Достапни линкови

Македонската опера и балет на уметнички поход во Тајланд


Македонската опера и балет со три изведби, оперите „Дон Џовани“ и „Боеми“ во соработка со италијанскиот театар „Лирико италијано“ и со гала оперски концерт кој ќе биде реализиран со камерниот оркестар „Нова Амадеус“ од Рим, од 13 септември до 26 октомври, ќе учествува на 16-то издание на Интернационалниот фестивал на музика и танц кој ќе се одржи во Тајланд.

Настапот на Македонската опера и балет во соработка со театарот „Лирико италијано“, заедно со оние на Израелската филхармонија предводена од славниот диригент маестро Зубин Мехта, Данскиот танцов театар, Кинеската национална театарска трупа од Пекинг, фантастичната боливудска изведба на „Таџ експрес“ и неверојатното шведско шоу посветено на легендарната поп група АББА во тајландските медиуми се сметаат за главните адути на претстојниот 16-ти Интернационален фестивал на музика и танц, што од 13 септември до 26 октомври, ќе се одржи во Културниот центар во Банкок.

За уметниците од МОБ е голема чест да учествуваат на вакви настани каде што се промовира нашата куќа и каде што се остваруваат контакти со врвни светски уметници и менаџери.
Дејан Прошев, директор на Македонската опера и балет.

Станува збор за една од растечките и навистина големи музичко-сценски манифестации во Азија и случување на чија програма се 16 музичко-танцови претстави од дури 14 земји во светот и во нив се очекува да настапат над 1.000 меѓународни уметници.

Благој Нацоски, оперски пејач.
Благој Нацоски, оперски пејач.

И, она што е особено важно е тоа што токму отворањето е предвидено да биде со нашата поставка на Моцартовата - „Дон Џовани“, која премиерно беше изведена на годинашните Мајски оперски вечери. Ова, пак, подразбира дека на оваа прва меѓународна изведба на операта ќе настапи и истата интернационална солистичка екипа која се појави во мај во Скопје, како и хорот на МОБ.

Ова се многу значајни културни настани за нас. Преку ваквите настапи се промовира не само македонската култура, туку и Република Македонија воопшто на светската културна мапа.
Дејан Прошев, директор на Македонската опера и балет.

Освен Благој Нацовски, нашиот тенор и културен амбасадор во Италија кој овде го толкува ликот на Дон Отавио, тајландската публика ќе има можност да ги види и чуе и гостите уметници како Паоло Кони, Мауро Корна, Анџела Низи, Џулија де Блазис, Итало Проферише, Алесио Потестио и Џесика Роуз Камбио од САД. Со оркестарот и ќе диригира познатиот Џузепе Сабатини.

Два дена подоцна, на 15 септември, е предвидено да биде одиграна и „Боеми“ од Џакомо Пучини, што македонската публика премиерно имаше можност да ја проследи на штотуку завршеното Скопско лето. И оваа претстава е во продукција на „Лирико италијано“, што подразбира дека нејзин режисер и сценограф е Италијанецот Лев Пулиезе, а зад диригентскиот пулт повторно ќе биде неговиот сонародник Сабатини. Овде во главните улоги се појавуваат Салваторе Кордела, Алесио Потестио, Итало Проферише, Мауро Корна, Анџела Низи и Пиетро Навиња.

Конечно, гостувањето на МОБ на Тајланд ќе биде заокружено наредната вечер со закажаниот гала-оперски концерт кој ќе биде реализиран во соработка со оркестарот „Нова Амадеус“, при што на програмата ќе се најдат арии од делата на Верди, Пучини, Росини, Белини, Доницети и Маскањи.

„За уметниците од МОБ е голема чест да учествуваат на вакви настани каде што се промовира нашата куќа и каде што се остваруваат контакти со врвни светски уметници и менаџери. Посебно е задоволството да се биде рамо до рамо со значајните светски имиња како прочуениот Зубин Мехта, сер Роџер Норинг, Израелската филхармонија, балетот од Штутгард, оркестарот од Базел, Швајцарија и многу други“, ќе рече во пресрет на патувањето Дејан Прошев, директор на Македонската опера и балет.

Инаку, по минатогодишната успешна турнеја во Џакарта – Индонезија, оваа наша национална установа во периодов што следува ја очекуваат уште неколку значајни гостувања. Имено, на 21 септември, во Виена, во театарот „Одеон“, по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Австрија и Република Македонија, ќе биде изведен современиот балет „14 часа“ работен на музика на Кирил Џајковски, а во кореографија на Игор Киров и режија на Наташа Поплавска. Претставата е една од најгледаните балетски продукции во текот на минатата година, беше прикажана на манифестацијата „Македонија во чест на Светите Кирил и Методиј“ во Рим, како и на домашните фестивали Охридско и Скопско лето.

Покрај ова, во ноември, во чест на воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу нашава земја и Царството Јапонија, во Токио ќе се одржи целовечерен оперски концерт. Во првиот дел ќе биде изведена Македонско-јапонската свита за тенор, хор и оркестар од Алесандро Д‘Агостини каде солист ќе биде првенецот Благој Нацовски, а во вториот, пак, Деветата бетовенова симфонија со првенците на операта Славица Петровска Галиќ, Ѓорѓи Цуцковски, Ирена Кафкалевска и Игор Дурловски придружувани од „Вагнер сосајати оркестра“ и „Јапонско-македонскиот пријателски меморијален хор“ оформен од неколку постоечки ансамбли и некаде 120 членови. Со концертот ќе диригира маестро Борјан Цанев.

„Ова се многу значајни културни настани за нас. Преку ваквите настапи се промовира не само македонската култура, туку и Република Македонија воопшто на светската културна мапа“, потенцира Прошев.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG