Достапни линкови

Македонска амбиентална компилација објавена во САД


Композиции на седум домашни творци и проекти се застапени на компилацијата „Преку планините: Македонска амбиентална музичка компилација“ (или Аcross the mountains: А Macedonian ambient music compilation) што официјално излегува на 19 август, а зад која стојат американската музичка издавачка етикета Силбер рекордс во соработка со македонската етикета Пост глобал рикордингс. Остварувањето е резултат на долгогодишна комуникација помеѓу обата издавачи на повеќе нивоа, како и обид да се продлабочи и изгради една конкретна музичка сцена.

Објавена како 155-то издание на американската Силбер рекордс и прво на Пост глобал од новата едиција Локал, компилацијата „Преку планините: Македонска амбиентална музичка компилација (или Аcross the mountains: А Macedonian ambient music compilation) нуди звучни слики и пејзажи на неколкумина македонски артисти и проекти кои некое време се присутни на локалната и на интернационалната амбиентална музичка сцена.

Дојдов на идеја дека може да се направи на начин што ќе компилирам и курирам една компилација на македонски амбиентални артисти, звук којшто и самиот Силбер рекордс го третира и ќе и го покажеме најдоброто од амбиенталната домашна сцена на американската и интернационалната публика.
Тони Димитров.

На неа се документирани творби на Шерифидан Курт, Димитар Додовски и на дружините Аmplidyne Еffect, Fydhws, Airless Project, Post Global Trio и Sound_00. Станува збор за иницијатива, поттикната, конципирана и курирана од Тони Димитров, кој патем е автор на дизајнот и на фотографиите за изданието, а за мастерингот се погрижи Брајан Џон Мичел, сопственикот на американската етикета.

Крајната идеја е не само едноставно претставување на креираната музика, туку поврзување на сите овие чинители на сцената во една цврста база од која што ќе произлезе не само реална сцена туку и понатамошна соработка.
Тони Димитров.

„Брајан Мичел, човекот што стои зад оваа издавачка етикета, ми ги праќаше неговите изданија да ги презентирам во мојата емисија која што го емитуваше најновото од електронската, амбиенталната и експерименталната сцена. По десеттина и повеќе години соработка сето тоа мораше да се продлабочи и дојдов на идеја дека може да се направи на начин што ќе компилирам и курирам една компилација на македонски амбиентални артисти, звук којшто и самиот Силбер рекордс го третира и ќе и го покажеме најдоброто од амбиенталната домашна сцена на американската и интернационалната публика“, вели Тони Димитров.

Тој дополнува дека кај нас има навистина квалитетни музики и артисти и дека македонската амбиентална сцена може да се претстави глобално на истото ниво како и американската или која било друга од светот. Потенцира дека всушност вистинскиот бенефит од ваквите потези е соработката меѓу артистите и издавачите и запознавањето на медиумите и публиката.

„Крајната идеја е не само едноставно претставување на креираната музика, туку поврзување на сите овие чинители на сцената во една цврста база од која што ќе произлезе не само реална сцена туку и понатамошна соработка. Всушност, и основната идеја на целиот овој проект е отворање на сите можни аспекти за понатамошна соработка. И не само на ниво на продукција, туку и размена на артисти кои што би дошле да настапуваат овде кај нас и посебно на македонски творци на кои би им било овозможено да се претстават некаде на друго место. Едноставно запознавањето, комуникацијата која што понатака условно би можела да се развива во различни правци“, вели Димитров.

Инаку со компилацијата „Преку планините: Македонска амбиентална музичка компилација“ (Аcross the mountains: А Macedonian ambient music compilation), Пост глобал рикордингс, како нет платформа за музика и звук фокусирани на амбиент, дрон, теренски снимки, пост класика и слични естетски форми, ја почнува новата едиција „Локал“ чија цел е да објавува и да промовира локални македонски артисти кои креираат и продуцираат амбиентален и експериментален звук до пошироката интернационална публика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG