Достапни линкови

Кои уште земји чекаат пред прагот на ЕУ?


Европската унија се подготвува за ноемврискиот самит со земјите од поранешниот советски блок кои се заинтересирани за поблиски врски со Унијата. Некои од нив годинава ги завршија преговорите за соодветните договори кои им го овозможуваат таквиот статус. Сепак, се уште има многу пречки за шестте поранешни советски републики во процесот наречен Источно партнерство.

Грузија, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Молдавија и Украина треба да направат уште многу пред самитот на Источното партнерство што треба да се одржи во Виљнус 28 и 29 ноември годинава.

„Виљнус ќе биде најзначајниот состанок досега во Источното партнерство, бидејќи сега ќе треба навистина да преземеме чекори кон интеграција. Договорите за асоцијација и за слободна трговска зона се значајни и за економскиот и социјалниот развој на овие земји“, изјави шефот на шведската дипломатија Карл Билд во интервју за молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Токму, Молдавија е означена како најдобар ученик и како успешна приказна и покрај некои пречки на патот, како политичката криза во почетокот на годинава, но и оние што ги постави Москва.

Во јуни Кишињев ги заврши преговорите за спогодбата за асоцирање со Европската унија која ќе ги зацементира односите со Брисел.

Сега се разговара за договор за безвизен режим, по што се очекува таа земја да добие статус на потенцијален кандидат, каков што имаат Босна и Албанија.

„Ако сакате да станете членка на Европската унија, тогаш би требало да се однесувате како веќе да сте тоа. Значи треба да се борите против корупцијата и да имате фер судство и конкурентна економија“, смета шефот на полската дипломатија Радек Сикорски кој во Киев му порача на украинскиот претседател Виктор Јанукович дека изминало времето за разговори и оти е потребно ослободување на затворената екс премиерка Јулија Тимошенко.


„Измина времето за блефирање и за двете страни. Сега е време за акција“, рече Сикорски, прецизирајќи дека договор за Тимошенко треба да биде постигнат до министерскиот сотанок на Унијата на 18 идниот месец.

Украина е најнепредвидливата од сите

Киев има отидено најдалеку во врска со слободната трговија со Унијата, но се уште не се знае дали тој договор ќе биде ратификуван од членките на Унијата кои сакаат поголеми изборни и судски реформи. Грузија, како и Молдавија, се смета за лидер во регионот. Но исто како и со Украина, Брисел сака расчистување со наводите за политичко мотивирани кривични гонења против претставници на опозицијата.
Да бидам јасен. Одлуките за Асоцијативните договори се суверени одлуки на тие земји. Тие не значат и предавање на нивниот суверенитет на Брисел. Напротив, тие значат зацврстување на нивниот суверниет преку европските стандарди.
еврокомесарот за проширување Штефан Филе

Ерменија, која останува тесно поврзана со Русија, во Виљнус ќе има асоцијативен договор и спогодба за слободна трговија со Европската унија, но како и во случајот со Грузија, во преамбулата на асоцијативните договори овие две земји не се дефинираат како можен дел од Унијата.

Тоа, според аналитичарите би можело да значи дека нивниот пат до Брисел би можело да биде блокиран, барем во догледна иднина. Брисел треба да го убеди Ереван и во врска со царинската унија со Русија.

„Тоа е одлука донесена од Ерменија и е базирана врз многу конкретната ерменска геополитичка ситуација. Но, треба да се нагласи дека тие не го напуштаат источното партнерство. Тие се под своевиден притисок и по Вилнус ќе видиме како можеме да ги развиваме односите со Ерменија“, вели Карл Билд.

Азербејџан и Белорусија најдалеку

Азербејџан е единствената земја во оваа група која не негува никакви намери еден ден да и се придружи на Европската унија.

Во тек се преговори за слободна трговија, а се работи и на договор за визна либерализација и реадмисија. Брисел и Баку се заинтересирани и за подлабока соработка во енергетскиот сектор.

Европската унија го идентификува Азербејџан за клучен играч во потрагата по намалување на нејзината зависност од руски природен гас. Белорусија, секако е црната овца во оваа група.

Не води разговори за асоцирање или за слободна трговија, па дури не се знае кој би можело да ја претставува на самитот во Виљнус. На претходниот собир на Источното партнерство, столчето на Белорусија во последен момент остана празно.

Брисел сака да го одбегне истото сценарио, но исто така не сака да види никој од 200 поединци кои се на црната листа на Унијата по задушувањето на опозицијата по изборите пред три години.

На шефот на белоруската дипломатија Владимир Макеј му беше дозволено да го посети Брисел во надеж дека ќе може да се договори барем тој да учествува на ноемврискиот самит во Виљнус.

Говорејќи за самитот, еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Европскиот парламент оцени:

„Да бидам јасен. Одлуките за Асоцијативните договори се суверени одлуки на тие земји. Тие не значат и предавање на нивниот суверенитет на Брисел. Напротив, тие значат зацврстување на нивниот суверниет преку европските стандарди“, вели еврокомесарот Штефан Филе.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG