Достапни линкови

Универзумот на двете Ивани во Куќата на Робевци


Од 2 до 15 мај, во несекојдневниот амбиент на Галерија-музеј „Куќата на Робевци“, во организација на Центарот за културен проток „АРТерија“ од Охрид, ќе се одржи изложба на графики, слики и уникатен филигрански накит на македонските уметници Ивана Настески од Тетово и Ивана Стојановска – Станковиќ од Скопје. Станува збор за прва заедничка постановка на академските графичарки кои со ликовната публика сакаат да ги споделат плодовите на сопствените творечки универзуми.

Охрид и љубителите на исчекорите на македонската ликовна сцена, во претстојниве две недели, ќе имаат можност да бидат сведетели на едно навистина исклучително уметничко доживување. Во единствениот амбиент на Галерија-музеј „Куќата на Робевци“, во стариот дел од градот, онаму каде и најмногу прилега, ќе се случи заедничката изложба на графики, слики и уникатен филигрански накит на уметниците Ивана Настески и Ивана Стојановска – Станковиќ.
Ова е една исклучително интересна поставка поради тоа што мојата колешка Ивана Стојановска Станковиќ низ својот накит кој што е од филигран, од сребро, заедно со полудраги камења, ја носи симбиозата на антиката.
Ивана Настески, уметница.
Ивана Настески.
Ивана Настески.

„Ова е една исклучително интересна поставка поради тоа што мојата колешка Ивана Стојановска Станковиќ низ својот накит кој што е од филигран, од сребро, заедно со полудраги камења, ја носи симбиозата на антиката. На она што е оригинален охридски филигран, на нешто што означува старо, нешто што е древно и заедно е во контемплација со моите графики и слики кои што навистина се темелат токму на древноста, на старото и исконски чистото. Тука се наоѓаме и допираме, иако Ивана тоа го работи на еден свој начин, со една своја идеја која што ја допира и современата жена. Кај мене, пак, се темели на идејата на големата богинка Мајка, на мајката родилка која што всушност е симбол и идеја за живот, раѓање, смрт, енергија. Создавање на нешто ново. На некој нов свет и нов универзум и тука мислам дека е таа појдовна точка и на некој начин симбиоза меѓу нас двете“, појаснува Ивана Настески.
Во оваа колекција накит „Сјаење“ најдоминантен предмет е ѓерданот како централен украс на женското тело.
Ивана Стојановска – Станковиќ, уметница.
Родена 1981 година во Тетово, таа студирала и пост-дипломски студии на одделот за графика и графички техники и завршила на Ликовната академија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Сем во родниот град, самостојно изложувала во Скопје, Охрид, Кавадарци, Прилеп, Белград, Шабац и Дрезден, а на групни, меѓународни графички биенални и триенални постановки се претставувала во САД, Мексико, Кина, Русија, Шпанија, Португалија, Грција и во Швајцарија.
Ивана Стојановска – Станковиќ.
Ивана Стојановска – Станковиќ.

Член е на ДЛУМ од 2009 година и добитник на значајни награди и признанија од кои посебно за издвојување е Гран При за графика во 2010 година.

На актуелната изложба Настески се претставува со графики и слики настанати во последниве две години. Сликите се реализирани во техника акрил, додека графиките во комбинирани графички техники (бакропоис, сува игла, линогравура).

Вели дека во центарот на самата идеја за овие дела се Сонцето како соларен симбол и енергија, Големата Богинка Мајка, вечниот живот, раѓањето, смртта, Универзумот воопшто и првите исконски знаци на човечкото постоење што ние од денешен агол едноставно го нарекуваме – прва уметност или праисториска уметност.

„Целата таа идеја се темели на праисториските симболи, знаци, ритуални танци, Богинката Мајка и сите оние елементи кои што се најдени на карпите и на камењата меѓутоа на тлото на Република Македонија. Значи, целиот тој свет да го приближам до нашата публика заради тоа што во основа е и многу неистражен, а е толку многу интересен со самата своја интригантност како тема“, вели Настески.

Од друга страна, родена 1984 година во Скопје, Ивана Стојановска Станковиќ дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовна уметност, на отсек графика во класата на професорот Мирко Вујисиќ. Зад себе има пет самостојни и повеќе групни изложби како ликовен уметник, а своите нови колекции на накит редовно ги претставува на постановките и ревиите во Македонија и соседна Србија.

Со изработка на филигран се бави од 2006 година кога започнала да волонтира во фабриката „Рубин“ во Скопје и за целото ова време тежнеела на она што како занает се пренесувало од колено на колено да му вметне некоја своја нитка, своја иновација. Вели дека некогаш таа модерна нота покрај формата на филигранскиот накит е изразена во користење на други материјали, како на пример поголемо парче на необработен полускапоцен камен или употреба на метална руда, сè со цел да се потенцира крајниот ефект на делото.

„Во оваа колекција накит „Сјаење“ најдоминантен предмет е ѓерданот како централен украс на женското тело. Истакната е бојата, а не материјалната вредност на каменот. Без разлика дали е во прашање боено стакло, синтетички или природен камен, тие материјали се присутни само да ја истакната естетската, ликовната вредност на филигранот. Тие само го дополнуваат дизајнот и не се истакнуваат премногу. Како и со секоја моја досегашна колекција така и со оваа, се трудам да одам чекор напред како во техничка така и во идејна односно дизајнерска смисла. Се трудам секој предмет кој ке го изработам да биде мало уметничко дело и даа стане дел од естетскиот живот на модерната жена“, вели таа.

Ивана Стојановска – Станковиќ живее и твори на релација Скопје – Лесковац каде што постојано е присутна со својата уметност на филигранот, а забележува дека со графичка постановка ќе се врати во оној момент кога ќе почувствува да ѝ пренесе некоја своја нова порака на ликовната публика.

Инаку, обете уметници се убедени дека она што сега го зачнуваат како заедничко претставување нема да биде инцидент и дека оваа идеја може да изнедри и идни концепти и провокации за љубителите на уметноста.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG