Достапни линкови

Самитот на НАТО за Украина и исламските милитанти


На дводневниот самит на НАТО во Кардиф, Велс, фокусот е ставен врз проблемите во источна Украина и врз планот за зајакнување на присуството на Алијансата на нејзините источни граници. Исто така, тука е и растечката опасност од милитантната организација Исламска држава која освои големи делови на Сирија и Ирак.

Стратегијата како да се одговори на руските потези во источна Украина каде што проруските сепаратисти покренаа офанизва против владините сили е главната грижа за лидерите на НАТО на дводневниот самит во Селтик Менор во јужен Велс.

Не е владата во Киев таа која ја дестабилизира источна Украина. Тоа се проруските сепаратисти кои се охрабрени од Русија, финансирани од Русија, тренирани од Русија, снабдени од Русија и вооружени од Русија. Руските сили кои влегоа во Украина не се на хуманитарна или мировна мисија. Тие се борбени сили.
Барак Обама, претседател на САД.

Украинскиот претседател Петро Порошенко, кој е поканет на самитот, претходно треба да ги брифира за активностите на сепаратистите за кои Киев и НАТО велат дека се поддржани од Москва.

Тоа јасно го кажа и американскиот претседател Барак Обама за време на престојот во Талин, Естонија.

„Не е владата во Киев таа која ја дестабилизира источна Украина. Тоа се проруските сепаратисти кои се охрабрени од Русија, финансирани од Русија, тренирани од Русија, снабдени од Русија и вооружени од Русија. Руските сили кои влегоа во Украина не се на хуманитарна или мировна мисија. Тие се борбени сили“, рече тој.

Путин ја игра оваа многу дволична игра на одржување на интервенцијата на толку ниско ниво што не привлекува поголемо внимание кај западната јавност и тој е прилично успешен во тоа. Но, треба да бидеме свесни дека тој би можело многу брзо и да ја ескалира ситуацијата.
Френсис Фукујама, Центар за демократија на Универзитетот Стенфорд.

Затоа Обама порача дека од самитот на НАТО мора да биде испратена силна порака за поддршка на Украина.

„И како што никогаш не ја прифативме окупацијата или илегалната анексија на балтичките држави, ние нема да прифатиме руска окупација и анкесија на Крим или на кој било друг дел на Украина“, рече Обама.

Токму Естонија, Летонија и Литванија кои порано беа дел од поранешниот Советски Сојуз најмногу стравуваат од развојот на ситуацијата во Украина.

НАТО веќе најави дека планира поголемо и трајно воено присуство таму во рамките на стратегијата за одвраќање на евентуалните потези на Москва.

И дел од аналитичарите се согласуваат дека НАТО треба да се врати на својата изворна мисија.

„Мислам дека е неопходно НАТО повторно да стане воен сојуз. Во изминативе две декади НАТО повеќе беше демократски клуб, односно организација за промоција на демокартијата“, вели Френсис Фукујама, од Центарот за демократија на Универзитетот Стенфорд, наведувајќи дека е вистинско време да се најдат начини како да се снабди Украина со воена опрема и како да се обучат украинските сили.

„Путин ја игра оваа многу дволична игра на одржување на интервенцијата на толку ниско ниво што не привлекува поголемо внимание кај западната јавност и тој е прилично успешен во тоа. Но, треба да бидеме свесни дека тој би можело многу брзо и да ја ескалира ситуацијата“, оценува Фукујама.

Друга главна тема на самитот на НАТО во Велс е како Алијансата да се конфронтира со милитантната група Исламска држава во Ирак и Сирија, но и повлекувањето на силите на НАТО од Авганистан.

„Ако Исламската држава или секоја друга државна или недржавна група му се закани на некој сојузник на НАТО, ние нема да се колебаме да ги преземе неопходните чекори за заштита“, рече генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG