Достапни линкови

Црковниот спор испречен во македонско-српските односи


Архивска фотографија: Средба на претседателите на Македонија и Србија, Ѓорге Иванов и Томислав Николиќ.
Архивска фотографија: Средба на претседателите на Македонија и Србија, Ѓорге Иванов и Томислав Николиќ.

Иако Македонија и Србија се секуларни, сепак властите се блиски со црковните лица и поради тоа може да помогнат во надминување на спорот, но не зависи само од нив, велат аналитичарите.

Спорот меѓу Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Српската православна црква е најголемото отворено прашање меѓу двете земји, проценуваат аналитичарите во контекст на денешната средба на министерот за надворешни работи на северниот сосед Ивица Дачиќ со домашниот државно-владин врв. Иако уставно двете држави се секуларни, сепак властите реално се блиски со црковните лица и поради тоа би можело да помогнат во надминување на спорот, но не зависи само од нив, вели професор Нано Ружин.

Оние што се занимаваат со оваа проблематика знаат дека сепак сè зависи од Грчката православна црква, со оглед дека под нејзина јурисдикција практично се уште 6-7 цркви од коишто зависи општиот став.
Нано Ружин, универзитетски професор.

„Знаеме и од неколку настапи на српскиот претседател кој ветуваше дека ќе направи некој исчекор во насока на подобрување на односите, но оние што се занимаваат со оваа проблематика знаат дека сепак сè зависи од Грчката православна црква, со оглед дека под нејзина јурисдикција практично се уште 6-7 цркви од коишто зависи општиот став“, вели Ружин.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Секое двоумење, секое калкулирање во однос на барањата, односно повикот на ЕУ до овие две земји, тоа значи дека намерата не е искрена да бидат членки на една Унија на чии стандарди треба да се одговори во секоја прилика и на секое барање.
Исмет Рамадани, Евроатлантски совет на Македонија.

Двете земји, пак, сега се соочени и со потребата од реакција за важни прашања за западот. Во врска со воведените санкции за Русија поради ситуацијата во Украина дебатата во Македонија главно се води околу тоа дали државава може нешто да добие економски, а српскиот премиер Александар Вучиќ, пак, веќе рече дека тие не планираат да воведат санкции против Русија, туку планира да соработува со земјата, особено во областа на енергетиката.

Според претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, двете земји треба да ги следат препораките на Европската унија.

„Секое двоумење, секое калкулирање во однос на барањата, односно повикот на ЕУ до овие две земји, тоа значи дека намерата не е искрена да бидат членки на една Унија на чии стандарди треба да се одговори во секоја прилика и на секое барање“, вели Рамадани.

Според Ружин, тоа што двете земји не се членки на Европската унија им овозможува ваква покомотна ситуација, а официјален Брисел им прогледува низ прсти.

За другото глобално важно прашање, борбата против бунтовниците од Исламска држава за која светската поддршката се зголемува, особено по објавувањето на снимката од обезглавувањето на британскиот хуманитарен работник викендов, двете земји соработуваат и меѓусебно и со западните сили, смета Ружин. Во тој контекст тој го споменува носењето на измените на законот со кој ќе се казнуваат оние што учествуваат во туѓи битки.

„Односот кон екстремизмот и тероризмот исто така треба да бидат дел од сето тоа што ќе се преземе од ЕУ“, вели Рамадани.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG