Достапни линкови

Лекарите скептични и збунети за слободната здравствена зона


Архивска фотографија - Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.
Архивска фотографија - Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.

Повеќето лекари не сакаа да го коментираат најновиот проект на здравствените власти, од причина што, како што велат, не им е доволно јасен и досега не слушнале за постоење на таква зона во друга земја.

Најавата на концептот за формирање на слободна здравствена зона во Македонија во која ќе бидат сместени болници изградени само од странски компании, а услугите во првите десет години би ги користеле само странски државјани, предизвика збунетот и скептицизам кај лекарската фела. Повеќето лекари не сакаа да го коментираат најновиот проект на здравствените власти, од причина што, како што велат, не им е доволно јасен и досега не слушнале за постоење на таква зона во друга земја.

Не знам зошто би доаѓале тука кога си имаат толку центри во Европа и во светот. Кој би дошол тука да работи и кој би дошол тука да се лекува, не ми е јасно?.
Доктор Спасе Јовковски.

Доктор Спасе Јовковски се сомнева дека здравствената зона би привлекла странски државјани кои би доаѓале да се лечат тука, кога, како што вели, во светот постојат реномирани здравствени центри во кои можат да ја добијат потребната услуга.

„Не знам зошто би доаѓале тука кога си имаат толку центри во Европа и во светот. Кој би дошол тука да работи и кој би дошол тука да се лекува, не ми е јасно?“, вели Јовковски.

Но, ако направат центри за физикални терапии во нашите сончеви места или воздушни бањи, ние имаме доста сончеви денови и ако сето тоа добро биде организирано, идејата не е лоша.
Доктор Јордан Савевски.

Министерот за здравство Никола Тодоров вели дека овој концепт на слободни здравствени зони веќе се применува во Дубаи, во еден сегмент во Јужна Кореја, а сега почнува неговата примена и во Турција.

„Ама Дубаи и надвор од сите норми“, коментира Јовковски.

Според професорот Јордан Савевски, пак, идејата за слободна здравствена зона е добра, но, тој се сомнева во условите за нејзина реализација, особено поради тоа што еден ист таков проект кој неколку години порано бил планиран да се изгради во близина на Охрид, пропаднал.

„Има голем дел од богатите земји кои живеат во едно магловито и облачно време, дури и масоните ќе носат пациенти, имаше таков проект. Но, ако направат центри за физикални терапии во нашите сончеви места или воздушни бањи, ние имаме доста сончеви денови и ако сето тоа добро биде организирано, идејата не е лоша.“

Паралелно со вршење на здравствената дејност, целта е да се поттикне вршење на високо образование од областа на медицинските науки, а наставата во високообразовната институција да ја изведуваат професори од кои најмалку половина предаваат на 100-те највисоко рангирани факултети во делот на медицината. Ова, вели доктор Савевски, е добро за нашите кадри, кои наместо да се селат надвор за да се доедуцираат, сега тоа ќе можат да го прават дома.

„Ние сите што научивме нешто, сите нови техники, го транспортиравме во Македонија. Секој што достигнал врв во својата струка е благодарение што имал можност да оди да види нешто ново, затоа што во оваа друштво во кое не сме ги ни победиме бубашвабите, нема пари за истражувања.“

Инаку за корисниците на слободната здравствена зона, односно болниците, се предвидуваат даночни и царински ослободувања. Предвидено е ослободување од данок на добивка и персонален данок на доход во првите десет години од работењето на зоната. Предвидени се и поволности за уредување на градежното земјиште, со тоа што ќе бидат ослободени од комуналии, а Владата на РМ ќе може да учествува во трошоците за изградба на градежен објект на корисниците во зоната во висина од 500.000 евра.

Здравствените услуги во зоната нема да бидат достапни за граѓаните на Македононија и на Косово во првите десет години од отворањето, за како што рече министерот да не се предизвика нелојална конкуренција, особено во однос на веќе отворените приватни здравствени установи во земјава.


  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG