Достапни линкови

Зиков - Со политичка волја до економски раст


Интервју со Љупчо Зиков
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:26 0:00

Интервју со Љупчо Зиков

Развојот на Македонија во правец на отворање на 100 илјади работни места треба да оди пред се со една политичка одлука, нормално на Владата, дека Македонија ќе се развива со 6 до 8 проценти годишно, вели Љупчо Зиков, претседател на Алијанса за позитивна Македонија во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Зиков, како нов фактор на политичката сцена, што ново ќе понудите за гласачите?

Нудиме реална визија која чекори на теренот, нудиме конкретни решенија за големите македонски проблеми. За големи македонски проблеми ги сметаме огромното иселување на македонските граѓани од сите националности и етнички групи. Со тоа се губи материјалната база на која треба да почива идниот развој на Република Македонија. Ние не можеме да разговараме за никаков развој без луѓе. Македонија се соочува со тој голем проблем, јас го нарекувам најновиот егзодус во серијата егзодуси во последните два века на Македонците, и додека тие другите егзодуси биле со пушка, денеска егзодусите се со визи и пасоши кои не се македонски. Македонците денеска земаат бугарски пасоши, земаат косовски, албански или некои други пасоши, а наскоро откако Србија ќе ги почне преговорите, најверојатно ќе почнеме да земаме и српски пасоши. Вториот столб, вториот момент за којшто сакаме да понудиме конкретни решенија е огромната невработеност и бесперспективност, особено во реалниот сектор. Тука го лансираме нашиот проект за 100 илјади работни места во рок од 4 до 5 години. Во налетот на картелизацијата и монополизацијата на помал број на компании во Македонија, кои се производ на приватизацијата и кои избилдаа силна моќ во овие 23 години и тие заедно со политичките картели, со политичките монополи во земјата, кога го кажувам ова, свесно зборувам и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ и за нивните коалиции од по десетина-дваесет партии внатре, кои го бетонираат монополот и картелот на политичко одлучување и во економијата и во политиката. На Македонија ѝ е потребна либерализација, ослободување на духот и излегување од ова заложничка драма во која се наоѓаат граѓаните.

Предлагате отворање на 100 илјади нови работни места. Како предлагате да го спроведете тоа, ако беше лесно досега и некоја претходна влада ќе го спроведеше?

Станува збор за политичка волја. Јас тврдам дека досега немаше волја за отворање на работни места во македонските компании. Развојот на Македонија во правец на отворање на 100 илјади работни места треба да оди пред се со една политичка одлука, нормално на Владата, дека Македонија ќе се развива со 6 до 8 проценти стапка на раст на Бруто домашниот производ. Тоа би значело силни државни гаранции за инвестициите кои ќе ги прават граѓани на Македонија кои ќе земат кредити од банките, денеска вие не можете да земете кредит од банка ако не гарантирате со имот и со хипотеки. Нашата мерка е дека државата ќе застане зад добрите идеи и проекти и ќе ги гарантира 100 отсто. Да се поттикне Македонската банка за поддршка на развојот, да се докапитализира, тоа е државна банка која ќе застане зад инвестициите на македонските фирми, понатаму да се отворат еквити фондови, тоа се мешовити државно-приватни партнерства, јавно приватно партнерство кои ќе инвестираат во некои сектори на економијата каде има помал интерес за инвестиции. Така на еден таков директен и индиректен начин да се либерализира банкарската политика, да може граѓаните полесно да доаѓаат до инвестициски кредити.

Дел од иницијаторите за Алијансата е и господинот Бучковски, колку луѓе донесе, односно колку луѓе од СДСМ се приклучија кон Алијансата?

Немаме таква анализа, затоа што во Алијансата секојдневно се придружуваат луѓе. Има луѓе од многу политички партии, има луѓе кои се претставуваат дека доаѓаат несогласувајќи се со политиките на СДСМ, меѓутоа има луѓе кои доаѓаат и велат дека не се согласуваат со политиките на ВМРО-ДПМНЕ и излегуваат оттаму, има и од помалите партии. Не можеме да квантифицираме колку е тоа во број на луѓе, ниту, пак, да дадеме некоја перцепција што може во перспектива да се случува, ниту, пак, е наше да коментираме внатрешни состојби на партии кои постојат на политичката сцена. Меѓутоа се радувам што многу млади луѓе препознаа сила во Алијансата за позитивна Македонија.

Бучковски или Јорданов, кој ќе биде кандидатот за претседател на претстојните избори?

Алијансата ќе има свој кандидат на претседателските избори. Ние не можеме да го кажеме во моментов името на нашиот кандидат, консултации се прават. Освен овие две имиња, размислуваме уште за некое име.

Ќе го откриете?

Консултациите се одвиваат во моментов, би било крајно несериозно да лицитираме, гледам деновиве лицитираат разни имиња во медиумите. Работиме на тоа што треба да каже нашиот кандидат во јавноста, што е тоа ново што треба да го донесе нашиот кандидат на политичката сцена заради тоа што без разлика што некои ја неутрализираат моќта на претседателот во општеството, јас лично, а и во Алијансата сметаме дека улогата на претседателот на Република Македонија, може да биде многу значајна улога ако сакаме нештата да ги поместиме кон напред во нашето општество.

Од тој аспект, што повеќе натежнува, политичкото искуство на Бучковски или моќта на Јорданов?

Квалификациите за двајцата ви се на место. Ние тројцата основачи, иницијатори на Алијансата за позитивна Македонија, ја имаме таа поделеност на еден начин. Големото животно искуство на господинот Јорданов, неговата мудрост во тешки моменти да се влечат добри потези, неговиот бизнис инстинкт, неговиот интелектуален инстинкт е исто така впечатлив, огромното политичко искуство што го има господинот Бучковски со сите вратоломии во неговиот политички живот во овие 15-тина години и, како што велат тие, мојата младост и експлозивност во овие моменти. Таа комбинација е добра. Што од тоа ќе натежне за кандидат за претседател јас навистина не можам да кажам, затоа што и Македонија во моментот живее еден незгоден политички момент. Идните лидери што ќе бидат во Македонија, дали е тоа претседателот на Република Македонија, премиер, Влада итн., во следните една, две или три години ќе се бараат силни и храбри политички одлуки што ќе треба да се донесат за земјата да го промени патот по кој има тргнато или точката во која сега се наоѓа.

Очекувате ли паралелно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори?

Алијансата за позитивна Македонија е подготвена за избори во секој момент.

Тоа значи дека ги очекувате?

Се спремаме како да ќе ги има, но има информации и дека ќе ги нема, така што многу и не се заморуваме со тоа прашање, затоа што, пак ќе ви кажам, ние сме подготвени и во февруари да ги направат изборите, ќе излеземе на избори. Ние знаеме што ќе им кажеме на македонските граѓани и верувајте, лесна ни е задачата да се подготвиме за овие избори.

Хипотетички, доколку предвремени парламентарните избори се одржат на пролет, како планирате да настапите, сами или во коалиција со некоја друга партија? Господинот Стевчо Јакимовски беше прв што спомена дека пројавувате интерес и за нив.

За сите можни коалиции ќе разговараме по изборите.

Се гледате ли себе си како премиер на Македонија?

Јас имам мои идеи за Македонија, имам визија за Македонија, имам решенија за Македонија, ги споделувам со моите колеги во Алијансата за позитивна Македонија. Политичкиот распоред на силите ќе покаже што ќе се случува во иднина.

Велите ја имате визијата, но дали во таа визија се гледате себе си седнат на премиерското столче?

Апсолутно, апсолутно и сметам дека ја имам програмата со која може да се помести Македонија во правец на ова што го зборувам.

Во што сметате дека ќе бидете подобри од Груевски или од Заев?

Отворање на либерализмот, во Македонија не постојат либерални процеси. Кај нас во партиите постојат диктатури и поради тоа денеска Заев има проблем, поради тоа што сè уште не расчистил со диктатурата на Црвенковски. Кога ќе расчисти со диктатурата на Црвенковски, а нема да воспостави своја диктатура, тогаш СДСМ ќе биде посилна партија на сцената, тогаш СДСМ ќе нуди вистински решенија, иако, да не зборувам нефер, во последно време, во последните месеци, се чувствува некакво раздвижување во СДСМ од аспект на понудата, меѓутоа за жал сè уште Заев не ја контролира својата партија. Иако реков дека нема да се мешам во работата на туѓи партии, морав ова да го кажам. Од друга страна, исто и во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ја држи цврсто партијата внатре, без да дозволи слободна енергија да циркулира кај членството, кај граѓаните итн. Јас не сум човек кој се потпира на тој тип на авторитаризам, како што тоа го гледаме во овие две партии или во двете албански партии. Склон сум на слушање идеи од повеќе таргети. Мислам дека тоа ќе биде една нова вредност доколку Алијансата биде во улога да одлучува и веднаш повеќе граѓани ќе добијат позиција да кажат што мислат.

Ви забележуваат дека главниот фокус на вашата критика е најчесто насочен кон опозицијата, изоставувајќи ја власта или пак дека критиките кон власта се поблаги. Како го коментирате тоа?

За мене и власта и опозицијата се власт, тие се во парламентот. Не можеме ние да избегаме од одговорност на опозицијата за нештата што се случуваат во Македонија. Ако се вратиме во блиското минато, во Македонија опозицијата непотребно бараше предвремени парламентарни избори во 2011 година. Зошто ги бараа кога знаеја дека ќе ги изгубат и тоа катастрофално? Ако не знаеја, тогаш, како велиме, тоа е неспособна опозиција па да не може да се претпостави што може да случува. Значи, тоа се ноторни грешки што се направени на политичката сцена. Пазате, после тие избори имаме нов мандат од четири години на оваа власт. Огромна е политичката одговорност на опозицијата во еден таков потег. Од друга страна, не се согласувам дека јас не сум критичар на власта, кој ги чита моите колумни, кој ги гледа моите јавни настапи, јас не ги амнестирам од одговорноста за тоа што се случува денеска во македонската економија, во еден голем дел, исклучувајќи го делот на странските инвестиции за кои сметам дека е добро одработен и дека добро се одработува. Од друга страна, неквалитетно се решава проблемот со невработеноста во земјата. Не е решение вие да отворате работни места само во јавната администрација и луѓето преку томбола да ги собирате во јавната администрација. Забелешките ги даваме и кон едните и кон другите. Специфика на Алијансата за позитивна Македонија и моја лична е што со тие забелешки ги кажувам моите решенија и сум спремен на маса да дебатирам со сите од нив. Е сега, проблем е што во Македонија нема дебата.

Кога зборувате за црвените линии за националните прашања, во што се разликуваат вашите црвени линии од оние на владејачката партија?

Ние тргнуваме од позицијата дека македонскиот идентитет е нападнат. Нашата црвена линија е дека треба да го одбраниме нашиот идентитет. Забелешката кон ЕУ е што има повеќе аршини кога ја зазема позицијата кон Македонија. Јас се согласувам со премиерот на Грција, Самарас, кога вели дека ние немаме проблем со Грција, ние имаме проблем со ЕУ во суштина, меѓутоа и забелешката до ЕУ е дека не може во извештаите од почетокот на оваа деценија, на минатата деценија, да стои македонски народ, македонски јазик, а во последните извештаи тоа да биде калкулативно, срамежливо, де ќе има, де ќе нема, го има некаде, а никаде експлицитно нема македонски народ, македонски јазик итн., и тоа се двојните аршини на ЕУ и затоа велам дека македонскиот идентитет е нападнат, директно од Грција, индиректно практично преку Брисел. Нашата црвена линија е следна: Македонското име, Република Македонија, уставното име треба да се задржи. Тоа ако се реши, Македонија може да разговара за име за меѓународна употреба или за промена на референцата, кој како сака нека го каже. Тоа подразбира Грција да го напушти принципот за ерга омнес име.

Што станува со географската одредница, пред, по Република Македонија?

Се преговара, тоа се преговара, тоа е прашање за кое се преговара, меѓутоа ние сме два чекори назад. Ние не сме дојдени до точката да преговараме за одредниците и затоа кај нас се лицитира со разни одредници, а бегаат сите од суштината на темата. Суштината е дека напуштањето на ерга омнес од страна од страна на Грција би го ослободило просторот за преговори.

Зошто сметате дека Скопје 2014 треба да продолжи и понатаму и покрај истражувањата коишто покажуваат дека голем дел од населението повеќе не се согласува со продолжување на овој проект?

За што зборуваме ние? Зборуваме за спомениците или зборуваме за зградите, инфраструктурата или зборуваме за естетика, каде што секој во државата може да дава естетски квалификативи. Јас се амнестирам самиот од одговорност за естетиката, поради тоа што се исклучувам од тој процес, не сакам да зборувам, не ми е тоа професија. Гледајте ги вие светските метрополи, гледајте го Париз, гледајте го Лондон, гледајте го Вашингтон ако сакате, во Вашингтон имате 100 вакви згради како Уставниот суд. Во Вашингтон тие згради се градени пред стотина, стотина и педесет години. Тие не правеле антиквизација некаква, како што кај нас сакаме да ја преведеме. Поради тоа не сакам да влегувам во тој тип на дискусии. Поборник сум за градење и во тој контекст велам дека во Скопје ми се допаѓа што се градат улици, што се градат згради, се согласувам со тезата дека се градат згради од јавен интерес, каде што државата ќе ја смести својата многубројна јавна администрација. Зошто да плаќа кирии кога државата треба да штеди, нели велиме. За спомениците, да, го имам ставот дека се премногубројни, дека во еден голем дел градот ни личи на гробишта, кога ќе поминете низ центарот на градот. Не се согласувам со таа претенциозност да се покаже сè на толку мал простор. За трите врби во Вардар имам забелешка, тие кај што чинат скапо, не ја гледам смислата до крај на нивното постоење. Триумфалната капија ми е некако како грешка ставена во градот итн. Тоа се мои лични ставови, забелешки и немам проблем тоа да ги искажам, меѓутоа поради неколку објекти коишто некој би ги имал како трн во око и на тоа да гради цела политичка платформа, да ми кажува дека во Скопје треба да се застане со градење, да не треба ништо да се гради, да се троши, тоа е лудост, поради тоа што на крајот на денот градежништвото е тоа што влече, тоа е базична индустриска гранка која ја влече целата економија напред.

Не ли стравувате дека поради ваквиот ваш став којшто генерално звучи како голема поддршка за Скопје 2014, ќе ве етикетираат во јавноста или како провладин или дека се грижите само за интересите на вашиот партнер во Алијансата, господинот Минчо Јорданов?

Јас пред малку во одговорот мислам дека добро го отсликав мојот став за Скопје 2014. Јас од етикети не се плашам, ми беа залепени досега десетици етикети. Пред некој толку едноставно, симплифицирано, па да речеме и ступидно постапува и ги лепи тие етикети на таков начин, да размисли каква штета нанесува на јавното мислење, поради тоа што не можете вие едните да ги нарекувате талибанци во медиумите, а талибански да се однесувате на истиот тој начин кон неистомислениците од другата страна. Каква порака праќаат медиумите или тие што нè етикетираат. Дека утре тие да дојдат на власт ќе бидат исти во суштина и ништо нема да се смени. Мислам дека треба да продолжи да се гради Македонија, не само Скопје, треба и Штип да се гради, треба и Битола да се гради, треба и Охрид да се гради. Што сакаат опозиционерите да ни всадат во главите преку вакви проекти? Замислете да не се гради, замислете тоа да застане и да биде ругло уште 20 години, тоа ли е сценариото?
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG