Достапни линкови

ЕУ уморна од решавањето политички кризи во Македонија


Архивска фотографија: Средба на вицепремиерот на евроинтеграции Фатмир Бесими со Кристијан Даниелсон, генерален директор на Директоратот за проширување во Европската комисија на 7 февруари 2014 година.
Архивска фотографија: Средба на вицепремиерот на евроинтеграции Фатмир Бесими со Кристијан Даниелсон, генерален директор на Директоратот за проширување во Европската комисија на 7 февруари 2014 година.

Според досегашната практика, сите политички кризи во земјава се решавале со посредство или со олеснување на странските претставници, но овој пат тие како да затаија.

Брисел го испраќа директорот на Генералната дирекција за проширување на Европската унија Кристијан Даниелсон во посета на Македонија. Тој денеска и утре се среќава со државниот врв и претставници на опозицијата.
Сега има молк и од нивна страна поради две работи, првата се нивните внатрешни избори и доаѓањето на новата Комисија, но втората и поважна работа е токму заморот од Македонија.
Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европски политики.


Се очекува дека политичкиот дијалог ќе биде една од темите за кои Даниелсон ќе разговара со своите домаќини во земјата.

Според досегашната практика, сите политички кризи во земјава се решавале со посредство или со олеснување на странските претставници, но овој пат тие како да затаија, освен по некоја порака за надминување на страстите, засега нема притисок од странство.
Архивска фотографија.
Архивска фотографија.


Европската унија може да направи неколку работи за да се надмине политичката криза во земјава, но како да е заморена од Македонија, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики. Според неа, првата работа е Унијата да влијае на владата да се развие политичкиот дијалог, а втората е при построги услови и поставување на јасни одредници да го наметне политичкиот дијалог како услов за понатамошниот процес. Но, ЕУ досега се обидуваше да придонесе за политички дијалог и како веќе и тие да се заморени од преземање на чекори во таа насока, вели Јорданова.
Мислам дека ни следи доста турбулентен политички период со длабока криза за која искрено не можам сега за проценам како ќе заврши и кој е излезот.
Едмонд Адеми, политички аналитичар.


„Сега има молк и од нивна страна поради две работи, првата се нивните внатрешни избори и доаѓањето на новата Комисија, но втората и поважна работа е токму заморот од Македонија, бидејќи сè што се обидоа во изминатиот период излезе дека било неуспешно и сега трагаат по нови модуси, но тоа сè уште не е доволно видливо“, вели таа.

Меѓународната заедница не сака веќе да се вклучува во решавање на политички кризи, бидејќи не е сигурна во оваа влада дека ќе остане на договореното, што впрочем се покажа и со надминувањето на кризата по 24 декември, вели политичкиот аналитичар Едмонд Адеми. Тој потсетува дека тогаш имаше инвазија на претставници на ЕУ кои се обидуваа да ја вратат опозицијата во Парламентот. Адеми вели дека меѓународната заедница не се однесува принципиелно во слични ситуации, посочувајќи дека се однесуваше поинаку кога ДУИ ги бојкотираше претседателските избори. Тој вели дека сега странците ќе чекаат на потег од страна на власта за надминување на кризата, а според него, ситуацијата дополнително ја вжештува најавениот судски спор на премиерот Груевски против лидерот на опозицијата Заев.

„Дополнително тоа сега ќе ја заостри и политичката реторика и политичката сцена, така што мислам дека ни следи доста турбулентен политички период со длабока криза за која искрено не можам сега за проценам како ќе заврши и кој е излезот“, вели Адеми.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе вчера порача дека вратите на Европската унија остануваат отворени за сите земји од Западен Балкан и дека сега останува на политичките лидери во регионот да ги спроведат неопходните реформи.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG