Достапни линкови

Ваши коментари - Името и предвремени парламентарни избори


Претседателот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска се сретнаа со Еврокомесарот Штефан Филе во Брисел на 7 јануари 2014.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска се сретнаа со Еврокомесарот Штефан Филе во Брисел на 7 јануари 2014.

Текстовите поврзани со средбата на лидерството на СДСМ со еврокомесарот Штедан Филе во Брисел и оние за можноста од предвремени парламентарни избори најинтересни за нашите читатели.

Еден од прилозите на нашата веб-страница што предизвикал поголемо внимание кај вас да го прочитате, почитувани, е неделното интервју со извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, која своите констатации дека, во Македонија се случува тоталитарен режим ги поткрепува и со факти. Изненадува, меѓутоа, што и покрај големиот интерес за интервјуто, барем до неделата подоцна вечерта нема ниту еден коментар од вас, за да кажете дали барем се согласувате или не со нејзините зборови.
Нема потреба да се оптоварувате со ситно сопственички интереси и пусти желби по секоја цена да се влезе во власта.
Коментар од читател.

Изненадува, исто така, тоа што и по текстовите во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа на првите луѓе на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и на Социјалдемократската младина, Владимир Нелоски и Стефан Богоев, нема ваши коментари, што наведува на помислата дека нивното напишано не било доволно провокативно за вас.

На Македонија и е потребен нов почеток со влада на национален спас со премиер кој ќе биде натпартиска личност.
Коментар од читател.
А текстот за тоа дали честите избори, редовни или вонредни, оддаваат впечаток на незрелост на нашите политичари, предизвикал полемика само помеѓу Владо и Пиле. За истакнување е тоа што Владо најнапред јавно и се извинува на редакцијата на Радио Слободна Европа за тоа што погрешно мислел дека неговиот коментар за Пиле намерно не бил објавен на нашата веб-страница. Инаку, за Владо, дали изборите ќе бидат редовни или вонредни воопшто не било важно и како да се обраќа до нас кога вели: „Нема потреба да се оптоварувате со ситно сопственички интереси и пусти желби по секоја цена да се влезе во власта“. Пиле, пак, смета дека на земјава не и требаат никакви избори за време на владеењето на оваа политичка гарнитура со уникатна дефиниција, како што вели, „Грујовизам“. И го повторува повеќепати искажаниот став дека на Македонија и е потребен нов почеток со влада на национален спас со премиер кој ќе биде натпартиска личност. Македон смета дека СДСМ е тој што вештачки предизвикува криза барајќи, како што пишува, „секоја година избори“.

Информацијата за разговорите на Заев и Шеќеринска во Брисел, како да го брануваат само духот на редовниот Пиле. Додуша, Миле од Охрид повторно се јавил со своите познати напади врз нашево радио, нарекувајќи нè и овој пат „мегафон на странските интереси“. А Пиле во неколку свои пораки-коментари главно ја обвинува власта дека сторила кривично дело со влегувањето на агенти-цивили во Собранието, на 24 декември 2012 година и со бркањето на новинарите од седницата.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG