Достапни линкови

Дождот го разболе житото


Илустрација.
Илустрација.

Земјоделците се жалат дека дел од посевите со пченица и јачмен на неполн месец пред жетвата се нападнати од пепелница и пламеница. Тие стравуваат дека на зафатените ниви болестите ќе ги намалат приносите на житните култури за една третина.

Обилните врнежи од дожд во изминатиот период предизвикаа појава на болести кај лебното зрно во Пелагонија. Земјоделците се жалат дека дел од посевите со пченица и јачмен на неполн месец пред жетвата се нападнати од пепелница и пламеница. Тие стравуваат дека на зафатените ниви болестите ќе ги намалат приносите на житните култури за една третина. Заболено класје има и на површините со екстра квалитетна почва.

Ние во мај месец во Пелагонија мислевме дека ќе имаме рекордни приноси на пченица и јачмен, меѓутоа болестите си го направија своето. Сега на многу површини приносите ќе бидат намалени за 30 до 50 отсто.
Велјо Татнаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

Велјо Татнаров, претседател на Сојузот на земјоделци, вели дека пепелницата се појавила зашто земјоделците досега немале навика да ги третираат житните култури со заштитни средства од вакви болести.

„Ние во мај месец во Пелагонија мислевме дека ќе имаме рекордни приноси на пченица и јачмен, меѓутоа болестите си го направија своето. Сега на многу површини приносите ќе бидат намалени за 30 до 50 отсто, а има и површини каде не ќе може да жнее комбајнот. Станува збор за пепелница и сите видови на ’рѓа. Кај нас во Македонија нема пракса да се штити пченицата и јачменот од тие болести. Со болестите кои го зафатија житото годинава, ќе знаеме в година како да се справиме“, вели Тантаров.

Зголемувањето на релативната влажност на воздухот, како и високите воздушни температури ќе предизвикаат за спорадични појави на габни заболувања.
Игор Златков, директор на Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството.

Експертите за земјоделство потврдуваат дека врнежливото време предизвикало болести кај житото. На земјоделците им препорачуваат за сеидба да користат сертифициран материјал. Велат кога би користеле сертифициран јачмен или пченица, болестите кои ги напаѓаат житариците би биле сведени на минимум.

Игор Златков, директор на Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, препорачува заштита.

„Зголемувањето на релативната влажност на воздухот, како и високите воздушни температури ќе предизвикаат за спорадични појави на габни заболувања за што препорачуваме користење на сертифициран семенски материјал и превентивна заштита со заштитни средства. Ние како агенција ги предупредивме земјоделците со своите советодавни услуги дека е време да започнат со заштита. Тоа се реномил, ридосан и други заштитни средства за заштита од пламеница“, вели Златков.

Добра вест е тоа што посевите кои не се зафатени со пепелница, се очекува да дадат рекордни приноси на жито од 2,5 тони по хектар. Во Македонија на годишно ниво во просек се збира по 280 илјади тони лебно зрно.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG