Достапни линкови

Неделен печат - Рамковен договор, радикален ислам и диктатура


Илустрација.
Илустрација.

Фокус ја анализира владината коалиција, Република пишува за радикалниот ислам, а Глобус се осврнува на, како што пишува, диктатурата во Македонија.

Фокус - Ахмети се интегрираше во фалангата на Груевски

Сè додека Груевски и Ахмети се заедно во власта, во Македонија не може да се повтори 2001-ва.
Фокус.

„Преродената Охридска рамка“ при што „Ахмети се интегрираше во фалангата на Груевски“ ја анализира најновиот Фокус за да напише: „Ова не е 2001 година, ќе им порача Груевски на демонстрантите Албанци кои протестираа поради пресудите во случајот ’Монструм‘. Сè додека Груевски и Ахмети се заедно во власта, во Македонија не може да се повтори 2001-ва. Тие се пастири на своите стада и додека ги слават историските воени победи и походи на Албанците и на Македонците во нивните трла, владее мир! Студен, гневен, ама, сепак, мир. До кога?“, загатливо со сомнеж прашува Фокус и додава: „Што ако Албанците, поради својата бунтовна природа почнат сè помасовно да го жигосуваат резилот на партиското судство во Македонија, ако се охрабрат и Македонците и ако заедно на улиците го излеат својот наталожен гнев поради сиромаштијата и поради корупцијата во власта... може ли тогаш наталожениот меѓуетнички и меѓуверски гнев да прерасне во политички отпор?“ - пишува Фокус.

Ако не се случи силно и недвосмислено оградување од радикалните исламисти од страна на албанската заедница во земјава, токму умерените ќе бидат првите и најголеми жртви на внатреисламскиот конфликт.
Република.

Република - Радикалниот ислам во Македонија

Република, покрај темата на неделата за „Радикалниот ислам во Македонија“, во уводникот, ја прозива ИВЗ или некој од верските лидери да излезат и со јасен и храбар став да го осудат радикалниот начин на практикување на исламот, како во Сирија, да се дистанцираат од него и да побараат од државните институции да ги ослободат верските објекти од насилниците заштитувајќи ги од таквите структури вистинските муслимански верници и останатите граѓани во земјава. Република смета дека во Македонија се практикува „лицемерство против исламскиот фундаментализам“ и дека ако не се случи силно и недвосмислено оградување од радикалните исламисти од страна на албанската заедница во земјава, токму умерените ќе бидат првите и најголеми жртви на внатреисламскиот конфликт до кој ќе дојде ако продолжат трендовите кои тргнуваат од Блискиот Исток и преку „Зелената трансверзала“ стануваат дел од домашната политика.

Глобус - Музеј на диктатурата

За еден хипотетички „Музеј на диктатурата“ и хипотетичко опкружување по 70 години пишува авторот во колумната „Таленти“ во најновиот Глобус. Поттикнат од млаката годинешна прослава на јубилејната 70-годишнина на Првото заседание на АСНОМ. Па си замислува дека на Плоштадот во Скопје единствениот споменик е оној наречен „Илинден“, со чисти линии, едноставен бел и мермерен, во кој се вдлабени историските датуми на двата или на трите Илиндени, и пред кој гори вечен оган. А некаде надвор од градот, со референдум на граѓаните, е преместен хаосот од споменици што пред седум децении ги „красеа“ плоштадот и Скопје. Сместени се во Музејот на диктатурата како сведоштво за злоупотребите на власта и недостојното однесување кон минатото, историјата и традицијата, а на излезот од Музејот, на задната страна на Триумфалната порта, изградена да биде симбол на диктатурата, на дисплеј, во таа замислена 2084 година, стои предупредување до граѓаните дека диктатурата, со перење мозок преку платени медиуми, од граѓаните прави имбецили за да може да ги манипулира, а со празни ветувања и закани ги тера на покорност. Тоа не смеат повторно да го дозволат. Никогаш повеќе. Било - не повторило се! - извикувајќи ја завршува авторот колумната во Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG