Достапни линкови

Како до помали „пензионерски“ турканици во автобусите во Скопје?


Почести автобуси или вклучување на приватните превозници во бесплатниот превоз на пензионерите во Скопје се посочуваат како можни решенија на големите турканици во автобусите во деновите кога е бесплатен превозот за повозрасните граѓани.

Се случува луѓето едвај да влезат во автобус и да стојат едни покрај други без да се оддалечат од излезните врати и поради тоа доаѓа до турканици. Ова се само дел од секојдневните проблеми на граѓаните кои се карактеристични на линиите во Скопје во деновите кога има бесплатен превоз за пензионерите. Дел од патниците се жалат дека им се случува поради метежот да доцнат на работа, а други оти има нечовечки услови кога автобусот нагло ќе закочи, а внатре е преполно.
Веќе ова е неиздржливо. Јас сум пензионерка, ама ова што се случува за време на овие слободни денови, не е во ред.
Анкетирана пензионерка.

Со најавата дека идниот викенд почнува бесплатното возење за пензионери во автобусите на ЈСП – Скопје и во недела, старите проблеми уште поизразено се наметнуваат. Еден скопјанец коментира дека јавниот превоз нема капацитет за проектот што според неговиот впечаток се остварува еуфорично.

„Или повеќе автобуси или доста е, ова е веќе премногу. И татко ми е пензионер и ред други, ама нема врска со тоа. Треба со разбирање, осет да се има, сакаат сите да седат, ама колку има можност“, вели еден граѓанин.
Не би сакале да бидеме против нешто што е за доброто за одредена категорија на луѓе во Македонија, но сепак мислам дека треба да се надополни со некакво усогласување за истиот тој превоз да може да го користат и кај приватните автобуси, слично како што е кај средношколците.
Ленин Јовановски, сопственик на приватно претпријатие за автобуски превоз.

Откако беше осмислен проектот пензионерите се надеваа дека нема да имаат проблеми да ги остваруваат своите потреби. Меѓутоа, како што заживеа бесплатниот превоз, се создадоа други потешкотии и дел од нив бараат посоодветни решенија. Турканиците во автобусите не ни се туѓи. Ги имаше и порано, а сега се уште почести, коментираат некои од нив.

„Веќе ова е неиздржливо. Јас сум пензионерка, ама ова што се случува за време на овие слободни денови, не е во ред. Овие новите автобуси сè е во ред, ама не можеш, пишува забрането стоење, а мора да стоиш. Или треба да се зголеми бројот на автобусите или нека се воведе слободна годишна карта.“

„Да, треба некое решение.“

„Многу нè прекоруваат младите, еве ги старците, еве ги сега, вака ќе биде, така ќе биде, леле мајко“, велат анкетираните пензионери во градските автобуси.

Приватните превозници сметаат дека проектот може да биде подобро осмислен. Ленин Јовановски, сопственик на едно приватно транспортно претпријатие, вели дека проблемот може да биде посоодветно решен доколку во проектот се вклучат и приватните превозници.

„Не би сакале да бидеме против нешто што е за доброто за одредена категорија на луѓе во Македонија, но сепак мислам дека треба да се надополни со некакво усогласување за истиот тој превоз да може да го користат и кај приватните автобуси, слично како што е кај средношколците“, вели Јовановски.

Според неговите зборови, во приватниот превоз во меѓувреме се намалува обемот на патници, а тоа се одразува и врз нивните приходи.

Инаку, пензионерите досега во автобусите на градскиот превоз во Скопје се возеа бесплатно во вторник, петок и во сабота. Одлуката за „бесплатна недела“ беше донесена уште пред изборите, но не можеше да се применува поради одредбите во Изборниот законик.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG