Достапни линкови

Извршната власт над сите други


Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите се нотира загриженост во поглед на владеењето на правото во земјава.

Од апсења пред камери до спречување на мирен протест, владеењето на правото и стабилноста на надзорните институции во Македонија предизвикуваат загриженост кај меѓународната заедница.
Главното прашање е дали Македонија има стабилни институции кои гарантираат владеење на правото, заштита на човековите права и почит и заштита на малцинствата. Очигледно е дека медиумите се клучна компонента за успешна работа и независност на овие институции.
Мариет Схурман, амбасадорка на Кралството Холандија во Македонија.

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите се нотира загриженост во поглед на владеењето на правото во земјава. Годинава се нотира и посебна загриженост за слободата на изразување и состојбата во медиумите. Амбасадорката на Кралството Холандија, Мариет Схурман, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека станува збор за суштински прашања.

„Главното прашање е дали Македонија има стабилни институции кои гарантираат владеење на правото, заштита на човековите права и почит и заштита на малцинствата. Очигледно е дека медиумите се клучна компонента за успешна работа и независност на овие институции и затоа ова прашање добива на внимание и е претставено како клучно. Од друга страна, пак, е и судството, кое исто така добива многу внимание во овој извештај“, вели Схурман.
Ние секојдневно се соочуваме со евидентен притисок на извршната власт врз другите власти.
Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншкиот Комитет за човекови права во Македонија.

Ако се има предвид дека основниот столб за заштита на човековите права е судството и со оглед на недовербата на граѓаните во оваа институција и симптоматичните пресуди, тогаш е јасно дека не може да се зборува за некаква стабилност на институциите, вели претседателката на Хелсиншкиот Комитет за човекови права во Македонија Уранија Пировска.

„Ние секојдневно се соочуваме со евидентен притисок на извршната власт врз другите власти. Предоминантна е Владата на Република Македонија и не само што не може да се зборува за стабилност, како, да речам, ефективност и функционирање на институции, туку веќе може да зборуваме за тоа дека и принципот на поделба на власта е повреден со тоа што извршната власт го има приматот во Република Македонија“, вели Пировска.

Амбасадорката Схурман потсетува дека во извештајот на комисијата се нотира посебна загриженост за фундаменталните, или основните права и слободи.

„Се чини дека кога станува збор за крајната линија на стабилноста и независноста на надзорните институции, тука се Собранието, медиумите и судството. Има сериозна загриженост од прекумерна контрола и за користење на одредени механизми на политизиран и селективен начин. Можеби тука станува збор само за перцепции, но има такви перцепции и потребно е справување со нив“, вели Схурман.

Тешко е да се предвиди што би се случило доколку дојде до поголемо дестабилизирање на институциите кои би требало да ги штитат основните човекови права и слободи, вели Пировска, додавајќи дека постои голема правна несигурност меѓу граѓаните, дека сè што се случува оди на штета на човековите права. Покрај владеењето на правото, Европската комисија во извештајот како области за кои постои загриженост ги издвојува независноста на судството, борбата против криминалот и корупцијата, спроведувањето на Мартовскиот договор, и на Рамковниот договор.
XS
SM
MD
LG