Достапни линкови

Власта најодговорна за етничките поделби


Експертите за меѓуетнички односи оценуваат дека вината е кај сите, но дека сепак најодговорни се партиите кои се на власт.

Македонија сега е држава на две одвоени општества, што не е добро. Оваа констатација на лидерот на ДУИ Али Ахмети на партискиот конгрес го отвора прашањето кој е виновен за ваквата реалност во која живеат двете најголеми етнички заедници, Македонците и Албанците.
Самите политичари преку нивните политика, особено тие кои се на власт, се веројатно најодговорните за ваквите состојби и за ваквата поделба.
Ибрахим Мехмети, политички аналитичар.


Експертите за меѓуетнички односи оценуваат дека вината е кај сите, но дека сепак најодговорни се партиите кои се на власт.

Според аналитичарот Ибрахим Мехмети позитивно е што политичарите сфатиле дека реалноста е таква и дека таа поделеност не е добра.


„Самите политичари преку нивните политика, особено кои се на власт, се веројатно најодговорните за ваквите состојби и за ваквата поделба, мислам дека во голем дел тоа се должи на неспособноста на политичките елити да створат услови за развој на мултиетнички или меѓуетнички дијалог кој ќе се одвива преку различни сфери на животот, не само во Парламентот, туку и во граѓанското општество, преку медиумите и воопшто преку јавниот дискурс“, вели Мехмети.
Главниот проект, а тоа е поинтегрирано мултиетничко општество, кај нас е запоставен, значи прв проект на Македонија треба да биде тоа.
Мирјана Малеска, универзитетски професор.


Тој нагласува дека за подобро функционирање на двете заедници неопходно е да се создаде клима, за која голема улога имаат државните институции.

Универзитетската професорка Мирјана Малеска пак не се согласува докрај со констатацијата на Ахмети. Таа оценува дека во Македонија има оази во кои добро функционираат двете заедници и се добар пример дека може да се живее заедно.

„Владата се фали, тоа е една коалициска влада, во која е и Ахмети, се фалат со многу проекти, меѓутоа главниот проект, а тоа е поинтегрирано мултиетничко општество, кај нас е запоставен, значи прв проект на Македонија треба да биде тоа, односно да се одвојат средства, време, луѓе, капацитети за да се зголеми интегрираноста на општеството“, вели Малеска.

Експертите посочуваат и дека покрај тоа што најголемата одговорност е кај владата потребно е да се вклучи и целата јавност и придонесе за поголема интеграција. Инаку лидерот на ДУИ во последно време повторно ги актуализираше меѓуетничките односи кои веќе извесен период се оценуваат како кревки и понекогаш тензични. И во договорањето на агендата на новата влада според извори од ВМРО-ДПМНЕ тој инсистирал приоритет да имаат меѓуетничките теми, спротивно од партијата на Груевски кога барала први да бидат економските прашања.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG