Достапни линкови

Како против милитантите на Исламската држава?


Меѓународна коалиција за долгорочна акција. Ова е дел од планот на американскиот претседател Барак Обама против заканите кои доаѓаат од милитантите на Исламската држава. Тој ќе го обелодени утре со цел што поскоро да ја добие поддршката во Конгресот, но и од сојузниците и партнерите во светот.

Во донесувањето на планот, претседателот Барак Обама, како што изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернст, пред се се раководел од опасноста што за американската безбедност ја претставуваат милитантите на Исламската држава.

Заканата што оваа екстремистичка организација ја претставува за нас се странските борци, индивидуалци со западни пасоши кои се борат заедно со Исламската држава. Постои голема загриженост дека некои од нив ќе се обидат да се вратат за да вршат терористички акти тука.
Џош Ернст, портпарол на Белата куќа.

Тие во изминативе месеци имаат освоени големи делови од Сирија и Ирак и постојано, преку социјалните мрежи и со брутални видео снимки, им се закануваат на западните земји.

„И заканата што оваа екстремистичка организација ја претставува за нас се странските борци, индивидуалци со западни пасоши кои се борат заедно со Исламската држава. Постои голема загриженост дека некои од нив ќе се обидат да се вратат за да вршат терористички акти тука“, вели Ернст, додавајќи дека претседателот Обама нема да предложи распоредување американски копнени сили во Ирак или Сирија за да се справи со исламистите.

Нашата глобално координирана кампања со глобално координирана коалиција ќе се гради не само во наредните денови или недели, туку можеби и во наредните месеци и години. Притоа сакам да нагласам дека скоро секоја земја во светот има улога во елиминирањето на заканите од Исламската држава.
Џон Кери, американски државен секретар.

„Тој зборува за градење поширока меѓународна коалиција, за ангажирање на регионалните влади, за барање поддршка во формирањето ефикасна влада во Ирак за да се конфротира со заканата“, вели Ернст.

За таа цел американскиот државен секретар Џон Кери оваа недела е во Саудиска Арабија и Јордан за да разговара за начините со кои овие земји можат да придонесат во борбата против милитантите на Исламската држава.

„Нашата глобално координирана кампања со глобално координирана коалиција ќе се гради не само во наредните денови или недели, туку можеби и во наредните месеци и години. Притоа сакам да нагласам дека скоро секоја земја во светот има улога во елиминирањето на заканите од Исламската држава“, порача американскиот државен секретар Џон Кери од Вашингтон.

Секретарот за одбрана Чак Хејгел, пак, од Анкара изјави дека претседателот Барак Обама треба добро да ги процени последиците од ширењето на операциите против екстремистите на Исламската држава и можностите кампањата да не се одолжи предолго.

Сепак, како што додаде, тоа не треба да биде изговор за недејствување, бидејќи и тоа носи негативни последици. Хејгел пред посетата на Турција, престојуваше во Грузија во рамките на напорите да организира коалиција за борба против припадниците на Исламската држава.

Тој, како што изјави, разговарал и со членови на американскиот Конгрес кои се согласувале дека исламистите мора да бидат уништени.

Според последните испитувања на јавното мислење, повеќето од Американците страхуваат од милитантите на Исламската држава и се за преземање акција против нив. Тие и на мислење дека претседателот Обама засега немал јасен план како да го направи тоа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG