Достапни линкови

Албанците нема да гласаат за Иванов, шансa за Пендаровски?


Иванов нема да добие гласови од Албанците, со што растат шансите на Стево Пендаровски, но политичката игра се води во тесни кругови, велат албанските интелектуалци.

Фактот што ДУИ одлучи да не предложи свој кандидат за претседателските избори, зборува за нивната тенденција да го делегитимираат евентуалниот победник на вториот изборен круг или пак да бидат неуспешни претседателските избори, ако не се постигне потребниот цензус, анализираат албанските интелектуалци.
Едноставно Албанците не се расположени да го дадат својот глас на досегашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Арсим Зеколи, политички аналитичар.

Тешко е да се дадат прецизни прогнози за она што ќе се случува, бидејќи политичката игра се води во тесно кругови, но она што е очигледно е дека својот став кон изборите ДУИ го прави во координација со ВМРО-ДПМНЕ, вели политичкиот аналитичар Арсим Зеколи.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија и кандидат за втор мандат.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија и кандидат за втор мандат.

„Мислам дека наклонетоста кон кандидатот Пендаровски е во пораст, како еден знак на револт кон индолентноста на Господинот Ахмети, но и поради, така да речам, критичките тонови, кон изборот на Господинот Тачи во ликот на Илијаз Халими, кој сепак според некои изјави не остава впечаток на убедлив кандидат кај албанскиот електорат“, вели Зеколи.
Многу важно е која ќе биде разликата меѓу двата водечки кандидати, што помала е разликата меѓу нив, реални се шансите албанските политички партии да влезат во посериозни политички пазар.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу нема дилема дека на првиот круг од изборите, Албанците ќе го поддржат кандидатот на Демократската партија на Албанците, но оти во вториот круг реални се шансите гласовите на Албанците да отидат на контото на Стево Пендаровски.

„Но кај нас има политика и има дневна политика и се може да се случи, јас мислам дека многу важно во моментот е која ќе биде разликата меѓу двата водечки кандидати, што помала е разликата меѓу нив, реални се шансите албанските политички партии да влезат во посериозни политички пазар“, вели Муслиу.
Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ за претседател на Македонија.
Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ за претседател на Македонија.

Однесувањето на ДУИ на овие претседателски избори, односно учество во кампањата преку промоција на идејата за консензуален кандидат создаде конфузија на политичката сцена, оценува професорот Алајдин Демири.
Иванов, кој во секој случај нема да добие глас од Албанците, било да се тоа од ДПА или од ДУИ. Тука растат шансите на Стево Пендаровски.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

„Мислам дека луѓето ќе бидат во милост и немилост, сами ќе одлучуваат, а особено што станува збор за еден кандидат како што е Иванов, кој во секој случај нема да добие глас од Албанците, било да се тоа од ДПА или од ДУИ. Тука растат шансите на Стево Пендаровски, јас мислам дека ќе има Албанци кои ќе го гласаат уште во првиот круг“, вели Демири.

Според нашите соговорници евидентни се разликите и несогласувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а речиси невозможен е евентуален договор за поддршка на Иванов од страна на гласачкото тело на ДУИ во вториот претседателски круг.

„И Груевски е свесен дека и Ахмети едноставно тоа не може да го гарантира, па дури и во случај да имаме метастаза на Пустец или било какви манипулации со гласачите, едноставно Албанците не се расположени да го дадат својот глас на досегашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.“

Експертите не ја исклучуваат можноста дека во предизборниот период можат многу нешта да се променат и дека во недостаток на предизборна тензија можни се чекори со кои ќе се направат поголеми поделби за полесна манипулација на гласачкото тело.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG