Достапни линкови

„Од Абер до Вајбер“ - комуникацијата низ вековите


macedonia - Poster for the exhibition "From Aber to Vajber".
macedonia - Poster for the exhibition "From Aber to Vajber".

„Од Абер до Вајбер“ е насловена изложбата што од 13 декември се одржува во Музеј на град Скопје. На оваа постановка преку девет паноа и педесеттината предмети, авторките – етнолози Славица Христова, Татјана Ѓорѓиовска и Оливера Џартовска Тачевска, го следат развојот на човековата комуникација низ историјата и порачуваат дека ништо не може да ја замени директната и непосредна комуникација.

Преку девет паноа и педесеттина изложени предмети актуелната постановка „Од Абер до Вајбер“ во Музеј на град Скопје има за цел да го претстави развојниот пат на човековата комуникација, како движечка сила на живеењето. Да проговори дека со посредна или непосредна комуникација луѓето помеѓу себе испраќале важни информации, пронаоѓајќи со текот на времето најразлични начини тие побрзо да стигнат до оној кому му се наменети.
Почнавме од аберот, па продолживме преку поштата, потоа медиумот радио како пренесувач на информации, печатените весници исто така како медиум за пренесување на пораки, телевизијата, фиксниот телефон, пејџерот, мобилната телефонија и денес на крај интернетот и вајберот.
Славица Христова, етнолог.

Формите и начините на комуникација се менувале како последица на општиот напредок на човештвото и процесите на глобализација, па така како резултат на развојот на современата техничка и индустриска цивилизација , денес постои масовна комуникација.

„Почнавме од аберот, па продолживме преку поштата, потоа медиумот радио како пренесувач на информации, печатените весници исто така како медиум за пренесување на пораки, телевизијата, фиксниот телефон, пејџерот, мобилната телефонија и денес на крај интернетот и вајберот. Значи поентата беше да се претстави
како и на кој начин луѓето комуницираат денес“, вели Славица Христова, која заедно со своите колешки етнолози Татјана Ѓорѓиовска и Оливера Џартовска Тачевска се авторки на изложбата.

Таа дополнува дека инспирацијата за нејзиното поставување ја нашле во изгледот, шареноликоста и
Комуникацијата лице во лице, муабетот на кафе и разговорите со пријатели и со роднини кога ќе се видиш и ќе имаш време посветено исклучиво само за тоа нема никогаш да го изгуби значењето.
Славица Христова, етнолог.
емотивната содржина на малата, но преубава збирка на писма, разгледници и честитки од 1920-те години што ја поседува Музејот. Сакајќи да ги претстават, едноставно стигнале до идејата да видат на каков се начин луѓето низ историјата пренесувале убави, но за жал и непријатни вести.

„Таа збирка на честитки ни беше првата инспирација за изложбата. Откако тоа го сместивме во контекстот на пренесување на информации ни излегоа сите други контексти на
можно меѓучовечко комуницирање. Но денес бидејќи во современиот свет комуникацијата е многу важна, таа треба да биде брза, прецизна, точна разбирливо сакавме да го опфатиме и современото живеење. “

Од друга страна сведетели сме дека токму новите средства за поврзување преку интернет ја потиснаа директната “очи во очи“ комуникација, а со тоа луѓето стануваат се повеќе асоцијални. Од таму не чуди што во некои кафулиња по светот и по цена дека ќе се намали прометот веќе закачуваат табли со препорака “Нема wi-fi, разговарајте помеѓу себе!!!“, што е крајната и главна порака и на оваа поставка.

„Главната порака на изложбата е дека иако имаме можности за многу голема комуникација без да се гледаме очи во очи, сепак комуникацијата лице во лице, муабетот на кафе и разговорите со пријатели и со роднини кога ќе се видиш и ќе имаш време посветено исклучиво само за тоа нема никогаш да го изгуби значењето. Ништо не може да ги замени обичните човечки средби кога се зборува за сè, за нова љубовна врска, нов автомобил, афера, кога се разглобуваат политичките случувања и пикантерии или се дискутира за одредени културни случувања, за нови дуќани и попусти во маркетите...едноставно секој има потреба новоста најдирекно да ја сподели со друг“, потенцира Христова.

Инаку, овој тим авторки етнолози досега има потпишано неколку навистина интересни и многу посетени изложби во Музеј на град Скопје. Посебно за издвојување се оние кога беа претставени предмети од 1960-те, потем везовите и невестинските фустани, а во иднина Христова, Ѓорѓиовска и Џартовска – Тачевска, би сакале да се фокусираат на матурата како една „многу сложена животна ситуација“ и да ја продолжат потрагата по автентични предмети документирани на старите фотографии.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG