Достапни линкови

Ниту бојкотот е бојкот, ниту кандидатурата е кандидатура


Спротивното позиционирање на двете најголеми партии на Албанците за претседателските избори ги збунува гласачите Албанци.

Албанското гласачко тело е растргнато помеѓу повиците на ДУИ за бојкот на изборите и оние на ДПА да го поддржат нивниот кандидат. Претседателскиот кандидат на ДПА, Илијаз Халими на предизборните митинзи изјави дека Aлбанците ќе гласаат за него, за единствениот кандидат Албанец и никој нема да ги спречи во тоа. Халими вели дека идејата која ја заговара ДУИ е апсурдна и дека со тоа манипулира со граѓаните.
Збунетоста е крајна, јас мислам дека овојпат албанските гласачи не знаат што ќе прават.
Алајдин Демири, универзитетски професор.


ДУИ пак со мотото „Не за едностран претседател“, ја користи кампањата да ги убедува гласачите да не поддржат ниту еден од четворицата кандидати на претстојните претседателски избори. Од ДУИ велат дека целта не им е да му наштетат на никого, туку бараат изборот на претседател да се врши во
Собранието.

Спротивното позиционирање на двете најголеми партии на Албанците за претседателските избори ги збунува гласачите Албанци, вели универзитетскиот професор Алјадин Демири.
Симпатизерите на ДПА ќе гласаат за претседателскиот кандидат на ДПА, одреден број од симпатизерите на ДУИ најверојатно нема да гласаат воопшто, а независните гласачи меѓу етничките Албанци ќе го направат својот избор меѓу сите кандидати.
Сашо Клековски, политички аналитичар.


„Збунетоста е крајна, јас мислам дека овојпат албанските гласачи не знаат што ќе прават. ДПА предложи бојкот, ДУИ не го прифати. ДУИ сега предлага еден вид на бојкот, ДПА излегува со свој кандидат, сето тоа укажува дека албанските гласачи се оставени на милост и немилост, затоа што ниту бојкотот на ДУИ е бојкот, ниту кандидатурата на ДПА е некоја сериозна кандидатура. Мислам дека албанските гласачи за првпат се оставени во стихија, да одлучуваат онака како што сакаат“, вели Демири.

Не треба една етничка заедница да се гледа како хомогено гласачко тело, вели аналитичарот Сашо Клековски.

„Мислам дека за очекување е дека симпатизерите на ДПА ќе гласаат за претседателскиот кандидат на ДПА, како што мислам дека е за очекување дека одреден број од симпатизерите на ДУИ, најверојатно нема да гласаат воопшто, а независните гласачи меѓу етничките Албанци ќе го направат својот избор меѓу сите кандидати врз основа на нивните видувања“, вели Клековски.

Тој додава дека во земјава има една двојност, односно гласачите сакаат да видат мултикултурност во нивниот избор, но сепак гласањето најчесто се одвива по етнички принцип.

„Секако дека имало отстапки од овие правила и господинот Имер Селмани освои одреден број на македонски гласови, меѓутоа јас лично не верувам дека тоа е број што може значително да влијае на изборот“, вели Клековски.

За првиот круг можни се сите три варијанти, гласачите Албанци да гласаат за кандидатот на ДПА, воопшто да не гласаат или да гласаат за кандидатот на опозицијата, велат познавачите, а за вториот круг ќе бидат препуштени сами да одлучат за кого ќе гласаат. Тогаш од кандидатите ќе зависи како ќе гласаат Албанците и затоа многу е битно како претендентите за претседател ќе комуницираат со албанското гласачко тело. Тогаш се очекува и поголема излезност на изборите, додаваат експертите.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG