Достапни линкови

Асоцијативните портрети на Агрон Салиу во берлинскиот Прима центар


„Прелуд“ е насловена изложбата на академскиот сликар Агрон Салиу, што од 27 јуни до 11 јули, ќе се одржи во берлинскиот „Прима центар“. Станува збор за самостојна постановка во германската метропола на која тој ги претставува своите асоцијативни портрети и која доаѓа по неговиот минатогодишен студиски престој во „Сите интернасионал дес Артс“ во Париз, Франција.

Секоја линија и секоја боја, како да се обидува да ја сфати најдлабоката темнина на човекот, честичките на страст и разочарување што лебдат во просторот... Агрон Салиу, со овие слики, со многу креативност и сигурност стапнува во светот на уметноста. Тој ни дарува мноштво на портрети кои остануваат универзуми и на неговите сопствени чувства.

Како млад автор, тоа е голем предизвик за мене. Пред неколку години кажав дека би сакал моите слики да се најдат во некои галерии во Берлин, Париз и затоа сега чувствувам како полека да ми се остварува сонот.
Агрон Салиу, сликар.

Ова, пишувајќи за творештвото на младиот тетовски сликар Агрон Салиу, во една пригода ќе го забележи есеистот Бардуљ Заими. Со тоа, само во неколку реченици, тој успешно ќе нè внесе во духовниот свет на еден творец чие време допрва доаѓа и кој, пак, себе и на својот авторски немир си пожелува нови исчекорувања на интернационалната сцена.

Многу луѓе велат дека уметниците не се во дослух со она што се случува во времето во кое што живеат. Јас не мислам така. Ние будно го следиме сето она што е актуелно во средината во која што креираме и во која што живееме.
Агрон Салиу, сликар.

Од таму, сосема е разбирливо, што по минатогодишниот студиски престој во „Сите интернасионал дес Артс“ во Париз, Салиу со своите дела ќе патува во берлинскиот „Прима центар“.

„Како млад автор, тоа е голем предизвик за мене. Пред неколку години кажав дека би сакал моите слики да се најдат во некои галерии во Берлин, Париз и затоа сега чувствувам како полека да ми се остварува сонот од големата желба за достигнување, за креирање. Лично тоа го чувствувам како голем успех и мислам дека некако го заслужив бидејќи напорно и инспиративно работев на моите дела, на мојата уметност“, вели Салиу.

На оваа своја нова самостојна изложба насловена како „Прелуд“, уметникот ќе претстави 12 слики масло на картон од циклусот „Во исчекување“ и 68 дела мал формат настанати во последниве две години кои формираат еден мозаик. Тематски постановката е поврзана со различните социјални слоеви.

„Тематски изложбата е поврзана со различните социјални слоеви во средината каде што творам. Го претставува она што го гледам, што го слушам. Тоа ми е најголемата инспирација – да бидам меѓу луѓето, да не бидам различен. Многу луѓе велат дека уметниците не се во дослух со она што се случува во времето во кое што живеат. Јас не мислам така. Ние будно го следиме сето она што е актуелно во средината во која што креираме и во која што живееме. Убеден сум дека и ние сме во видокругот, во епицентарот на сето она што на сите нам ни се случува катадневно. Тоа што го гледам во животот, тоа го сликам во стварноста“, вели Салиу.

Уметникот појаснува дека портретите се експресивни, асоцијативни и донесуваат галерија на напатени, но сепак нему драги сосема обични луѓе.

„Секој портрет има лик на некој. Тоа му доаѓа како енигма во моето творештво. И токму затоа мнозина знаат да кажат дека овој лик му личи на оној човек и слично. Јас сликам асоцијативно и во секое дело има детали од различни ситуации. Не ги портретирам луѓето целосно туку земам само по некој акцент од нивниот лик, карактер, емоција и сето тоа го пропуштам да помине низ мене. Затоа секое мое дело донесува нешто свесно или несвесно. Во моментот кога чувството станува цртеж, кога добива форма или боја вие едноставно ништо повеќе не можете да контролирате. И токму во тие мигови се создаваат психологијата, емоциите и различностите во моите слики. Во нив се пластат милоста, тагата, напатеноста и љубовта“, вели уметникот.

Роден 1984 година, Агрон Салиу дипломирал сликарство на Универзитетот во родното Тетово, на Факултетот за уметност, во класата на професор Илиријан Беќири. Самостојно изложувал во градот под Шара (Уметничка галерија), во Скопје ( Старата градска библиотека и Културно информативен центар – 2012) и во Париз („Сите интернасионал дес Артс“), а учесник е на повеќе групни постановки во земјава и во странство и на неколку семинари и уметнички хепенинзи.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG