Достапни линкови

Како Скопје да не се поплавува од краткотраен пороен дожд?


Локалните власти велат дека има доволно атмосферска канализација во Скопје, но оти ова е временска непогода. Експертите, пак, посочуваат дека, ако по секој дожд се поплавуваат истите места, тоа значи дека каналите не се добро димензионирани.

Паднати делови од фасади, остатоци од вода, а некаде и од синоќешниот град е сликата што утринава по невремето можеше да се забележи во центарот на Скопје.
Ваквите дождови кога паѓа огромна количина на вода за кратко време го прават ова што можеше да се види. Ова е една временска непогода.
Неделчо Крстевски, портпарол на Град Скопје.

Попрецизно, од кризниот штаб формиран по поројниот дожд, информираат дека имало седумдесетина пријави за штети од поплави и 11 паднати дрвjа. Проблемите со насобраната вода под подвозниците кај стоковната куќа Mост и на булеварот Киро Глигоров кои ноќеска наликуваа на вистинската реки, сега се надминати.

Но, главниот град, според најавите за временската состојба, денеска повторно го очекува невреме и може да се случи да се повтори истата слика.
Има ли трајно решение кое нема да зависи од брзината на екипите во санирањето на проблемите?

Според портпаролот на Град Скопје, Неделчо Крстевски, на клучните точки има доволна атмосферска канализација.
Ако на секој пороен дожд на тие осетливи точки се појавуваат проблеми, тоа мора под итно да се испита, да се открие што е причината и таа да се надмине. Не е можно да не е решливо.
Даница Павловска, архитект.

„Ваквите дождови кога паѓа огромна количина на вода за кратко време го прават ова што можеше да се види. Ова е една временска непогода“, вели Крстевски.

Даница Павловска од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, пак, вели дека состојбата кај подвозниците може да се подобри. Таа смета дека не се добро направени системите, бидејќи, како што објаснува, постоеле и формули по кои се димензионирале каналите.

„Тие по правило би требало да ја примат водата што е пресметана. Ако на секој пороен дожд на тие осетливи точки се појавуваат проблеми, тоа мора под итно да се испита, да се открие што е причината и таа да се надмине. Не е можно да не е решливо“, вели Павловска.

Граѓаните, пак, и пред вчерашното невреме во центарот на градот можеа да почувствуваат непријатна миризба. Од минатата недела канализацијата се затнува па екипите на јавните претпријатија постојано на различни локации ги одзатнуваат каналите.

Павловска вели дека не може да се процени дали тоа е директен резултат на новите градби, бидејќи стручната јавност уште при почетокот на градењето немала информации околу дополнителните системи. Не се работи, вели Павловска, само за архитектурата и тоа што го гледаме над земјата туку има и многу други дополнителни работи.

„Стручната јавност немаше информации и тоа е она што недостасува, меѓутоа сè останато е препуштено на локалната самоуправа и нејзината контрола во однос на системите што се нејзина обврска“, вели Павловска.

Портпаролот Крстевски за проблеми со канализацијата е дециден дека тие се резултат на негрижата што се случила пред петнаесетина години при поставувањето на каблите и на несовесниот однос на граѓаните.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG