Достапни линкови

Ален Реџепагиќ – Да размислиме како засегнати за инаквите


Инсталацијата „Крик“ на македонскиот скулптор Ален Реџепагиќ.
Инсталацијата „Крик“ на македонскиот скулптор Ален Реџепагиќ.

Инсталацијата „Крик“ на македонскиот уметник Ален Реџепагиќ и по три години од првичното претставување во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје не престанува да го изнудува вниманието на публиката. До 10 март годинава делото беше изложено во рамките на меѓународниот фестивал „Сараевска зима“, а неговата порака дека не треба да заборавиме на одговорноста за болката на другите сè уште можат да ја согледаат посетителите на поставката посветена на егзодусот на Евреите во битолската „Магаза“.

Поставената инсталација „Крик“, која првично беше изложена во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје, потоа во Музејот на холокаустот, па на Интернационалниот фестивал „Сараевска зима“ и еве сега, на крајот, на изложбата во битолската „Магаза“ наиде на интересен одек и реакција од публиката. Ова ќе го забележи македонскиот уметник Ален Реџепагиќ, напосредно по неколкуте претставувања на своето дело.
Да се поттикне и натера човекот да размисли дали можеби и тој може да биде, ако веќе и не е, „од онаа друга страна на припадноста.
Ален Реџепагиќ, уметник.

Тој дополнува дека видел одбивност кон фигурите, дека некои чувствувале дури и револт од нивниот изглед и безразложен страв од таа немоќна врзана група. Но, крикот на аудио записот кој што ја следи поставката, тој болен крик на немоќ и истовремено и копнеж кон ослободување од стегите, како што вели, го имал ефектот на тоа пожелно помрднување на конзументот од својата лушпа или седиште во кое што удобно заседнал ставајќи го за момент да се почувствува во кожата на другиот.
На прв поглед тие изгледаат безволно, атонично, скршено, безлично, со млитави екстремитети. Но, во таа млитавост има трошка на некое треперење, кое нè потсетува дека тие таму се сè уште живи.
Ален Реџепагиќ, уметник.

„Тоа всушност и ми беше цел со оваа поставка: да се поттикне и натера човекот да размисли дали можеби и тој може да биде, ако веќе и не е, „од онаа друга страна на припадноста“, вели Реџепагиќ.

Говорејќи за идејата водилка за „Крик“, Реџепагиќ објаснува дека преку човекот, групата луѓе претставени во инсталацијата, тој сакал на еден начин да ја покаже состојбата и немоќта на поединецот како и на групата која во својата општа безизлезност и обезличеност го свртува вниманието на себе.

„На прв поглед тие изгледаат безволно, атонично, скршено, безлично, со млитави екстремитети. Но, во таа млитавост има трошка на некое треперење. Треперење кое нè потсетува дека тие таму се сè уште живи. Инаку, фигурите се направени од хартија, лепак и облека што во целина им дава некаква специфична сурова реалистичност. Меѓусебно фигурите се врзани и поврзани со јаже, повеќе симболично сплотени во својата маргиналност и отуѓеност од другиот свет“, вели Реџепагиќ.

Дискриминацијата, сегрегацијата, маргинализацијата[...] нè тера сите нас да размислиме за нешто невидливо, а така очигледно. Да размислиме за тие другите, инаквите.
Ален Реџепагиќ, уметник.
Уметникот потенцира дека станува збор за ликови од секојдневниот живот, но ликови кои во суштина се невидливи за повеќето од нас.

Македонскиот скулптор Ален Реџепагиќ.
Македонскиот скулптор Ален Реџепагиќ.
„Дискриминацијата, сегрегацијата, маргинализацијата по различни основи, дали тоа било полова, верска, расна, национална и политичка припадност, сексуална определба или различен општествен статус, нè тера сите нас да размислиме за нешто невидливо, а така очигледно. Да размислиме за тие другите, инаквите. Меѓутоа не од аспект на набљудувач, туку од позиција на засегнат. Во инсталацијата групата луѓе не сака да предизвика сожалување или милост некоја, туку да го помрдне другиот, во случајов набљудувачот, и да го подзамисли, да ја разбуди емпатијата во него, но и да го потсети дека тој можеби на некој начин е дел од нив или дека некогаш може да стане дел од нив. На пример работникот, жената, инвалидот, хомосексуалецот, сиромавиот, тие бидуваат често дискриминирани и маргинализирани во општеството поради својата различност од мнозинството и нивните поставени норми и стандарди на начинот на живеење“, вели уметникот.

Роден 1973 година во Скопје, Ален Реџепагиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности (отсек скулптура со керамика), во класата на професорот Беди Ибрахим. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а твори во повеќе медиуми – скулптура, инсталација, сликарство. Зад себе има неколку самостојни изложби (Скопје, Охрид, Гевгелија) и повеќе групни постановки и ликовни колонии во земјава и во странство. Во 2007 година учествуваше на Интернационалниот симпозиум за скулптура од дрво во Јасна Полјана, соседна Бугарија, а во 2010 ја доби Годишната награда за скулптура на ДЛУМ - „Јордан Грабул“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG