Достапни линкови

„Многу врева за ништо“ за затворање на фестивалот „Гола месечина“


Шекспировата „Многу врева за ништо“, во режија на Дејан Пројковски и во продукција на „Театар Комедија“, премиерно ќе биде изведена утре од 21 часот кај Паркот на езерата во скопската општина Аеродром. Претставата ќе биде одиграна во чест на наградените на затворањето на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Нецела година по Гогољевата „Женидба“, режисерот Дејан Пројковски во „Театар Комедија“ поставува уште еден класичен текст – Шекспировиот „Многу врева за ништо“. Според него основната идеја на претставата е да ја раскаже приказната на еден патувачки театар, да проговори за сонот и јавето. Од таму, како што вели, во одредени моменти актерите се ликовите на Шекспир, а во други се сосема обични луѓе кои во гримијорната ја носат сопствената приказна и тежина. Со тоа, во текот на преставата се отвораат и повеќе прашања.

„Многу врева за ништо“ зборува за љубовта, за љубовните бури на младите луѓе во борбата да се пронајде и да се случи вистинската љубов.
Дејан Пројковски, режисер.

„Се отвора прашањето за театарот и за животот, за сонот и јавето, за трагедијата и комедијата...До каде е една приказна и од која точка е комична и кога тоа станува трагедија. Мислам дека создадовме една претстава која што се занимава со театарот, со феноменот на театарот, но и со таа граница на театарот и животот. Би рекол дека дефиницијата за тоа „Што е театар?“, односно „Што е Шекспир?“ е игра. “

Пројковски дополнува дека се занимавале со стихот, но многу често тргнувале да создаваат сцени кои се базирани на текстот но кои се предлошка за импровизација.

Според мене правиме нешто многу силно, многу вистинско, многу емотивно. Мислам дека сите актери од нашата екипа отидоа до негаде каде што претходно не биле. Работиме една претстава за различни типови на љубов.
Нина Деан, актерка.

„Многу врева за ништо“ зборува за љубовта, за љубовните бури на младите луѓе во борбата да се пронајде и да се случи вистинската љубов. Има момент во претставата кога влегуваме многу реско во трагедијата за потоа на крајот сами да ја растуриме, да ја иронизираме, да влеземе преку една гротеска. Но интересното е тоа што постојано се игра на различен начин. Линијата се држи меѓу двата жанра, и меѓу театарот и животот. Некогаш се обидуваме да ги споиме, па гледачот треба сам да оцени што точно е вистината или театарот.“

Во „Многу врева за ништо“ настапува безмалку комплетниот ансамбл на „Театар Комедија“. Улогите ги толкуваат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Илија Илиоски, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Ердоан Максут, Драгана Левенска, Зорица Нушева, Ева Скендеровска и Нина Деан.

„Според мене правиме нешто многу силно, многу вистинско, многу емотивно. Мислам дека сите актери од нашата екипа отидоа до негде каде што претходно не биле. Работиме една претстава за различни типови на љубов. Една смирена убава љубов, чиста, која што подоцна се валка и една страствена љубов која останува таква од почеток до крај со многу кавги и расправии “, вели Деан.

Во овој проект Пројковски повторно соработува со своите проверени театарски собеседници. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, композитор Горан Трајковски, а кореографка е Русинката Елена Прокопева со која во театарот „Вера Комисаржевскаја“ во Санк Петербург ја работеше „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло.

„Не е едноставно било каде и да работите. Како и рускиот така и македонскиот театар си има свои правила и начини на работа, така што секогаш кога влегувате во нова средина станува збор сепак за специфичен процес. Битно е дека актерите секогаш треба да знаат со кого и што работат и да му веруваат на оној што ги води. И кога ќе се воспостави тој контакт, тогаш започнува да се создава делото“, забележува Прокопева за остварената соработка со македонските театарски уметници.

А, актерот Крсте Јовановски, пак, говорејќи за чинот на комуникација со кореографката, потенцира дека е вистински благодат да се има една таква личност во сите наши театарски колективи.

„Онаму каде што текстот не е присутен за да можеме вербално да се разбереме, кореографиите го кажуваат сето она кое, на некој начин, се вклучува внатре во нас актерите. И, тоа навистина е еден благодатен процес.“

Инаку, со „Многу врева за ништо“, како подарок за наградените, ќе биде затворен и Меѓународниот фестивал „Гола Месечина“, што со поддршка на Министерството за култура, го организираат „Театар Комедија“ и Општина Аеродром. Манифестацијата започна на 21 јуни со „Хамлет во пикантен сос“, а Јелена Жугиќ презадоволна од интересот на публиката за фестивалот, вели дека не само што му помагаат на етаблирањето на жанрот во македонските театри туку сега имаат мотив повеќе во стремежот за нејзино натамошно успешно одвивање.

„Со сето ова, та и со оваа наша Шекспирова „Многу врева за ништо“, ние му помагаме на жанрот комедија да си го најде заслуженото место во Република Македонија и со самото тоа да излеземе надвор од нашите граници и да се натпреваруваме со театрите во регионов и пошироко.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG