Достапни линкови

Зошто Русија не се противи Србија да влезе во ЕУ?


Србија, како традиционален сојузник на Русија, напредува во процесот на приклучување кон Европската унија. Реакцијата на Москва на ваквите напори на Белград е пригушена. Дали тоа значи дека Кремљ гледа стратегиска предност од имањето таков сигурен пријател во Западниот блок?

Кога станува збор за европската интеграција на земјите од нејзината околина, Русија има двојни стандарди. Грузија, Молдавија и Украина треба неуморно да се борат со противењето на Москва на секој нивен чекор за поблиски односи со Европа.

Во исто време, на балканските земји, како Македонија, Црна Гора и особено Србија, Москва мирно им дозволува да имаат потесни врски со Европската унија, вклучувајќи и можно нивно членство.

Според некои аналитичари, грубиот пристап кон поранешните советски земји во кои историски доминарше и помеката линија кон сродните словенски земји на Балканот потекнува од подлабока стратегија која има за цел зголемување на влијанието на Москва во рамките на Европската унија.

„Русија има многу поразлични стратегии кога станува збор за поранешните републики од Советискиот сојуз, тие беа дел од нејзиното влијание. Балканот е друго ниво. Неминовен заклучок е дека на еден или на друг начин балканските земји ќе бидат интегрирани во Европската унија. Русија на Унијата гледа како на збир на земји, а со тоа и на можност таму да има повеќе членки кои и се пријатели“, вели Димитар Бечев, шеф на софиската канцеларија на Европскиот совет за надворешни односи.

Очигледно е дека Русија има големо влијание, може да им телефонира на луѓе, да ги подмитува. Затоа мислам дека нема да се противи на проширувањето на Унијата на Балканот. Напротив го прифаќа како можност за ширење на своето влијание во Европската унија.

Руската стратегија на Тројански коњ, целосно се покажа за време на дводневната посета на српскиот премиер Александар Вучиќ на Москва, каде што изјави дека Белград сака да стане членка на Европската унија, но оти нема намера да ги наруши пријателските односи со Русија.

Србија од 2008 направи драматичен напредок кон Унијата. Во исто тоа време Москва го прошири своето влијание во таа земја.

Балканот е од клучно значење за Русија како на регион за енергетски транзит, особено за гасоводот Јужен тек. Белградскиот аналитичар Борис Варга смета дека Србија останува зависна од економската помош од Москва.

„Проблемот е во тоа што на Србија сега и треба економска помош од Русија која Москва не ја дава без политички отстапки. Таква политика, веќе над две децении, Русија води со своите поранешни партнери од Советскиот сојуз, со кои сега развива Царинска унија. Значи, развивајќи ги тие економски односи со Русија, можеме да очекуваме нејзино зголемено политичко присуство на Балканот“, вели белградскиот аналитичар Борис Варга.

Со Варга се согласува и Бечев, кој смета дека токму затоа Москва не се противи на европските амбиции на Србија.

„Владеењето на правото и ставовите на елитите во Србија не можете да ги наречете дека се по европски стандарди. Со други зборови, очигледно е дека Русија има големо влијание, може да им телефонира на луѓе, да ги подмитува. Затоа мислам дека нема да се противи на проширувањето на Унијата на Балканот. Напротив го прифаќа како можност за ширење на своето влијание во Европската унија.“

Според аналитичарите, можеби се ќе биде појасно идната година кога Србија го презема претседавањето со ОБСЕ, која ја има задачата да ја регулира кризата во Украина и замрзнатите конфликти во поранешниот Советски сојуз.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG