Достапни линкови

Македонија во состојба на постојано чекање


Македонија чека нова влада, дијалог со опозиција – евроатлански интеграции.Тоа уште повеќе ќе се одрази врз европските интеграции. Ја чека ли некој Македонија?

Најдоцна за две недели се очекува да бидат познати имињата на новите министри. Додека траат преговорите за нова влада, во СДСМ и натаму остануваат на ставот дека не ги прифаќаат пратеничките мандати кои според нив насилно им се верификувани. Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани предупредува дека последиците од политичката криза и состојбата на статус кво по изборите може да бидат посуштински и посеопфатни.
Во однос на тоа дали е сега во овој период можно да се појават какви било недоразбирања поради недостигот на политичкиот дијалог, не се согласувам, затоа што политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата ќе отсуствува и откако ќе се формира владата.
Никола Дујовски, универзитетски професор.


„Не може да се очекува дека ќе се донесе некоја политичка одлука, затоа што владата која е во заминување нема ингеренции за тоа. Исто така загрижува тоа што опозицијата е надвор од парламентот“, вели Рамадани.

Професор Никола Дујовски не мисли така. Додека мандатарот за состав на владата ги врши консултациите со партиите, ние неформално имаме влада која функционира и ги презема сите секојдневни активности, вели Дујовски, нагласувајќи дека рокот на мандатарот за состав на владата дури не е ниту при крај.


„Неформално ние имаме влада којашто си функционира, сите министри функционираат, иако се во оставка, гледате за какви било настани секој ден излегуваат министрите. Во однос на тоа дали е сега во овој период можно да се појават какви било недоразбирања поради недостигот на политичкиот дијалог, не се согласувам, затоа што политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата ќе отсуствува и откако ќе се формира владата, така што воопшто не се наоѓаме во критичен период“, вели Дујовски.
Сите некако сме во фаза на конституирање, но сите тие немаат време за нас, нема време, времето нè гази, ние назадуваме, не може да ги фатиме овие датуми што се многу битни, да речеме Самитот на НАТО.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.


Последниот рок за доставување на програмата за работа и на министерскиот список до парламентот е 8 јуни. Собранието после тоа има рок од 15 дена да одржи седница за избор на влада. Во СДСМ допрва ќе градат стратегија како да дејствуваат по натамошниот развој на настаните. Ќе ја водат ли и натаму правната битка или ќе се откажат. Тие и натаму остануваат на ставот дека не ги прифаќаат мандатите. Дујовски вели дека отсуството на политичкиот дијалог ќе значи намалување на квалитетот на целиот евроинтегративен процес и оти Европската комисија тоа ќе го нотира во својот извештај како пропуст на македонската демократија како незрела демократија.

Според Исмет Рамадани, дополнителен момент се и евро-изборите и тој во натамошниот период не очекува дека меѓународниот фактор ќе се зафати посериозно со она што значи евро-атлантско интегрирање на земјава.

„Сите некако сме во фаза на конституирање, но сите тие немаат време за нас, нема време, времето нè гази, ние назадуваме, не може да ги фатиме овие датуми што се многу битни, да речеме Самитот на НАТО“, вели Рамадани.

Дел од експертите дополнуваат дека последиците од политичката криза може да се почувствуваат и во економијата, нагласувајќи дека странските инвеститори бараат мирен амбиент, стабилни и предвидливи услови и стабилни институции.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG