Достапни линкови

Заплови првиот брод Охрид-Поградец


Заплови првиот брод на релација од Охрид до албанскиот град Поградец на Охридското Езеро по десет години барање и лобирање на локалните власти.

По десет години барање и лобирање на локалните власти, конечно заплови првиот брод на релација Охрид-Поградец. За градоначалниците на двата крајезерски града, но и за државните власти во Македонија и Албанија, ова било историски ден за двете држави и за граѓаните. За почеток, бродската линија ќе биде сезонска, односно бродовите ќе сообраќаат во период од 15 јуни до 15 септември.
Десетици години наназад се зборува за оваа линија. Ова е дополнителен сигнал за добрососедските односи помеѓу Македонија и Албанија, но ова е и еден проект кој ќе значи зголемување на понудата во делот на туризмот и во Охрид и во Поградец.
Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.


Ова, според туристичките работници, ќе биде можност туристите кои го посетуваат Охрид да заминат на еднодневен излет од другата страна на границата, но и шанса за локалните жители почесто да ги посетуваат Охрид или Поградец. Први во бродот Александрија од Охрид се качија македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кои во Подградец беа пречекани од албанскиот министер за транспорт и инфраструктура Едмонд Хаџинасто. И двајцата министри изразија надеж дека бродската линија во иднина ќе функционира во текот на целата година.


„Десетици години наназад се зборува за оваа линија. Ова е дополнителен сигнал за добрососедските односи помеѓу Македонија и Албанија, но ова е и еден проект кој ќе значи зголемување на понудата во делот на туризмот и во Охрид и во Поградец“, рече Јанакиески.
Ова ќе донесе побрза комуникација на граѓаните од двете страни на границата, но и ќе го развие уште повеќе туризмот. Благодарам на сите кои придонесоа да го исполниме ветувањето кое го дадовме на граѓаните. Ги повикувам и албанските граѓани да ги донесат бродовите овде за да направат од оваа линија перманентна линија.
Едмонд Хаџинасто, албански министер за транспорт и инфраструктура.


За албанскиот министер за транспорт и инфраструктура, Хаџинасто, ова ќе влијае позитивно врз подобрување на односите помеѓу двата соседни народи.

„Ова ќе донесе побрза комуникација на граѓаните од двете страни на границата, но и ќе го развие уште повеќе туризмот. Благодарам на сите кои придонесоа да го исполниме ветувањето кое го дадовме на граѓаните. Ги повикувам и албанските граѓани да ги донесат бродовите овде за да направат од оваа линија перманентна линија“, рече Хаџинасто.

Поградец располага со капацитети за 120 илјади туристи кои би биле потенцијални посетители и на Охрид и Струга.


Капетанот на бродот Александрија, Зоран Ѓилевски, рече дека граѓаните ќе можат да се информираат на самото пристаниште во Охрид за термините во кои би сообраќале до Поградец.

„За годинава малку ова е подзадоцнето, бидејки агенциите сето ова не го имаат вклучено во своите програми, но од следната година сето ова би било помасовно“, рече Ѓилевски.

Тања Лилиќ Момироска, туристички работник од Охрид, вели дека со ова се дава голем придонес во развој на туризмот и промоцијата на регионот.

„Бидејки се случува туристите да сакаат да одат на едно кафе на другата страна на езерото, а зошто да не и ние локалните жители. Ние никогаш не сме имале проблем со Албанија и со таа страна на езерото. Во обостран интерес сè може да се реши. Овде може да уживате и за мали пари да имате голема сатисфакција“, рече таа.

Цената на повратниот билет сè уште не е определен, но според првичните проценки, цената на повратниот билет би се движела меѓу 15 и 20 евра. Македонските граѓани и сега со автомобили доаѓаат во Поградец на пазарување или на ручек во некои од локалните ресторани. Низ градот може да се плати и во денари. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вели дека на овој начин се отвора една нова етапа во транспортот на патници, особено за луѓето кои живеат, работат или времено престојуваат во некои од двата соседни града.
XS
SM
MD
LG