Достапни линкови

Мемети - Судството останува најпроблематично


Интервју со Иџет Мемети
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:57 0:00

Интервју со Иџет Мемети

Судството е повторно на прво место, на второ место се потрошувачките права, на трето место е полицијата, потоа доаѓаат имотно-правните односи, затворите, социјалата, како најкритични области во поглед на човековите права за минатата година, вели Народниот правобранител Иџет Мемети.

Господине Мемети, дали може да кажете дека изминатата година има значителни промени во поглед на почитувањето на човековите права во Македонија?

Тешко е да се каже дека имало значително промени во почитувањето на човековите слободи и права во Република Македонија. Ако се има предвид дека во земјава некаде околу 8000 граѓани доаѓаат во институцијата Народен правобранител и бараат заштита, а од друга страна околу 4000 за кои ние отвораме постапка и бројката од 1200 каде што констатираме повреди, ако сето ова го споредиме со другите општества, доаѓаме до заклучок дека е значително голем бројот на граѓани кои бараат заштита од Народниот правобранител во Република Македонија споредено со другите општества. Мислам дека голем проблем е тоа што правната регулатива во Република Македонија многу често се менува. Честите измени, не само што им прават проблем на граѓаните, туку и јавната администрација ја прават неефективна е неквалитетна, затоа што и тие не може да се снаоѓаат во таа правна регулатива. Потребно е во иднина многу да се работи на конзистентна правна регулатива, а паралелно со тоа на тоа што значи создавање добри услови за нивна примена и едукација.

Тогаш, има ли ефект од институцијата Народен правобранител кај нас од аспект на тоа колку успеавте процентуално да им помогнете на граѓаните коишто поднесоа претставки, а и според тоа како институциите реагираа на вашите забелешки?

Секако дека има ефект од тоа што институцијата успева на граѓаните да им помогне. Не случајно јас ја споменав бројката 4000. Ако ние констатираме 1200 повреди, а од тие 1200, над 80 отсто се прифаќаат нашите препораки, тоа значи дека граѓанинот успеал да го спречи или да го заштити неговото право затоа што барал помош од институцијата Народен правобранител, а тоа е доволен доказ дека институцијата успева. Во однос на комуникацијата, секако дека има подобрување, но треба да се работи уште и ќе работиме на тоа уште повеќе да ги отвориме институциите во комуникацијата со нас, затоа што на таков начин може поуспешно да ги штитиме граѓаните, а од друга страна има и такви институции кои директно ја попречуваат работата на Народниот правобранител, тоа ќе го кажеме во нашиот извештај. Мене ме загрижува нешто друго, а тоа е колку се почитуваат општите препораки на Народниот правобранител, а тоа се препораките кои Народниот правобранител ги става во извештајот за состојбите во општеството со човековите права. Не е во ред Собранието само да констатира дека е информирано за состојбите со човековите слободи и права, а од друга страна извештајот да не го достави на надлежност за да го видат институциите на кои е наменето за да извлечат поука од тоа и да се подобрат, така што општите препораки, јас ја кажувам таа моја загриженост, дека општите препораки недоволно се почитуваат.

Она што беше најактуелно минатата година е судството. Имаше многу критики за тоа колку е независно судството во Македонија, а опозицијата излезе со посочувања за политички затвореници. Власта не мисли така. Што мислите вие?

Народниот правобранител над судската власт има ограничена надлежност, може да го испита само начинот на нивно ефикасно работење, односно почитувањето на принципот на судење во разумен рок, но од друга страна морам да признаам дека ако Народниот правобранител пушти препорака до нив, тие закажуваат рочиште, односно ги прифаќаат препораките на Народниот правобранител, има добра комуникација во тој дел, што не може да се каже за Обвинителството. Не може да се случи обвинител да не знае што е функцијата на Народниот правобранител. По однос на прашањето дали во Македонија има политички затвореници, треба да ни е јасна дефиницијата што се подразбира под политички затвореник. Тоа добро го кажува резолуцијата на Советот на Европа, според која за политички затвореник се смета лице кое е лишено од слобода и при тоа лишување од слобода му е повредено одредено негово право што е предвидено во Европската конвенција за човекови слободи и права или лице лишено од слобода кое нема извршено дело, туку од политички побуди, или на нееднаков начин лишено од слобода. Ако го имате ова предвид, а од друга страна ги имаме предвид појавите, односно мислењата на различностите во Република Македонија по однос на ова прашање и од друга страна ако ја имате... Видете, мора да признаат дека имало случаи каде јас како Народен правобранител, кога ќе гледате нешто од медиумите или ќе третирате некој случај или ќе сослушате некој граѓанин кој доаѓа во нашата институција, добивате прв впечаток дека има такво нешто, но од друга страна сите овие елементи што ги кажав, треба некаде да се утврдат, низ некоја процедура да се утврди дали има или нема, што е многу тешко. Од друга страна, имајќи ги предвид различностите, како што реков, или ставовите еве на политичките партии, власт и опозиција, сите мислат дека се во право, и едните и другите и сè додека сите мислат дека се во право, ако останат закопани во нивните ставови, ќе остават сомнежи во општеството дека имало или немало такво нешто. Затоа апелирам до сите органи за поголемо почитување, поголема толеранција и поголема професионалност при вршењето на јавните работи.

Меѓутоа една од работите на кои постојано се укажува и се апелира е дека мерката притвор се употребува многу често, дека не се почитува презумпцијата на невиност и дека притворот се употребува како казна. Министерот за правда тврди дека притворот не се применува често, односно дека е изречена во 5 проценти од случаите. Какви се вашите податоци?

Првин по однос на презумпцијата на невиност или повредата на тој принцип, ние ја искажуваме нашата загриженост во извештаите и тоа години наназад и сме имале постапки. Мојот став по однос на состојбите во затворите, по однос на пренатрупаноста во затворите, јавно сум го кажал во неколку наврати и апелирав до властите, особено во овој случај до судската власт. Ако имаат друга можност за да ја постигнат целта за спроведување на фер и квалитетна постапка со некоја друга мерка за обезбедување, не треба да ја употребуваат мерката притвор, затоа што ако ги гледате последните пресуди на Судот за човекови права по однос на условите во затворите или, пак, по однос на третманот во затворите или, пак, по однос на пренатрупаноста во затворите, има неколку пресуди за Грција и за Русија мислам, каде што условите и пренатрупаноста во затворите го третира како повреда од државата на член 3 од Конвенцијата, така што уште еднаш ја користам оваа прилика да апелирам до сите институции, затоа што таа пренатрупаност, тие лоши услови во тие наши затвори доведува до прекршување на човековите слободи и права.

Господине Мемети, министерот за правда тврди дека во 5 проценти е применета таа мерка, мерката притвор. Какви се вашите податоци?

Ние имаме и функција на национален превентивен механизам, вршиме и посети, веќе два извештаи, а сега и третиот ќе го објавиме, ќе го пратиме до ОН и до властите. Нашите посети говорат дека од година во година бројот на лицата кои се на издржување мерка притвор се зголемува енормно. Има затвори каде што двојно е поголем бројот на лица кои се на издржување мерка притвор од можностите на институцијата, особено малите затвори. Со ова сакам да кажам дека е факт оти бројот на лицата кои издржуваат притвор се зголемува од година во година. Јас не сакам да навлезам во тие проценти. Прашањето е која е причината, дали тоа се нефер судските одлуки, или од друга страна зголемениот криминал, тоа е прашање на кое треба одредена анализа да даде одговор, која ќе ги анализира овие состојби и ќе каже која е причината што тоа е така, за во иднина да се знае во кој правец да делува општеството.

Како сега ја коментирате пресудата на новинарот Томислав Кежаровски, кој е сега во домашен притвор и со месеци ја чека правосилната пресуда. Вие бевте во затворот и констатиравте ужасни услови, меѓутоа дали тука ќе застанете или има елементи кои укажуваат дека вие и понатаму имаме работа со овој случај?

Конкретно сакам да ви кажам дека ние го затворивме тој предмет, од причина што за поединечниот предмет немаме работа во моментот. Но од друга страна ние во континуитет ги следиме состојбите во затворите и секако дека ќе продолжиме да ги следиме тие состојби. Ние во конкретниот случај водевме постапка и имавме 19 поединечни посети на затворот за него, но паралелно имавме уште една ненајавена и вонредна посета на затворот, каде што утврдиме и констатиравме состојби што се под стандардите и упативме препораки за да се надминат таквите состојби. За нашите укажувања и препораки беа преземени одреден број на мерки, но не беа прифатени сите наши препораки.

Зошто институциите не реагираат по однос на вашите забелешки за условите во затворите?

Условите во затворите, тоа е комплексно прашање. Јас ја поздравив одлуката на владата да ги надгради капацитетите на затворскиот систем, но не е само тоа. Секако дека се потребни големи средства да се средат затворските капацитети, но од друга страна, ајде да видиме како се применува законот за извршување на санкциите, ние може да кажеме дека има добар закон, кој не до крај ги има прифатено европските затворски правила, но од друга страна и тоа што го има прифатено, не може да се спроведе. Зошто? Затоа што тој систем не е само услови, туку еден покомплексен систем, поврзан и со тоа што значи професионалност на луѓето кои работат со лицата кои издржуваат мерка затвор итн. Сметам дека тоа е процес, но во никој случај овие работи не треба да и дават право на властите да застанат во тој процес. Мора со појаки или со поактивни да го подобрува тој систем, и од формално правен и од условен и од кадровски аспект.

Кои се најкритичните области кои ги детектиравте во поглед на човековите права за минатата година?

Ако се гледаат бројките, судството е повторно на прво место, на второ место се потрошувачките права, на трето место е полицијата, потоа доаѓаат имотно-правните односи, затворите, социјалата. Но, од друга страна, ако ги земеме на едно место социјалните права или здравствената заштита, тогаш доаѓаме до заклучок дека овие, социјалните права се на второ место според поплаките на граѓаните.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG