нашето движење како што се проблемите со војните, со геноцидот, со убиствата, со сиромаштијата, климатските промени, недостатокот од мир и разбирање. Досега во овие четири години редовно учествуваат над дваесеттина дизајнери за кои со гордост можам да кажам дека се едни од најдобрите во нашава земја. И сите тие на сопствен креативен начин, со помош на својот израз, се обидуваат та наша порака да ја донесат поблиску до публиката“, вели тој.

Гогов појаснува дека освен тоа што плакатите генерално си ја исполнуваат основната нивна функција да информираат за настанот, успеваат пораките од него да ги вмрежат и на меѓународно ниво. Истакнува дека дел од најдобрите од минатата година биле претставени на читањата во САД, Турција, Египет, Мароко, Италија, дека трендот продолжува и годинава, а за наредното јубилејно издание на манифестацијата најавува голема изложба со одбир од целата архива на плакати што ја поседуваат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG