Достапни линкови

Судењето за клевета да го почека јавното обвинителство


Не треба граѓанскиот суд да почне со судењето за клевета против Заев, додека Јавното обвинителство не се произнесе по криивчната пријава против Груевски за истиот случај, велат дел од правниците.

Судењето за клевета против лидерот на СДСМ Зоран Заев за аферата Македонска банка не треба да почне, без Јавното обвинителство да се изјасни за кривичната пријава од Заев против премиерот Никола Груевски за истиот случај, велат дел од правниците, иако нема никакви процесни пречки двете постапки да течат паралелно, без оглед на нивната испрепрлетеност.
Излишно е и не би требало граѓанскиот суд да почне со постапката додека Јавното обвинителство не се произнесе по пријавата.
Осман Кадриу, универзитетски професор.


Лидерот на СДСМ во предизборната кампања го обвини премиерот Никола Груевски дека, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ пред десетина година ја договарал продажбата на Македонска банка на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ Нини, при што зел 1,5 милиони евра во кеш. Заев обелодени аудио снимка од телефонски разговори на кои, како што рече, Нини и Груевски преку посредник ја договараат продажбата на банката.


ВМРО-ДПМНЕ оцени дека снимката е монтажа, а Груевски поднесе тужба против Заев за клевета и бара 500 илјади евра обесштетување. СДСМ, пак, до јавното обвинителство поднесе кривична пријава против Груевски за истиот случај, но и по два месеци обвинителот не се изјаснил по пријавата.
Недозволиво е ако има елементи кои укажуваат на тоа дека снимката е веродостојна воопшто да не се отпочне постапка тоа да се доиспита.
Драган Малиновски, поранешен антикорупционер.


Универзитетскиот професор по кривично право, Осман Кадриу, вели дека резултатот на тужбата на клевета ќе зависи од исходот на евентуалната кривична постапка за истиот случај.


„Излишно е и не би требало граѓанскиот суд да почне со постапката додека Јавното обвинителство не се произнесе по пријавата. Сметам дека дури тогаш, ако Јавното обвинителство се откаже, не покрене никаква постапка, ако дојде до заклучок дека нема елементи за кривично гонење, дека нема сомнеж за такво дело, тогаш, според моето мислење, може да продолжи граѓанската постапка. Вака како што е покрената постапката, сметам дека е прејудицирана од страна на граѓанскиот суд“, вели Кадриу.
Такво нешто не треба никому ни да му падне на памет, да води постапки за клевета во случај кога станува збор за пријави на корупција.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернејшнал Македонија.


Поранешниот антикорупционер и адвокат Драган Малиновски, пак, вели дека нема никакви процесни пречки граѓанската тужба за клевета да тече, без оглед на одлуката на обвинителството. Сепак, главното прашање е до каде е кривичниот предмет, вели тој.

„Во граѓанскиот предмет Заев треба да докаже дека тоа што го тврди е вистина, а за да отпочне постапката од јавниот обвинител не мора да има 100 отсто докажаност. Доволно е да има веројатност дека е сторено кривично дело за јавниот обвинител да отпочне постапка, па сега како ќе резултира, дали ќе резултира со осудителна пресуда или ослободителна, тоа е прашање за понатаму, меѓутоа недозволиво е ако има елементи кои укажуваат на тоа дека снимката е веродостојна воопшто да не се отпочне постапка тоа да се доиспита“, вели Малиновски.

Претседателката на Транспаренси интернејшнал Македонија, Слаѓана Тасева, на вчерашната прес-конференција, рече дека Законот за заштита од корупција го овозможува правото на дојавувачот на корупција прво да се спроведе истрага, наместо веднаш да се суди за клевета.

„Доколку се направи ефикасен систем, такво нешто не треба никому ни да му падне на памет, да води постапки за клевета во случај кога станува збор за пријави на корупција“, рече Тасева.

СДСМ соопшти дека до обвинителството доставило и вештачење од овластен судски вештак од Белград, кое покажува дека гласот на аудио снимката е на премиерот Никола Груевски.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG