Достапни линкови

БиХ: сиромаштијата над национализмот


Протестите во Босна и Херцеговина, според оценките на аналитичарите, се резултат на бесот на сиромашните против политичките елити. Граѓаните ги бараат нивните плати и пензии, во основа сето она што државата и новите сопственици на компаниите им го украдоа. Свој удел има и Европската унија со нејзината рамнодушност за економските проблеми на Балканот.

Нередите во Босна и Херцеговина станаа најголемиот излив на незадоволство од сиромаштијата и процесот на приватизација, што ги зафати сите земји од поранешна Југославија. Токму претходното распаѓање на екс Југославија беше предизвикано од националистичките елити, од кои, како во Босна и Херцеговина се појавија идните таканаречени победници на транзицијата.
Ако Европската унија не е во состојба да ја реши ситуацијата во Босна, како може да стане глобална сила? Тоа едноставно не е можно. Затоа постои голем предизвик за Унијата и ни е потребно нешто како Маршалов план за регионот, посебно за Босна.
Волфганг Петрич, поранешен висок претставник на меѓународната заедница во БиХ.

„Ова е единствената земја што ја знам во Европа каде што политичарите кои беа активни во војната се уште се активни и 20 години по нејзиното завршување. Нешто не е во ред со политичките промени, со демократските промени. И тоа можеби е причината за оваа фрустрација. Нема нови лица, нема нови позитивни планови и идеи“, оценува во интервју за Радио Слободна Европа Волфганг Петрич кој од 1999 до 2002 година беше висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина. Според него, новото треба да произлезе од самите земји на Балканот, но исто така е неопходна и помош од Европската унија.
Волфганг Петрич.
Волфганг Петрич.

„За жал, Европската унија досега, во изминативе би рекол десет години, на извесен начин го загуби контактот со Босна. Унијата не е вистински заинтересирана за да и помогне на Босна да се приближи до неа и да ја подобри тамошната економска и социјална ситуација.“

Волфганг Петрич оценува дека сега можеби е најпогодниот момент за поголема ангажираност на Брисел во Босна, но и во регионот.

„Ако Европската унија не е во состојба да ја реши ситуацијата во Босна, како може да стане глобална сила? Тоа едноставно не е можно. Затоа постои голем предизвик за Унијата и ни е потребно нешто како Маршалов план за регионот, посебно за Босна“, вели за Радио Слободна Европа Волфганг Петрич, екс високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.

Човекот кој сега е на неговото место во Сараево, Валентин Инцко, пак, во екот на последните големи нереди во босанските градови кога гореа зградите на локалните власти, изјави дека Европската унија би можела да испрати трупи во Босна.

Последен пат странски војници дојдоа во таа земја за да го смират етничкиот конфликт, потсетуваат дел од аналитичарите, оценувајќи дека ако дојдат повторно, тогаш тоа ќе биде за да ја задушат револуцијата која, како што додаваат, има лоша навика да скока преку граници.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG