Достапни линкови

Отпишувањето долгови - владин притисок врз компаниите


Премиерот Никола Груевски на поставувањето камен-темелник на новата зграда на ЈП „Водовод и Канализација“ во Скопје.
Премиерот Никола Груевски на поставувањето камен-темелник на новата зграда на ЈП „Водовод и Канализација“ во Скопје.

Владата се наоѓа во ситуација во која мора да исполни едно предизборно ветување, а не може, оти буџетот е празен. Во такви услови сега користи методи несвојствени за пазарната економија, велат аналитичарите.

Невообичаена мерка за пазарната економија која може да се сфати само како политички притисок на Владата врз приватните фирми, а со цел да се исполни предизборното ветување за отпис на долговите на социјално ранливите категории. Вака економските експерти го коментираат повикот на премиерот Никола Груевски до компаниите како ЕВН, Топлификација, банките и други субјекти да ги отпишат долговите на социјално загрозените граѓани и да ја покажат, како што рече, својата општествена одговорност.

Обраќањето на премиерот не е ништо друго, туку еден вид притисок врз приватните компании да му излезат во пресрет за исполнување на ветувањето коешто го даде пред изборите.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

„Обраќањето на премиерот не е ништо друго, туку еден вид притисок врз приватните компании да му излезат во пресрет за исполнување на ветувањето коешто го даде пред изборите“, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Владата се наоѓа во ситуација во која мора да исполни едно предизборно ветување, а не може, оти буџетот е празен. Во такви услови сега користи методи несвојствени за пазарната економија, вели Најдовски. Со сличен став и поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

Тоа е растројство на пазарниот систем и на правниот систем во државата. Има други начини за социјална политика. Ова е обично лажење на народот и во функција на пропаганда.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

„Тоа е растројство на пазарниот систем и на правниот систем во државата. Има други начини за социјална политика. Ова е обично лажење на народот и во функција на пропаганда.“

Инаку за отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, дистрибутерите на топлинска енергија ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент на долгот кој нема да биде повеќе од 10 отсто од отпишаниот долг. Но ваквите олеснувања од Владата, според Најдовски не се економски исплатливи за компаниите.

„Сметам дека процентот кој им се дава на компаниите кај нив не предизвикува економски интерес. Сето ова на крај ќе биде само во сферата на политиката и договорот, притисокот би рекол од страна на владата врз овие компании. Е сега дали преќутно владата ќе им даде други поволности на овие компании за кои јавноста нема да биде информирана, допрва ќе видиме“, вели Најдовски.

Според Хајредини, пак, доколку компаниите не одговорат на јавниот повик за отпис на долгови, последиците ќе ги почувствуваат само оние кои не се под директна контрола на владејачките партии.

„Ќе имаат реперкусии само оние компании кои не се под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, а тие од ВМРО-ДПМНЕ може да се однесуваат како сакаат, тоа е политички пртисок се да биде под контрола на партијата“, вели Хајредини.

Минатата недела Собранието го усвои Законот за отпис на долговите, а во петокот го објави Јавниот повик за фирмите кои се јавуваат како доверители за отпис на долговите на граѓаните од социјално ранливите категории. Министерството за финансии пак го објави Јавниот повик за фирмите кои се јавуваат како доверители за отпис на долговите на граѓаните од социјално ранливите категории. Во рок од пет работни дена, односно до 11 –ти овој месец тие треба да поднесат изјава до Министерството за финансии за склучување договор за еднократен отпис на долговите. Законот за отпис на долгови беше донесен на почетокот на овој месец. Министерот за финансии Зоран Ставрески, најави дека еднократниот отпис на долговите за социјално ранливите категории граѓани, ќе заврши во октомври годинава.

Банкарите велат дека станува збор за нефункционални кредити за кои подолг период има проблеми во наплатата, односно категоријата „Г“ ја сочинуваат кредити кај кои има доцнење во наплатата повеќе од 240 дена, а кај кредитите од „Д“ категорија доцнењето во редовната исплата е повеќе од 300 дена. Од банкарскиот сектор посочуваат дека за да се отпишат овие долгови прво треба да се исполнат условите, односно критериумите за социјалниот статуст на должникот, што ги постави владата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG